Како МВР се обидуваше да ја сокрие вистината за убиството на Мартин Нешкоски

by Фокус 13:08
13:08

Текстот е објавен на 17-ти јуни 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 833

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

- Advertisements -
Banner Renault 300x250

Младите што протестираат, испровоцирани од убиството на 22-годишниот Мартин Нешкоски, секој ден револтот мирно го манифестираат и пред зградата во која се наоѓа владата. На некоја од околните бандери закачуваат црно знаме и со транспаренти во рацете седнуваат на булеварот Илинденска. Нивна цел е да запре полициската бруталност, која му го одзеде животот на Мартин, а одговорност гледаат и кај првата полицајка Гордана Јанкулоска, оти, впечаток на јавноста е дека МВР се обиде да го сокрие ова убиство.

На само неколку стотици метри од нив, на другиот брег на реката Вардар, сѐ уште стојат огромните билборди на кои се гледа насмеаниот лик на Јанкулоска. Тоа е дел од иконографијата, која му помогна на ВМРО-ДПМНЕ да ја однесе победата на претходните избори, чија прослава, пак, го однесе животот на младиот скопјанец!

ТВИТЕР И ФЕЈСБУК ЈА ИЗБОКСУВАА ВИСТИНАТА

Сега Јанкулоска сигурно не се смее. Ако ја прашате првата полицајка, таа веројатно ќе ви каже дека 6 јуни 2011 година требаше да биде запомнет како денот кога МВР го уапси Љубе Бошкоски за незаконско финансирање на изборната кампања на Обединети за Македонија, чин кој веројатно требаше да биде круна на изборната победа на нејзината партија!

Арно ама, не бидна така. Сметките ги измеша една навидум незначајна вест, која се појави на веб-порталот Нетпрес, во која очевидци тврдеа дека претходната вечер полицаец од редовите на Алфите до смрт претепал момче на плоштадот Македонија, каде вмровците ја славеа победата!

Истиот ден, до вестите на А1 телевизија во 19 часот, никаде на друго место не се појави ваква информација, но, затоа, на социјалните мрежи Твитер и Фејсбук информацијата се ширеше како шумски пожар. Младите експресно се организираа и се собраа пред фонтаната во градскиот парк во Скопје. Оттаму, преку плоштадот, отидоа да протестираат пред полициската станица Беко, извикувајќи ја паролата – Кој го уби Даниел?

До вторникот попладне, сите мислеа дека убиеното момче е извесен Даниел од Ѓорче Петров, а дека егзекуторот е припадник на Алфите, бидејќи таква информација дадоа очевидците за Нетпрес. Подоцна дознавме оти други сведоци на настанот истиот ден се јавиле во А1 телевизија, за да пренесат што виделе вечерта на плоштадот. Не мора да повторуваме дека МВР во понеделникот не даде никаква информација за случајот, иако новинарите го прашаа портпаролот Иво Котевски, дали постои таков случај? Тој само побара да пријават, доколку знаат нешто повеќе!

Вечерта меѓу младите што протестираа проструија и информации, дека наводно жртвата бил ирски фудбалски навивач, кој останал неколку дена во Скопје по натпреварот меѓу неговата и македонската репрезентација. Имаше и шпекулација дека убиеното момче е Французин, учесник на Баскерфест, кој се одржува токму на местото каде што се случи злосторството. Овие податоци звучеа убедливо, оти до тогаш, речиси 24 часа по убиството, никој јавно не го побара мртвото момче. Ниту пријателите, ниту фамилијата!

Уште позбунувачки беа информациите што се појавија во дневниот печат во вторникот. За пример може да се земе вестта што излезе во Вечер, во која новинарите се повикуваат на информации од полицијата. Во текстот се вели дека непознато момче на возраст од 23 до 25 години претходната ноќ било пронајдено починато на тревникот пред МЕПСО и дека полицијата излегла на терен околу 40 минути по полноќ. И тоа, внимавајте – по пријава на случајот од страна на граѓанин!?

