Едно време Груевски беше против она што денеска самиот го прави!

by Фокус

Текстот е објавен на 29 јули 2011 во неделникот „Фокус“ во двобројот 839-840

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

На страниците на Фокус можеби најмногу простор одделуваме за работата на премиерот Никола Груевски, што е и нормално, со оглед дека во државава тој е алфа и омега, судија и кадија, или, како што би рекле Србите – и Бог и батина. Овој пат решивме, наместо да пишуваме за него, да му одвоиме простор токму нему. Не се возбудувајте, не сме се умислиле дека ќе добиеме интервју со премиерот, во кое тој нашироко ќе ни ја раскаже неговата страна од приказната за Националната платежна картичка и за фирмите што ќарија од неа, или, пак, можеби ќе проговори за вистината околу Злетовица. Јок, до толку не сме наивни.

Сепак, ако не можете човеков да го најдете за таков муабет, неговите зборови и ден-денес во форма на колумни стојат на интернет-страницата на скопски Дневник. Таму, црно на бело, се напишани шареноликите коментари на Груевски за работата на Црвенковски како прајминистер, и, замислете, во овие текстови не му се обраќа по име, ами фино и учтиво како учениче кон професор, му се обраќа со зборот премиер. Во некои колумни и со големо П!

Тема на опсервација ни се дваесеттина колумни на Груевски, кога беше новата надеж на ВМРО-ДПМНЕ, во периодот од 2003 до 2005 година, период во кој почина претседателот Трајковски, на негово место дојде Црвенковски, а него пак го наследија Хари Костов и Бучковски.

ЗА ГРУЈО ИМАЛО „КОМАНДАНТИ” НА ДУИ

Со оглед дека актуелен е договорот на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за формирање влада, интересно е да се потсетиме што колумнистот на Дневник и тазе претседател на ВМРО-ДПМНЕ (тогаш сѐ уште без нож во грбот), зборувал за денешните партнери во власта. Како што претпоставувате, човекот што ја аминуваше амнестијата на Хашките случаи и што ја прошири службената употреба на албанскиот јазик во 2011 година, пред повеќе од шест години не мислел баш така. Од колумните се гледа дека не можел да ја преболи легализацијата на Тетовскиот универзитет во Мала Речица, а „коњак” лик му бил Хисни Шаќири. Неколку пати ги критикува пратениците на СДСМ, зошто дозволиле овој пратеник и поранешен припадник на ОНА да биде заменик-претседател на парламентот!

„Дали треба директните учесници во војната, тие кои веќе добија амнестија, сега и да бидат наградени? За што ги наградуваме? За што го наградуваме Шаќири, а по тој принцип и многу други?”, ќе праша Груевски, но тука нема да застане.

Неговата следна дилема е, како родителите на децата на бранителите ќе им објаснат дека нивниот татко загинал во одбрана на земјата, ако оние против кои се борел, премиерот ги поставува на клучни државнички позиции? Заклучокот од оваа колумна, повторно ќе биде низ реторичко прашање: „Неизвесно е уште колку награди кои немаат врска со рамковниот договор, ќе му додели СДСМ на својот коалициски партнер, за да се добијат следните претседателски избори и да се задржи власта”. Сето ова е сместено само во еден текст со наслов „Денешниот ден е учител на утрешниот”, од ноември 2003, а колумната гордо стои и на сајтот на ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем, како и сите негови текстови објавени во весникот.

Со ист стил продолжува и во наредното писание, каде што, меѓу другото, ќе заклучи дека кај нас (н.з. во Македонија), амнестија добија само оние што ја нападнаа државата. Во текстот – „Ласкањето е карактеристика за ситните души”, денешниот премиер се прославил со уште една многу умна дума. Таму е апсолутно сигурен оти во мултиетничките држави, како Македонија, ниту едно понудено решение во кое една од инволвираните страни се чувствува поразена или победена, нема трајност и не води кон мир и стабилност!

