Ееее, не! Не сме сите ВМРО!

by Фокус

Текстот е објавен на 21 февруари 2014 во неделникот „Фокус“.

Пишува
Ана ПАНОВСКА

Се сеќавате ли, мили мои, актуелни Македончиња, интелектуалчиња, квазиновинарчиња, бизнисменишта, ситни трговчиња, историчарчиња, активисти за човекови права, учени и неучени, како беше во раните деведесетти години, кога во еден силен залет тргна повеќепартискиот политички систем, свртувањето кон капитализмот и осамостојувањето на Македонија? Бевте во најсилните години, тука, нешто пред триесет, накај четириесет и пет години. Доволно искусни и доволно јаки светот да го кренете на плеќи.

И, што? Од сиот тој историски вриеж, клокотење и изблик на свежа енергија, Македонија, сега, речиси четврт век подоцна, издиша! Се претвори во една обична, застоена баруштина, покриена со зеленушкава скрама, под која полноглавците си пливкаат, се дујат и чекаат да станат важни жаби, што громко, хорски ќе закрекаат: ВМРО – Македонија! – имитирајќи го романтичарското црцорење на чичко Митко и неговите врапчиња.

А, тоа време поголемиот дел од Македонците го доживеаја како: „Е, сад му је матер!“ Митинг на ВМРО, среде Скопје, невиден! „Албанците ќе ги средиме еднаш засекогаш! Од комуњарите поштук да нема! Одиме на Солун! Југославија? Поплукај се в пазуви, скраја да е! Море, делете ја, парчете ја, пак ќе биде…“ Што? Што ќе биде?

Господе, Боже, колку во тоа време стана важно да имаш, ако не дедо, прадедо, тогаш барем некој сват од втора братучетка што бил комита или војвода, или барем некој род од видните луѓе на организацијата, е, тогаш топ не те бие! Чиниш немаше куќа во која стрештено не се трагаше по каква-таква вмровска анегдота која ќе ја докаже борбата на македонскиот народ, и улогата на твојата маленкост во неа во тој историски триумф!

ДОЈДОА ДИВИ, ИЗБРКАА ПИТОМИ

И така, во таа сеопшта врева на фалбаџиство, перчење, јуначење и подлизување, се создаде најискривоколченото мислење, поточно, најпонизното правдање: ПА, СИТЕ СМЕ ВМРО! Ееее, не! Не сме сите ВМРО! Македонци, сме! И тоа чистокрвни! Патриоти сме! Докажани. Ама, не сме ВМРО. А, сега, што правиме? ВМРО не е Македонија. ВМРО е само едно почетно политичко движење за Македонија, кое, рака на срце, се шантрало на многу страни и, за жал, токму поради тоа било и трагично, и неуспешно!

Очигледно, сјајните умови на кои им било јасно каде и како треба да чекори македонскиот народ во борбата за слобода морале да се дистанцираат од врхушката на таквата револуционерна организација, која или не сакала, или не знаела, или се плашела да стегне заби. Тоа е времето кога сите балкански народи со мило, со драго, со понизност и со додворување кај големите сили, оставајќи ги зад себе славните востанија и воздишките по нив, ментално потковани, со јасна политичка логика за возможното, се избориле за свои самостојни држави.

Толку! Нема правдање! Те, нас не нè сакале, те нè мразеле, те страшно стратешки сме биле важни, па сите кршеле копја околу нас… Гревота! Учителката е крива. Онаа, историјата, учителката на животот.

И таа е навистина виновна. Таа направи од историското подземје да излезат сомнителни ликови, со кои некои дворски историчари слаткоречиво ни ги полнат главите со некои настани чијашто историска вредност и историска аргументација не оди подалеку од прикаските на дедо ми Јонче кога раскажуваше како било за време турско.

Секоја чест на оние Македонци, што крв пролеале за Македонија, за нив песни се испеале, на школо сме ги учеле, споменици им се подигале за да се поклонуваме пред нив со почит, со генерации и генерации во тоа време, комуњарско. Големите херои секој народ ги препознава. Тука немаме никаков кабает. Во државна химна сме ги опеале, по нив имиња на места, населби, училишта, булевари сме дале…сето тоа од срце се правело во тоа време, комуњарско.

А, сега, дојдоа диви, избркаа питоми! Ги истопорија кутрите наши херои на коњи, набрекнати; ги надуја опнато, како дигачи на тегови на некој селски панаѓур. Им ја убија магијата на карактерот, на онаа топлина, духовност, отмена воздржаност, како на пример, господскиот став на Гоце Делчев што го знаеме од читанките, комуњарски.

А, некои од преродбениците, тие мачни души, големи, учени луѓе, можеби и не биле јуначишта во снагата, туку биле силни во умот. Како еден Крсте Петков Мисирков, кој стои скромно, скаменет во каменот, како наврната минијатура, наспроти колосите покрај триумфалната капија, стои и чиниш очите му капат од срам… Тој, Крсте Петков Мисирков, кој на крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век силно ја чувствувал посебноста на македонскиот идентитет и пишувал, и научно ги поставил столбовите на денешниот стандарден македонски јазик, на нашиот идентитет.

ПОКАЈТЕ СЕ!

Се разбира, тогаш, во тоа време на општа неписменост, не сите имале јасна мисла и став кои сме и што сме. Да не грешиме душа. Многумина збркано се грчеле, се колебале, се костеле…, те ќе се засилеле, море, Македонци сме, па ќе се скршеле, ќе се повлечеле… па пак назад, и така, како во породилни маки и тие на некој начин се вградиле во нашата самобитност, во нашите „Македонцки работи“.