Понатаму се вели, дека очевидци за полицијата изјавиле дека неколку минути пред полноќ, на плоштадот Македонија, каде што се одржувала културната манифестација Баскер фест, на непознатото момче му се слошило. Никаде нема вест за инцидент, а дека нешто не „штима“ во полицискиот извештај покажува и остатокот од веста, во кој се вели дека четири-пет лица го извлекле момчето до тревникот пред МЕПСО, каде што се обиделе да му помогнат. Никој не ги информирал новинарите дека станувало збор за полицајци!

„Била повикана Брза помош, но, нивното доаѓање било констатирање смрт кај момчето. Од страна на лекар, првично било констатирано дека на телото на починатото момче немало видливи траги на насилство“ – пишува во веста на Вечер.

Слична информација пласираше и порталот Форум, кој, пак, изворот од полицијата го лоцираше поточно, во СВР Скопје.

Следниот ден преку социјалните мрежи Твитер и Фејсбук младите уште помасовно се организираа за протести, со цел да се разјасни случајот, а во меѓувреме Нетпрес објави дека очевидците провериле дека убиеното момче не е тој Даниел од Ѓорче Петров во кој се сомневале. Патем, и полицијата во оваа скопска населба проверувала, дали недостасува момче во секоја куќа каде што живее некој со името Даниел!

Вистината за инцидентот на плоштадот се појави некаде по 14 часот, кога и веб-порталите објавија дека 33-годишниот припадник на Тигрите Игор Спасов е човекот што го претепал до смрт Нешкоски!

Клучната информација, која ја наведува јавноста да се сомнева оти полицијата го прикривала убиството, се појави на А1. Имено, телевизијата објави дека Институтот за судска медицина околу 13 часот во понеделникот усно ја информирала полицијата дека станува збор за насилна смрт. Според кажувањата на колегите од дневните редакции, полицискиот портпарол Котевски истиот ден свикал прес, кој го одржал околу 15 часот, при што ги повикал новинарите за да ги соопшти деталите за апсењето на Љубе Бошкоски. Како што веќе рековме, тогаш тој ништо не кажал за убиството!

ПОДМОЛНИОТ ПЛАН Б?

Сите ја чувме изјавата на мајката на починатото момче, која избезумена велеше дека државата и го убила детето и оти кај нив „доаѓале од ВМРО да ги убедуваат да молчат“. Подоцна, братот на убиеното момче, Александар Нешкоски, пред групата млади што протестираат објасни дека Мартин вечерта се обидел да се качи на бината каде што бил премиерот Груевски и најверојатно тоа било причината за реакцијата на тигарот Спасов.

Точниот мотив за убиството не се знае, полицискиот специјалец молчи, но, она што можеше да се чуе како шпекулација е дека навистина Нешковски се качил на бината и таму се расправал со Спасов. Потоа почнал да бега, но не успеал и до смрт бил претепан!

Како причина за смртта се наведува повредата во близина на челото, кај коренот на носот од каде што тргнало крварењето во мозокот. Судска медицина установила и други пет удари по телото, веројатно од клоци, како и гребаници по рацете и нозете, за кои се претпоставува дека ги добил кога паднал бегајќи. Во крвта на Нешкоски било најдено одредено количество алкохол, а на еден од протестите неговиот брат објасни дека бил „поднапиен“!

Како што многумина до сега констатираа, да не беше веста на Нетпрес, веројатно денес немаше ни да знаеме дека некој го убил Нешкоски. Но, никој не можеше да ја предвиди моќта на друштвените медиуми како Твитер и Фејсбук да ги мобилизираат младите во потрага по одговорите на прашањата што ги отвори сведокот за Нетпрес!

Мора да се каже дека, покрај тоа што најверојатно имавме обид за сокривање на вистината, во наредните неколку дена како да се насетуваа контурите на одреден План Б за избегнување на одговорноста на МВР, па и за намалување на онаа на Спасов.

