Збор е најмалата единица во јазикот. Зборовите имаат значење и фонетска вредност и тие се градат од гласови (во говорот) и букви (во пишан текст). Зборот може да содржи еден или повеќе гласови (букви) а неговата основна одлика е дека има значење. Со комбинирање на зборовите се градат посложени форми фрази и реченици со кои своите мисли, забележувања, чувства им ги пренесуваме на другите односно тоа е средството и начинот на комуникација со светот околу нас. Посложените форми на зборови, користени според правила формираат еден јазик.
Пишува: Ѕвонко Давидовиќ
Јазикот е основно средство за комуникација помеѓу луѓето, но е и слика на историјата, посебноста и развојот на еден народ, одраз на културата , напредокот и културното творештво и жив симбол на еден народ.
Постојат многу дефиниции за тоа што е јазик и какви се функции има но сега нема да пишувам за тоа, туку ќе се осврнам на тоа колку како народ внимаваме на нашиот јазик и неговата употреба.
Постојат нации кои љубоморно го чуваат својот јазик и неговата „чистота” и тоа го прават преку институциите на системот. Пример за тоа е Франција во која Академијата за наука и уметност е задолжена за зачувување на чистотата и изворноста на францускиот јазик.
Јазикот може да поврзува народи, но може и да биде пречка која ги раздвојува и поради која не се во состојба да се разберат. Еден од примерите за тоа може да биде Африка или било која афричка држава бидејќи во сите афрички држави постојат различни народи кои потекнуваат од различни племиња и зборуваат различен јазик. Но покрај англискиот истите создале и свахили јазик кој сите го учат и зборуваат и кој ги сврзува и
поврзува како средство за комуникација.
Покрај секојдневниот јазик и формите и изразите кои ги употребуваме во секојдневниот живот и комуникација постојат и делови на јазикот и зборови кои се употребуваат во посебни области или прилики. Правничкиот речник, дипломатскиот, медицинскиот, технички се разликуваат поради специфичноста на изразите, поимите, институтите кои ги употребуваат.
Јазикот кој го користи секоја индивидуа го покажува нивото на неговото образование, културата, воспитувањето, начинот на размислување..
За жал кај нас, во Македонија, воопшто или речеси воопшто не се внимава на јазикот, неговата чистота. Нашиот јазик изобилува со странски зборови, покрај турцизмите и србизмите, се побројни се странски зборови од англиско потекло. Бот, маус, констелација, конгломерат, индигнација, мултитаскинг, инфлуенсер, легислатива, прогрес, илузија, медијатор, бенефит, таг, хајлајт, даунлодира, форматира,бенчмарк, инклузија, ветинг….се само мал дел који денес се употребуваат наместо македонските зборови.
Но, не е употребата на странските зборови единствено она што загрижува. Особено е загрижувачка состојбата со неписменоста или полуписменоста. Не е неписмен само оној кој незнае да чита или пишува, неписмен е и оној кој незнае соодветно и на вистинско место да ги употреби зборовите или незнае да употреби правилен или соодветен збор.
Еден од таквите примери беше и обраќањето на Владата по повод смртта на англиската кралица. Добро е што тоа писмо некој го пишувал во „трезвени” моменти , а не под дејство на алкохол, инаку кој знае на што би личело. Вака се се заврши, за среќа, само на „светлите факели, планетарните освестувања” и други глупости кои нема да коментирам. Разумниот компромис и некрополата се уште се паметат и се уште служат за подбив и подсмев, како и многуте нови зборови и кованици кои поранешниот премиер му ги даруваше на македонскиот јазик.
Простотилакот освен меѓу политичарите во време на избори и партиски препукувања е длабоко врежан и во секојдневието и јазикот на обичниот човек. На чуден начин ја покажуваме радоста кога по подолго време ќе сретнеме пријател. Задолжително почнува со пцовка во која се спомнува мајката на пријателот онака од милост или се употребува друг збор кој има врска со парадата на поносот или полов орган. Омилените бе, бре, мори и ма се задолжителни во меѓусебните обраќања. Чести се и изразите кои посочуваат определени животни и тоа особено домашни животни како што се кокошка, гуска, коњ, вол, свиња, коза, овца….
Големо внимание посветуваме и на кратење на имињата на луѓето па еден Алескандар е и Аце, Ацко, Сашко, Саше, Благоја е Бале, Баге, Христина е Кика, Елеонора е Ели…
Деминутивот ни е омилен па порачуваме сиренце, лепче, ајварче, мевце, додаваме солца, биберче а може да додадеме и маслинче.
И потоа се жалиме како другите не ни го признаваат и почитуваат јазикот и ни го менуваат името. Ееее македонче….
„Внимавајте на своите мисли, тие стануваат зборови. Внимавајте на своите зборови, тие стануваат дела. Внимавајте на своите дела, тие стануваат навика. Внимавајте на своите навики, тие стануваат карактер. Внимавајте на својот карактер, тој станува ваша судбина.” Lao-Tze.