Тогаш навистина го мачела и двојазичноста во главниот град. И, по повод тоа решение, ќе напише дека на мала врата се воведува двојазичност во Скопје, иако последниот попис покажал дека нема ниту една малцинска заедница со над 20 отсто население во метрополата. „Но, некому му е потребна оваа работа, веројатно за да добие нешто  друго”, ќе прокоментира мудро Груевски!

Додека, пак, колумната со досетлив наслов – „Бетер” (на англиски), ќе ја отвори со следнава по малку саркастична мисла: „Нашата влада веќе неколку месеци е многу преокупирана со задоволувањето на желбите на т.н. ‘командант Баци‘ и на Али Ахмети. Така, целата пратеничка група на СДСМ, која го следи премиерот Црвенковски, силно е ангажирана да го убеди народот дека треба да се признае и да се финансира од државни пари дивиот, нелегален т.н. универзитет во селото Мала Речица кај Тетово”!

Интересна е грижата на опозиционерот Груевски и за легалните факултети, која ја покажува во текстот со исто така многу занимлив наслов – „Надеж”. Тој вели дека тогашната влада имала „човек од збор” за премиер и цврсто одлучила да инвестира и да отвора некој селски универзитет без тој да ги исполнува ниту основните критериуми за квалитет. (Затоа, пак, сега имаме мал милион приградски универзитети). За Груевски тогаш било спорно да се одвојуваат три милиони евра годишно само за плати на професорите и за материјални трошоци за овој универзитет, наместо владата да ги подобри условите за студирање на студентите на легалните универзитети!

Нам ништо друго не ни останува, освен да прокоментираме, дека токму ова е универзитетот во кој неговиот сопартиец Љубиша Георгиевски, од позиција на власт, секако, како спикер во Собранието, им се обрати на албански токму на студентите од овој универзитет, на одбележувањето на 13-годишнината од формирањето на оваа установа. Иако, токму Груевски во своите писанија ќе ги нарече студентите на ДУТ – оние на коишто не им паднало на памет да отворат фирма во Џепчиште, која била зона каде фирмите работеле како во Лихтенштајн или во Луксембург, односно без никаква контрола!

СЕ КРСТЕЛ ВО ХЕЛСИНШКИ

Пишувајќи за својот омилен лик, Хисни Шаќири, тогашниот лидер на опозицијата ќе нѐ запознае и со други неправди на владејачката СДСМ. Дел од колумната која веќе ја спомнавме, „Бетер” (на англиски), денес може да биде најостра критика кон спикерот Трајко Велјановски и неговата пракса, летечки да бутка закони по скратена постапка. Во неа Груевски го критикува експресното назначување на Хисни Шаќири (ви реков дека му е „коњак”) за потпретседател на парламентот и усвојувањето на законот за државјанство по скратена постапка. И тука, баш во оваа колумна, доаѓа до израз сарказмот што го красел нашиот пастир во зародиш.

„Следува експресна измена на деловникот за работа во Парламентот, со нови двојазични елементи, па територијалната поделба на општините итн. Добро е што не треба Парламентот да го одобри и легализирањето на дивото приклучување на струја на бившиот министер за правда или легализирањето на дивите клиники, куќи-дивоградби во Тетово и во Арачиново”, ќе напише тогашниот Груевски.

Но, ова не биле единствените проблеми што го тормозеле петочниот колумнист на Дневник. Верувале или не, тој бил засегнат од јавните медиумски линчувања, па, тогаш, во една прилика ќе се повика и на Хелсиншкиот комитет. Ќе потсети дека токму оваа, како и други меѓународни институции, реагирале за редицата од апсења, поништување приватизации, брутален однос кон странските инвеститори, политички пресметки со опозицијата, јавно линчување на бизнисмени, компании, поранешни функционери… без претходно судот да ја утврди нивната вина!

Малку подоцна, во друг текст, повторно ќе се повика на Хелсиншкиот комитет, односно на нивниот извештај, кој, според него, бил полн со критики за нарушени човекови права, повреди на демократските принципи, партизација во сите сфери и понатамошна ерозија на правото во државата, отпуштања заради учество во штрајк (еве кој би требало да се загрижи за отпуштените новинари на Утрински), голема сиромаштија, за судство кое е под политички притисок, користењето на притворот како казна и за нерешениот статус на бегалците!