Прво, само три часа откако се дозна вистината, интернет-портал близок до владејачката партија објави текст со наслов  „Убиеното момче било член на ВМРО“ во кој пренесуваат изјава од Котевски, оти момчето носело обележја на владејачката партија и дека ВМРО-ДПМНЕ ја потврдиле информацијата за членството. Овој факт подоцна го соопшти и премиерот Груевски и подмладокот на неговата партија. И, ако се чудите, зошто некој има потреба да пласира ваква информација, ние ќе ви кажеме оти уште повеќе не ни е јасно, зошто полицијата изјави дека Нешковски бил криминалец!?

Имено, во вторникот за Дневник, Котевски дал изјава во која вели дека „починатиот е Мартин Нешкоски, кој е евидентиран во полицијата како извршител на кривични дела“!!!

Чичкото на убиеното момче во изјава за А1 се пожали оти слична информација пласирала и Сител телевизија, па, поради тоа ја повика оваа медиумска куќа да го покани да гостува кај нив!

За она што се случуваше откако се дозна вистината, клучна е повторно вест на Нетпрес. Веднаш во средата на овој веб-портал се појави изјава од поранешниот заменик-командант на Тигрите, Стојанче Ангелов. Тој таму тврди дека тигарот Игор Спасов боледувал од пост-воен синдром, бидејќи учествувал во борбите од пред десет години и за него има само пофални зборови, но, истовремено, генералот предупредува дека специјалците како него се темпирани бомби!

По сето ова, дури во средата следеше изјавата на премиерот Груевски со која тој изрази сочувство за загубениот млад живот. Она што е чудно во овој говор на премиерот е фактот дека тој подолго зборува за реакцијата на СДСМ и за известувањето на А1 околу убиството, отколку за самото злосторство!? Во една таква пригода, тој си дозволи да им дели лекции на опозицијата и на медиумот, како тоа не извлекле никаква поука од резултатите на изборите!!!

Интересни се коментарите на Фејсбук на неколкумина кои забележаа дека Премиерот рекол оти жали за изгубениот живот, но бил згрозен од А1. Коментарите одеа во насока, дека можеби би требало да каже оти е згрозен од убиството, а дека жали за тоа како известува А1. Иако ние за овој случај немаме некои забелешки околу известувањето на телевизијата!

Сакале да верувате или не, но претседателот Ѓорге Иванов изрази сочувство дури во саботата, додека такво нешто не чувме од преставниците на најстариот и најголемиот универзитет во земјава!

„Никаква реакција немаше ниту од МПЦ, ниту пак од ИВЗ, или можеби за нив ќотекот е излезен од рајот“ – саркастично коментираше еден твитерџија.

МИРНИТЕ ДЕМОНСТРАНТИ СЕ ПРОБЛЕМ ЗА МВР?!

Иако многумина, па и на шега, очекуваа контрапротести на демонстрациите кои ги организираа младите, тоа сценарио сепак не се случи. Проблемот што власта го има со овие собири е фактот дека тие навистина се спонтани, а дечките од петни жили се борат нивниот револт да не биде партиски или било како обоен.

Сепак, грев е да речеме дека властите не се обидоа да ги дискредитираат протестите со мала помош од нивните пријателски настроени медиуми. Најконкретен пример за тоа е вестта, која, ако убаво ја прочитате, добива и монтипајтоновски димензии. Полицијата информираше дека минатиот петок околу 20 часот пред трговскиот центар Рамстор бил нападнат полицаец, кој го обезбедувал протестот за Нешкоски. Наводно, група од четворица го нападнале од зад грб и му го земале пиштолот.

