На 27-ми април 2017 година за време на протестот во Скопје што подоцна резултираше со упад од демонстрантите во зградата на Парламентот, вкупно 21 новинари беа под закана или им беше забрането да известуваат на местото на настанот. Еден од нив беше Горан Трпеноски кој вчера беше одбиен од Граѓанскиот суд во Скопје кој не му го призна статусот на новинар. Европската федерација на новинари (ЕФН) и нејзината членка, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го оспоруваат толкувањето на македонскиот суд и го повикуваат уште еднаш да ја разгледа својата одлука.
Како што соопштува ЗНМ, Горан Трпеноски известуваше за настаните на 27 април 2017 година за онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК (sdk.mk). Откако кон него беа упатени закани се одлучи да поднесе тужба за попречување на правото за пристап до информации и нанесената психолошка штета. Вчера, во својата пресуда, судијката Јованка Спировска Панева објасни дека во тоа време Трпеноски не бил новинар затоа што работел за онлајн медиумот (sdk.mk), што според Законот за медиуми не се смета за медиум. Понатаму во оваа пресуда, судот не го признава правото на информација како уставно право.
-ЕФН и ЗНМ сметаат дека со оваа пресуда се кршат европските правни стандарди за слобода на печатот, дефинирани од Европскиот суд за човекови права. Оваа пресуда ја прекрши и судската пракса на Апелациониот суд во Македонија со која се потврди дека не треба да им се ускрати позицијата на новинар на професионалците кои работат во интернет медиумите. ЕФН се приклучува на нејзината членка ЗНМ во барањето да се преиспита оваа пресуда со која се нарушува слободата на печатот, стои во соопштението на ЗНМ.
Европската Федерација на Новинари (ЕФН) е најголемата организација на новинари во Европа, која застапува повеќе од 320,000 новинари во 72 новинарски организации во 45 држави.