За кратко да се вратиме во 2011 година, односно само неколку дена пред да излезе весников од печат. Груевци пуштија соопштение во кое се вели дека „здружението на СДСМ наречено Хелсиншки комитет” секогаш ги брани и ги застапува позициите на опозициската партија и секогаш е против ВМРО-ДПМНЕ. А, извештаите во кои се крстел опозиционерот Груевски се од времето кога со него управуваше Мирјана Најчевска, која пак денес е предмет на јавен линч токму во соопштенијата на неговата партија!!!

Меѓу писанијава, има и еден ироничен повик кон, како што вели Пастирот во најава, независната Антикорупциска комисија (во наводници): „Најпаметно ќе им биде да удрат уште по една проверка на работата на претходната влада, уште по некој прес за поранешните министри, директори, уште по некоја кривична на некој опозиционер”!

Во друг текст, пак, овој колумнист, кој подоцна како премиер во еден ден ќе прати четири инспекции во А1, ќе напише: „Сите економски министри зборуваат како некаде праќаат некои инспекции. А, и праќаат. Нормално, таму каде што им се може. На едно место, таму каде што не им е некој политички близок, покажуваат некаква сила, па знаат и сите инспектори во еден ден да ги испратат, на други места не, за каде што немаат дозвола од коалицискиот партнер или од своите…”!

ЗА НЕГО БРАНКО БИЛ ЛОПАТАР?!

Вредно е да се прочита, за што, впрочем, Груевски ја обвинувал владата на СДСМ, ако се знае дека неговиот прв братучед сега е шеф на тајната полиција. Во манир на голем колумнист, тој тогаш ќе ги искритикува бранковци оти „од еуфоричната декларативна борба против корупцијата денес се сведоа на арогантно и надмено одмолчување на јавно поставените прашања за корупција, криминал или за непотизам во нивните редови”.

Покрај оваа, тој забележал и друга манипулација на Црвенковски. Имено, човекот кој пред изборите ја заработи титулата „Лопатар” од Љубе Бошкоски (и не само од него), на почетокот од 2004 во колумната „Еуфориите на владата” напишал: „Премиерот и Владата неодамна влегоа во нов филм, нова еуфорија, еуфорија на привлекување и поттикнување инвестиции. Го баталија т.н. Бранков закон, иако до ден денешен го фалат дека бил многу успешен (тогаш зошто го напуштија?) и се фрлија на лопатите (отворање камен-темелници на државни инвестиции во проекти како што се брани и патишта )”!

Во истиот период, ама во друга колумна, повторно ќе му порача на Црвенковски да се сврти кон привлекување на приватниот капитал, оти тоа е „многу покорисно отколку да ги интензивира сликањата пред камери на почетоци на изградба на шест километри патишта или промоција на веќе одамна промовирани проекти”, ќе напише Груевски во веќе препознатливиот саркастичен колумнистички стил, многу години пред да ја развие љубовта кон црвените панделки!

Од денешна гледна точка, можеме да кажеме дека Грујо, како еден вид новинар (бидејќи колумната е новинарски жанр), прибегнувал кон шпекулациите и за тоа тогаш би требало неговите информации да се земаат со доза на сомнеж и дополнително да се проверуваат. Така, во истата колумна во која го учи Бранко за приватниот капитал, тој се повикува на извесни муабети. „Се зборува дека од април ќе се укинува бенефицираната струја за ФЕНИ, Југохром и неколку други големи фабрики. Тоа е логиката на оваа влада: кај сме им дале да инвестираат, па уште и бенефицирана струја да им даваме. Се планира да продолжи притисокот врз ВАЦ, Окта, Телеком, и други странски инвеститори”, напишал човекот што ја однесе државава пред судот во Вашингтон поради притисокот врз австриски ЕВН и премиерот кому работниците од ФЕНИ му протестираа пред владата за поефтина струја!!!

