Хуманитарна помош конечно ќе почне да влегува во Газа, откако со посредство на САД, египетскиот претседател Ал-Сиси се согласи да го отвори граничниот премин Рафа, единствениот што не е под целосна контрола на Израел.
Ова следува откако Џо Бајден вчера се сретна со израелскиот премиер Нетанјаху во Тел Авив, при што ја поддржа верзијата на Израел дека болницата во Газа била погодена со ракета на Хамас, убивајќи најмалку 471 лице, според последните информации од локалните власти.
Во прв момент, во Газа треба да влезат 20 камиони со хуманитарна помош, кои со денови се заглавени на полуостровот Синај, а испораката би требала да почне утре, кажа Бајден. Засега нема најави дали ќе биде дозволено преку преминот да поминуваат луѓе, што првенствено со однесува на странците и Палестинците со двојно државјанство.
Според шефот на Црвената полумесечина за северен Синај, Халид Зајед, на преминот чекаат повеќе од 200 камиони со 3.000 тони помош.
„Она што се случува во Газа не е само војна против Хамас, туку и обид да се натера цивилното население да мигрира во Египет, што нема да го дозволиме“, кажа Ал-Сиси.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) велат дека продолжуваат со постојаните воздушни напади долж целиот Појас Газа, тврдејќи дека само во последните 24 часа биле уништени стотици елементи од инфраструктурата на Хамас. ИДФ кажа дека е убиен Рафат Абу Хилал, шефот на военото крило на Комитетот на народниот отпор, третата по големина вооружена фракција во Газа.
Според властите во Газа, во досегашните воздушни напади загинале 3.748 луѓе, а 12.000 се ранети.