Иако не ни е јасно, каде биле неговите колеги, бидејќи полицајците ги обезбедуваат протестите во групи од двајца до тројца, сепак многу погласно говорат фактите на младите демонстранти. Тие на својот сајт protestira.me објавија фотографии кои покажуваат, дека групата што протестирала во тој период била на раскрсницата меѓу улиците Партизанска и Рузвелтова и дека дури еден час подоцна дошле пред Рамстор, онаму каде што наводно се случил инцидентот. На сите што добро го познаваат Скопје, од ова јасно им станува дека најверојатно овој инцидент (ако воопшто имало таков) нема никаква врска со протестите на младите!!!

Во меѓувреме, провладината телевизија Сител пренесе тонска изјава на таткото на убиеното момче во која тој ги замолува младите да престанат со протестите, но, види чудо, утредента неговиот син и брат на Мартин Нешкоски, Александар, ѝ се придружи на групата што демонстрира и фигуративно се изјасни дека протестите ги барал неговиот брат!

Кога сме кај медиумите што ја поддржуваат власта на Груевски, редно е да спомнеме оти тие, како во хор ја пренесоа анализата на американскиот аналитичар Умберто Паскали дадена на МТВ. Во неа, осврнувајќи се на протестите, Паскали вели дека целта била премиерот да биде претставен како зло, а зад тоа сценарио меѓу другите ги гледа и парите на Сорос!

Сепак, „најсветлиот“ момент во известувањето на провладините медиуми ѝ припаѓа на Сител телевизија. Овој медиум објави прилог во кој дава една хипотетичка ситуција. Тргнува од фактот дека Нешковски бил симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ и оти ја славел победата на партијата, па претпоставува оти убиецот Игор Спасов можеби бил симпатизер на СДСМ. Нивниот заклучок на оваа хипотетичка ситуација беше дека – Симпатизер на СДСМ убил симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ, злоупотребувајќи ја полициската функција!? Оваа вест денес не можете да ја најдете на сајтот на Сител, но, за среќа или за несреќа, твитерџиите успеаја да ја зачуваат во форма на фотографија!!!

Токму затоа, изреволтирани од прилогот, тие сега ваквите вести саркастично ги нарекуваат хипотетичко новинарство!

Додека го пишуваме овој текст, протестите на младите скопјани продолжуваат, а полека им се придружуваат и врсниците од другите градови. Доколку до сега некој не сфати што точно тие бараат, може да го посети сајтот protestira.me и детално да се информира, зошто тие секој ден во 18 часот маршираат по улиците на главниот град, тргнувајќи од спомен-куќата на Мајка Тереза. Накусо кажано, тие бараат до крај да се расветли убиството на Нешкоски, да бидат казнети сите што на некој начин го прикриваа овој инцидент и во иднина да има поголема контрола на специјалните полициски сили!

Сепак, и натаму буди сомнеж прашањето: Дали МВР сака да заштити некого, кој потоа дошол да му помогне на Игор Спасов? Сведоците тврдеа дека имало и полицајци во цивил, покрај оние во униформа, кои дошле на местото на злосторството додека Спасов уште бил таму!

Успех на социјалните мрежи
ЗА УБИСТВОТО ИНФОРМИРАА АЛ ЏЕЗАИРА, ВАШИНГТОН ПОСТ И СИ-ЕН-ЕН!

Со оглед дека многу од влијателните медиуми во странство имаат свои Твитер и Фејсбук профили, денес е полесно да се придобие нивното внимание. Па така, на македонските твитерџии им успеа да ја пласираат веста за полициска бруталност на медиуми како што се Ал Џезаира и интернет-сајтовите на Вашингтон пост и на Си-ен-ен.

Македонскиот блогер и твитерџија Дејан Велковски преку Скајп во живо зборуваше на Ал Џезаира, за неговото видување во врска со убиството на Нешкоски и за протестите, додека вест објавија и медиуми од речиси сите балкански и неколку европски земји. Интересно е дека со помош на твитерџиите, гласот стигна и до земја како што е Пакистан!

