Едно возило беше целосно згмечено, патниците не можеа да излезат од автобусот, вели Македонец што се нашол на местото на несреќата во Грција

by Fokus

Патниците не можеа да излезат од српскиот автобус додека не дојде брзата помош. Луѓето веднаш притрчаа да помогнат и ги извлекоа повредените и онесвестените“, сведочат очевидци на сообраќајната несреќа што се случи малку пред седум часот утринава во близина на македонската граница, од грчката страна, а во која учествуваа два автомобили и автобус со над 70 српски туристи.

Станува збор за туристички автобус на нишка агенција кој се превртел кога во него во спротивна насока налетал патнички автомобил со грчки регистерски ознаки, во кој загинаа сите четворица патници.

Според полицијата, потоа уште еден автомобил во кој се возелe мајка и дете од Србија удрил во првиот, а лицата од тоа возило не се повредени.

Повредените патници од автобусот се префрлени во околните болници.

Директорот на туристичката агенција од Ниш, Бојан Милосављевиќ за „Еуроњуз Србија“ изјави дека меѓу српските туристи има и полесно и тешко повредени и дека нивното лекување е во тек.

Еден од очевидците на несреќата, Македонец, кој утрото се враќал дома, изјави дека на местото на несреќата пристигнал набргу откако се случила несреќата.

– Беше страшно, уште сум во шок. Едно возило беше среде патот, целосно згмечено. Патниците не можеа да излезат од српскиот автобус додека не дојде брзата помош. Беа покрај патот – изјави тој за српскиот портал „Телеграф“.

На местото на настанот пристигнала брза помош која им укажала лекарска помош на повредените лица.

 

Поврзани новости