И сега, драги мои вмровци, кои насекаде сте се протнале, во сите партии и непартии, во владини и невладини организации, кај разни сеирџии и бадијалџии, кај сите мислители безумни, сега, кога тој Крсте Петков Мисирков би можел од некоја страна да ве ѕирне, па да види што правите со нашиот суштински идентитет и јазик, кој пред седумдесет години и научно, и официјално, и меѓународно беше признаен, би ве плукнал в лице и вас, но и нас!

Со силно чудење би се прашал кој враг ни влегол, та да се зафатиме со разградување на нашата посебност како славјански македонски народ и сосила, со ништо предизвикани, да се лакомиме по некој нов идентитет, антички, библиски, небесен, вечен…! Ало! Побожни демохристијани, Господ не милува и не простува таква нескромност, таков грев. Покајте се!

А, за покајување, драги мои вмровци, имате еден многу, многу голем грев, не пред Бога, туку пред македонскиот народ!

Го раскаравте, го поделивте и го наполнивте со гној, омраза, завист и зла крв, внатре во ткивото! Тој грев како ќе си го носите, вие си знаете! Национално помирување? Со ДПМНЕ? НЕ! Ете, гледате до каде нè доведовте? А, ние бевме вистинските национал-романтичари, патриоти. Не бевме ВМРО, туку обични, простодушни Македонци. И ние пеевме комитски песни и ние на нашите деца, а подоцна и на внучињата, им раскажувавме за Гоце, за Даме, за 1762 лето… за владиката Доситеј, како тајно го донеле во Македонија, тие, комуњарите, за да се возобнови Македонската православна црква… за што уште не?

А, сега, Аминта, уште, пак, и Трети! Го видела жабата коњот, онаа жаба што крека ВМРО – Македонија!… па се решила и таа да има сјајни потковици – и, оп, ете ти го „Скопје 2014“.

А, не можам, и покрај сè, да сфатам која потреба ја имавте да нè настрвите едни против други. Имате некоја мака, се повикувате на историското ВМРО, му ги припишувате сите возможни и невозможни заслуги, а внатре во душата ве пече, ау, како ве пече, можеби тоа што тоа ВМРО не успеало да направи држава! Што можеби не сакало ваква држава. Можеби ве пече тоа што партизаните, комуњарите, ја направија државата Македонија? Го остварија сонот на генерациите пред нив.

Многу работи ве печат. Како да не можете да се носите со тоа што славата за создавањето на македонската држава ја зедоа други. Криво ви е, па сега за утеха сакате сè да разградите, да покриете, да закопате. Едноставно како да сакате оваа и ваквата Македонија да ја снема, докрај! Неуморно работите на тоа! Ама, друга Македонија нема! Берете памет, смирете се веќе еднаш!

ЈА ПОНИЖИВТЕ ДРЖАВАТА

Никој нема да ви ја даде тукутака оваа држава да ја раскрчмите. Ја осакативте, ја нагрдивте, ја пониживте, добро, и тоа, ете, требало да се прегрми. Ама, кај нас веќе долго трае и трае… некако не личи веќе на играчка! Веќе како да тера накај плачка! Во сите посткомунистички земји работата стивна. Националистите веќе одамна се издуваа, ептен надуените одлетаа кон небото, другите полека се издишаа као избрчкани, правливи балони кои, немаа каде, па пак паднаа наземи. Некои и крваво се поткачија, ама тераат напред.

„Ин како делајо Словенци?“ Ги величаат Народноослободителната борба на Словенија и словенечките партизани исто како што го величаат и Прешерн. Десничарот Јанша, левичарот Кучан, и сите леви и десни функционери, наредени во првиот ред во преполнетата сала на „Цанкарјев дом“, среде викенд, им се поклонија на борците од НОБ и му дојдоа на Јанез Становник, претседателот на Боречката организација на Словенија, лани, на јубилејот на борците. Пренос на државната телевизија. Ечеа партизански песни, а претседателот на Републиката, Борис Пахор, го одликува со високо признание Словенечкиот партизански хор!

Леле! Гадни ли Словенци, секогаш се правеле интересни, па тие ти имале хор со такво компромитирачко име. Морници да те полазат! А, овие нашиве режимлии за раменици ги истуркаа борците, ги плукаат, ги лустрираат, ги понижуваат, уште со клоци што не ги маваат. И не само нив туку и сите нас кои не сакаме и не смееме да ги заборавиме седумдесетте години од нашата историја, па нека се тие и комуњарски. Тоа се клучните и единствените години од битисувањето на државниот организам на Македонија.

Национално помирување: НЕ! Прво, извинување и израз на длабоко почитување кон борците и воспевање на сите оние што ја градеа и ја изградија оваа држава, Македонија. Четката в рака и чистење на сите блујаници што ги истуривте врз видните творци од македонската култура, македонската архитектура, македонските медиуми, македонските полициски сили… НЕ! Четката за цртање, со која секојдневно го ретуширате нашето минато, ќе посакате еден ден и вас да ве ретушира… Само, тешко. Со ретуширање ништо не може да се заборави, ниту, пак, и вас некој ќе ве заборави!

Затоа, мои заблудени вмровци, кои ја сакате Македонија и душата ве боли за неа, препознавајте ги сите историски и човечки вредности, како што тоа се правеше во блиското минато. Бидете си тоа што сакате да бидете, ама има конечно да се помирите со нашето, непоколебливо, инаетливо: „Ееее, не сме сите ВМРО!“ Што сме? Па, Македонци сме, бре!

П.С.: Цело време се мислам што така го раскостија споменикот на Крсте Петков Мисирков. Прво го рашетуваа, па го снема, па потоа го спикаа покрај оние „големцине“, ако може некако да не се забележи. И, ми текна! Па, иницијалите биле! КПМ! Пу, пу, пу! Скраја да е, така и му треба!

Поврзани новости