Двојни аршини
КОГА НЕ Е ВО ПРАШАЊЕ А1, МВР И ФЕЈСБУК ОДЛИЧНО СОРАБОТУВААТ!

Полицијата призна дека во соработка со Фејсбук успеала да тргне неколку групи кои преку кои младите се организираат на протестите. Оправдувањето на МВР е дека на тие фејсбук-профили имало повици за насилство, што може и да е вистина, но, генерално, администраторите на групите повикуваа на мирни протести.

Интересно е дека во овој случај полицијата одлично соработува со Фејсбук, ама, кога е во прашање аферата Перо Наков, тоа никако не може да и појде од рака. Фокус уште пред шест месеци побара МВР да ги пронајде луѓето што на Фејсбук ги објавија списоците на вработените од А1, каде меѓу другото се наоѓаа и нивните матични броеви. Погодувате, сѐ уште немаме добиено информација, од чиј компјутер се пуштени овие списоци!

Д-р Фросина ТАШЕВСКА-РЕМЕНСКИ, доцент на Факултетот за безбедност
СМЕШНИ СЕ ИЗЈАВИТЕ НА ЈАНКУЛОВСКА, ДЕКА ТИГАРОТ БИЛ АНГАЖИРАН ЗА ПАРТИСКА ПОБЕДА ПО УСНА НАРЕДБА!

Да имаа свеста за одговорност и професионално постапување, најодговорните во МВР одамна ќе си поднесеа оставки. Во најмала рака од морални причини, вели Ташевска-Ременски, која на Факултетот за безбедност го предава и предметот Полиција и јавност.

Разговарал
Владо АПОСТОЛОВ

ФОКУС Дали го делите впечатокот на јавноста, дека полицијата се обиде да го премолчи убиството на Мартин Нешковски или барем да купи време со криењето на инцидентот?

ТАШЕВСКА-РЕМЕНСКИ Некоординираното и несоодветно известување од страна на портпаролот на МВР, а подоцна и на министерката Јанкуловска, зборуваат за обидот на полицијата зад превезот на барањето индивидуална кривична одговорност на сторителот од своите редови, да ја прикријат инволвираноста и одговорноста и на други службени лица, кои, исто така, имаат одговорност во конкретниот случај. Поради тоа, јавноста доби впечаток дека полицијата поради политичката конотација на настанот направи обид да ги прикрие околностите во кои се случил!

ФОКУС Со тоа што ги познавате полициските процедури, дали може да претпоставите кој се знаел за убиството, а криел? Тигрите, другите полицајци, Брзата помош, судска медицина, истражниот судија..?

ТАШЕВСКА-РЕМЕНСКИ Сите нејаснотии во врска со настанот се потврда дека во целиот случај не се почитувани полициските овластувања од страна на полициските службеници кои му помагале на сторителот и основните начела на криминалистиката (законитост, брзина, единствено раководење и координација) во оперативното дејствување. Факт што настанот во Билтенот на СВР-Скопје е заведен/пријавен во 6.30 часот, односно, приближно 6 часа по критичниот час истиот ден, говори дека водењето на целата постапка почнало и многу доцна и со неточна квалификација (незнајна смрт), поради очигледно видливите траги на насилство кои требало да бидат констатирани од страна на СВР-Скопје.

Тоа, пак, од друга страна, се основите за задолжително излегување на Дежурниот истражен судија и Јавен обвинител на местото на настанот, што во случајот не било направено. Овој след на настаните остава простор за погрешен тек на целата оперативната постапка, која до моментот на самопријавувањето на сторителот (што се случи на 7 јуни), требаше да резултира со кривична пријава за убиство против непознат сторител, што за жал не се случи и покрај обдукцискиот наод на Институтот за судска медицина од 6 јуни, дека станува збор за насилна смрт!

МВР ПРЕКУ КОТЕВСКИ ЗЛОУПОТРЕБУВА ИНФОРМАЦИИ

ФОКУС:  Кој во овој случај треба да понесе политичка одговорност, со оглед дека младите бараат оставка од министерката Јанкуловска и од портпаролот Котевски? Има ли некој што треба да понесе кривична одговорност, ако се испостави дека МВР навистина го криело убиството?