Нејсе, за нас сепак се најинтересни ставовите на тогашниот опозиционен лидер во врска со владините инвестиции во инфраструктурата. „Преку глава ми е кога гледам старомодни блефирања и ефтини продавања надеж на сопствениот народ. Работни места се отвораат со привлекување многу инвестиции, кои генерираат отворање нови работни места. Пред се инвестиции од типот на т.н. гринфилд-инвестиции, а не само приватизации што барем на краток рок нема да отворат значителен број нови работни места. Или, пак, државни инвестиции во инфраструктура, кои даваат директен ефект само додека трае изградбата и не генерираат значителен број нови работни места”!!!

Ако мислите дека Груевски, како секој колумнист, имал само лош ден, тогаш веројатно ќе треба да се согласите со нас оти имал два бош-дена, затоа што во друга колумна напишал: „Забележливо е дека поголем дел од инвестициите планирани за годинава се во патна и друга градежна инфраструктура . За ваков тип инвестиции има две основни карактеристики. Прво, иако се инвестираат големи пари (главно од кредити и нови задолжувања), тие проекти не генерираат отворања на значителен број нови работни места. И второ, овие инвестиции директно влијаат на БДП, само додека се градат објектите”!!!

Ова е истиот Груевски, кој во овогодинешниот предизборен „Манифест”, тврди дека владата со инвестициите во градежништво помогнала дури 26 индустриски гранки да ја преживеат кризата, т.е. тој е истиот човек којшто најверојатно е идеолошкиот татко на инфраструктурниот проект „Скопје 2014″!!!

ПРЕМИЕРОТ ВО РЕПОРТЕРСКИ СТИЛ НА А1

И, кога сме веќе кај „Скопје 2014″, во колумната „Вратете ги имотите!!!” се насетува никулецот од кој подоцна ќе се роди проектот кој веќе е во поодмината фаза. Груевски во овој текст пишува дека градоначалникот (Пенов), бранејќи ја грдотијата на новиот плоштад, му се испуштило и се пофалил дека таму ќе се градел хотел.

Во една од подоцнежните колумни, пред референдумот за територијалната организација, Груевски предупредил оти народот бил премногу уплашен од власта и дека некои луѓе се сомневале дека биле прислушувани. Тој раскажува една случка, кога му се јавил човек од дијаспората и го замолил да се допишуваат по мејл, и тоа со шифри. „Па, си велам потоа: Ако овие луѓе се исплашени, што останало за оние што требаше да гласаат на референдум”, заклучил колумнистот.

Груевски во тој период интензивно пишувал за територијалната поделба и за власта која им се закануваше на луѓето да не излезат на референдум, па така, во еден текст, во стилот на А1 од 2011 година, ќе пренесе анонимни искуства на граѓаните кои добивале закани. „Едно семејство со две деца има само еден вработен во администрација. Му се јавиле и му кажале дека ако гласа, да смета дека ќе го фати следниот бран отпуштања. Друго семејство живее во село, со четири деца и продава млеко. Единствен приход за преживување. Откупувачот на млекото поминал и пред сите кажал: Кој ќе излезе на референдум, од понеделник да не ми го носи млекото за откуп”, известувал денешниот премиер во А-Еден стил.

Меѓу другото, тој во написите прецизно ги анализирал економските состојби, ревносно го критикувал Државниот завод за статистика, често ја фалел владата на Љубчо Георгиевски, во која тој беше министер за финансии, а на едно место е многу среќен што бранковци не ја растуриле само МПЦ. Со оглед дека напишал прилично многу колумни, ние сме сигурни дека можеме да најдеме уште еден куп слични бисери, кои денес може да му послужат на било кој колумнист, критичар на власта.

Како пишувач, во една прилика Груевски ќе искористи и Марфиев закон, а ние пак ќе се повикаме на една видоизменета народна поговорка, која вели дека се тече, ама изгледа во Македонија ништо не се менува. Освен она што Груевски го „прошири” и го „надгради”, откако прецизно го забележал во неговите текстови!

Поврзани новости