Ејуп Алими за вчерашниот прес: Јас само го користев службениот јазик на државата

by fokus

Пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими, денеска за „Фокус“ на македонски јазик кратко објасни зошто на вчерашната прес конференција го употребувал само албанскиот јазик, дури и тогаш кога одговарал на прашања на новинари од македонските редакции.

На прашање зошто не се обратил и на македонскиот јазик, Алими одговори со свое прашање.

-Немате колеги во „Фокус“ кои знаат албански јазик? Нели сакате заедно да живееме и да бидеме еднакви – ни одговори Алими.

Го прашавме координаторот на пратеничката група на ДУИ да ни одговори и како во иднина ќе се разбираме ако го користи исклучиво албанскиот јазик и ако го исфрли од употреба македонскиот, на што тој рече дека институциите се должни да обезбедат превод.

-Јас сум пратеник и институциите треба да обезбедат преведувач. Така е и обратно, ако некој Албанец не го разбира македонскиот јазик, треба да има преведувач. Зошто не ги прашате пратениците кои знаат албански јазик зошто не го користат? Јас на вчерашната прес конференција го користев службениот јазик на државата – рече тој по што ни се заблагодари за прашањата.

Гестот на Алими отвора нова пракса во односите на функционерите со јавноста. „Фокус“ го праша вицепремиерот, Бујар Османи, дали по стапките на Алими ќе одат и останатите функционери, но не добивме одговор.

Пратеникот Артан Груби не удостои со одговор, но одби да ни одговори дали и тој на своите прес конференции и јавни настапи ќе се служи само со албанскиот јазик.

-Прашајте ги останатите функционери, не можам да одговорам во име на други за тоа како ги користат своите законски права – рече тој.

Законот за употреба на јазиците стапи на сила откако на 14 јануари беше објавен во Службен весник. Со измените се проширува употребата на албанскиот јазик, но во ниту една одредба тој не е заменет со македонскиот, напротив македонскиот јазик останува прв во службената комуникација.

Одредбата 3 дури го регулира прашањето на кој јазик ќе зборуваат избраните и именуваните функционери.

„Избрани или именувани функционери на институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, како и други институции чие седиште е во Скопје или општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, во нивната службена комуникација го употребуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, доколку најмалку еден од избраните или именуваните функционери зборува службен јазик различен од македонскиот јазик“.

Иако функционерите имаат законска можност да го користат албанскиот јазик, сепак се обврзани да го користат и македонскиот.

Но под службена комуникација не може да се смести и повик на пратеник до новинарите за прес конференција. Тоа се регулира со кодекс на однесување и ниво на меѓусебна почит.

М.В.

Поврзани новости