ТАШЕВСКА-РЕМЕНСКИ Политичката одговорност и одговорност за злоупотреба на службената положба и овластувања треба да понесе министерката Јанкулоска, поради фактот што по целиот расплет на настаните не најде за потребно да издаде наредба за постапување за утврдување на одговорност за незаконито постапување на овластените службени лица и спроведување на контрола на почитувањето на професионалните стандарди.

Тоа ѝ е обврска, согласно Правилникот за вршење на работите на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на МВР (СВКПС). Во соопштенијата за јавноста на МВР, како и во своите изјави, Јанкулоска воопшто не спомнува дека побарала и дека ќе побара од СВКПС, да спроведе независна истрага за текот на постапката, соодветноста на постапувањето и одговорноста на учесниците во постапката, што зборува за директната одговорност на министерката во конкретниот случај. Доколку таква наредба од Министерката имало или ќе има, СВКПС треба да ја информира јавноста за постапувањето во конкретниот случај.

ФОКУС Телото било преместено од местото на злосторството. Дали можете да претпоставите, зошто е направено тоа и каква штета е направена на истрагата со преместувањето?

ТАШЕВСКА-РЕМЕНСКИ Со самиот чин на преместување на телото на настраданиот од првобитната локација е направена непроценлива штета на истрагата. Со тоа е оневозможен веродостоен увид, кој треба да резултира со обезбедување на материјални и биолошки траги, неопходни за истрагата. Во криминалистичката пракса е добро познато, дека обезбедувањето на местото на настанот е од непроценливо значење за истрагата, особено ако се работи за откривање и фаќање на непознат сторител на кривично дело убиство, што во случајот (доколку немаше самопријавување на сторителот), требаше да биде првичната кривична пријава од страна на СВР-Скопје до Јавното обвинителство.

Според изјавата на министерката и сведоштвата на очевидците – освестувањето, дислокацијата и реанимацијата на покојниот Нешковски, можеби биле пресудни за настапување на смртта, која е констатирана од страна на доктор по пристигнување на медицинската помош. Прашање е, исто така, дали, колку и какви траги обезбедило СВР-Скопје, кои треба да користат во истрагата за откривање на непознатиот сторител, во случај ако немаше самопријавување од сторителот два дена по убиството?

ФОКУС Во изјава на полицискиот портпарол, меѓу другото се вели дека убиеното момче било евидентирано во полицијата како извршител на кривични дела. За кого се МВР може јавно да даде таква информација и дали можеби ова е обид да се оправда постапката на Тигарот?

ТАШЕВСКА-РЕМЕНСКИ Фактот, дека станува збор за жртва која смртно настрадала од припадник на полицијата, а не за осомничен сторител на кривично дело, ги прави тие информации непотребни. Но, дадени со една нејасна и само за Котевски позната цел, што во ниту еден момент не го прави помалку вреден животот на Нешковски и не ја намалува вината и не ја оправдува постапката на припадникот на полицијата-осомничениот Спасов.

Давањето на овие информации за жртва од полициска бруталност е уште еден доказ, дека МВР преку портпаролот Котевски по којзнае кој пат злоупотребува информации, кои треба да послужат за одредени цели кои не се во согласност со функцијата и целите на МВР. Да ја имаа свеста за одговорност и професионално постапување, најодговорните во МВР одамна ќе си поднесеа оставки, во најмала рака заради морална одговорност!

ЈАНКУЛОСКА ИЗРИЧНО БАРА ИНДИВИДУАЛНА ОДГОВОРНОСТ

ФОКУС Колку поствоениот синдром може да биде оправдување за постапката на Игор Спасов, ако знаеме дека од војната поминаа 10 години?

ТАШЕВСКА-РЕМЕНСКИ Поствоениот синдром, кој беше посочен како можно (за мене неосновано) објаснување за постапката на Спасов, во ниту еден случај не може да биде оправдување на убиство од страна на припадник на полицијата. Истражувањето за психо-социјалната состојба на припадниците на безбедносните сили учесници во конфликтот од 2001 година, кое го спроведе Факултетот за безбедност, покажа дека специјалните единици на полицијата и Армијата, Тигар и Волци, многу подобро го контролираат и совладуваат стресот предизвикан од природата на работата која е високо ризична, што значи дека самоконтролата на стресот кај овие припадници не може да создаде посттрауматско стресно пореметување, познато како пост-воен синдром!

ФОКУС Каква е одговорноста на другите полицајци, кои заедно со Спасов се обиделе да го реанимираат претепаното момче, а случајот го пријавиле како смрт од непознати причини?

ТАШЕВСКА-РЕМЕНСКИ Иако министерката во својата изјава кажа дека полициските службеници се обиделе да го реанимираат сега покојниот Нешкоски, прашање е, што подразбрале под реанимација? Дали плискање со вода и удирање шлаканици, како што посведочија очевидците и беше кажано од министерката, или, пак, пропишана постапка за реанимација 30:2 (30 масажи на срце, потоа 2 вдишувања), пропратено со интравенско давање адреналин? Токму поради овие одговори, потребно е да постојат службени белешки од кои ќе се добијат информации за постапувањето на полициските службеници и осомничениот. Несоодветното постапување при реанимација, може да ги загрози минималните шанси повредено лица да преживее брутален напад. Останува чудно, како обдукцискиот наод утврдил скршен нос (кој остава видни траги од крв), а првичниот увид и контактот на полициските службеници во постапката за реанимација ја пренабрегнале оваа манифестна трага, па смртта ја завеле/пријавиле како незнаена смрт!?

ФОКУС Премиерот рече дека Спасов не бил на должност, а министерката Јанкулоска дека тој бил ангажиран по усна наредба. Дали Вие сфативте во која функција Спасов бил вечерта на плоштадот Македонија во близина на премиерот Груевски?

ТАШЕВСКА-РЕМЕНСКИ Повеќе од очигледно и јасно е дека Спасов ноќта спроти понеделникот беше дел од вонредното обезбедување на Груевски за време на прославата на изборната победа на владеачката партија. Изјавата на министерката, дека Спасов бил ангажиран по усна наредба, го отвора прашањето на одговорноста на другите службени лица, прашање кое во случајов со самопријавувањето се антиципира како непотребно за министерката, која изрично бара (чиниш наредува) индивидуална кривична одговорност.

Усна наредба за повлекување на овластено службено лице од должност (во случајот, повикување на Спасов од Куманово на задача за обезбедување на изборниот процес) и ангажирање како вонредно обезбедување на премиерот, за настан на кој се можни нарушувања на јавниот ред и мир, може да даде неговиот директно претпоставен или пак неговиот заменик (командирот на специјалната единица Тигар или неговиот заменик), кој е одговорен за обезбедувањето на премиерот. И редовното и вонредното обезбедување на премиерот, на вакви јавни собири не подразбира сменско работење и прецизно работно време, туку континуирана работа (обезбедување), се до завршување на настанот за кој има потреба од обезбедување (во случајот – до завршување на прославата на плоштадот и враќање на премиерот во неговиот дом).

Затоа, по малку смешни и непромислени се изјавите во кои оправдување/изговор за сторителот се бара од неговата ангажираност со усна наредба (не знаеме од кого?!), за работа (не знаеме која?!) и за време (не знаеме до кога?!). Затоа, претставниците од власта не треба да ги чуди политичката конотација, која овој настан ја доби по медиумскиот притисок, бидејќи медиумите објавија прилог во кој јасно се гледа улогата на Спасов како дел од обезбедувањето на Премиерот!

Поврзани новости