Пишува
Д-р Самоил Малчески
Сеедно, дали заради актуелните политички случувања или од други причини, подолг временски период бевме поштедени од медиумското бомбардирање со кое на јавноста и соопштува за успешната економска политика на реформаторите, при што во континуитет имавме неконтролирани изливи на воодушевување од аграрната политика. Ако кон ова се додаде дека, во овој период од масмедиумите отсуствуваа и бруталните рекламни кампањи, тогаш не треба посебно да ме чудат коментарите од типот “Шуќур, замолчија. Имало Господ!”.
Меѓутоа, ѓаволот ни ора ни копа, па ете изминатива седмица повторно ја имавме таа “чест” со своите настапи да не “почестат” неколку челници на реформаторската елита, кои со редица самофалења се обидуваат јавноста да ја замајуваат за наводната успешна економска политика, при што, како по обичај, главни поенти беа наводните нови инвестиции за отварање илјадници нови работни места и се разбира аграрот. Околу отварањето илјадници нови работни места во некоја друга прилика, но ајде да видиме што велат податоците за состојбите во аграрот.
Присвојување на туѓи резултати
Во претходните мои пишувања, низ силата на податоците кои ги публикува Државниот завод за статистика (ДЗС), се осврнав на катаклизмата на сточарското производство, а посебно на производството на месо. Меѓутоа, иако ова никој не го оспорува, сепак челниците на реформаторите се обидуваат да манипулираат со јавноста. Така, во неколку наврати можеше да се слушне дека изминативе години има осетно зголемување на производството на млеко, што е неспорен факт. Меѓутоа, ова зголемување е далеку од реформаторските ветувања дека аграрната политика кои тие ја спроведуваат ќе резултира со принос од 6000 l млеко по молзна крава, колку што изнесува годишниот просек по молзна крава во повеќето земји членки на Европската унија. Но, ајде да видиме како е дојдено до зголемувањето на производството на млеко, а посебно на производството на кравјо млеко.
Ако ги разгледаме податоците за производството на кравјо млеко, третата колона од табела 1, ќе забележиме дека до 2005 година истото се движело од 191533 до 220244 илјади литри млеко. Меѓутоа веќе во 2006 година имаме зголемување на производството за 18,86% во однос на претходната 2005 година, за да потоа истото веќе следната година се зголеми за 59,22%. Логично е да се запрашаме на што се должи ваквиот драстичен пораст на кравјо млеко. За да одговориме на ова прашање ќе извршиме споредбена анализа на вкупното производство на кравјо млеко, просечно произведено млеко по молзна крава и бројот на кравите и стелните јуници.
Во втората колона од табела 1 се дадени податоците за бројот на кравите и стелните јуници во периодот од 1999-2013 година, а додека во втората и третата колона се дадени податоците за вкупното производство на кравјо млеко и годишниот просек по молзна крава во разгледуваниот период. Ако вкупното произведено млеко го поделиме со просечното произведено млеко по молзна крава ќе го добиеме просечниот број на молзните крави на годишно ниво, кој е даден во петтата колона на табела 1. Понатаму, ако овој број го одземеме од бројот на молзните крави и стелните јуници ќе го добиеме просечниот број на стелни јуници на годишно ниво, кој е даден во шестата колона на табела 1.
Како што можеме да видиме се до 2006 година имаме релативно константна бројка на крави и релативно константна бројка на стелни јуници. Меѓутоа, во 2007 година бројот на молзните крави се зголемува за 35763 грла, а истовремено бројот на стелните јуници се намалува за 56559 грла, па затоа логично е да претпоставиме дека зголемувањето на бројот на молзните крави во 2007 и 2008 година е резултат од добрата политика во претходниот период, а додека драстичното намалување на бројот на молзните крави во 2009 година е непосредна последица од добро познатите случувања со преработката на млеко таа година, од кои последиците се чувствуваат следните неколку години. Во прилог на ваквата констатација оди и фактот дека во 2006 и 2007 година е реализиран вкупен увоз на живи животни во вредност од 4219000 американски долари, сума со која сигурно не е можно бројот на молзните крави да се зголеми за 35763 грла. Претходните размислувања важат и за просечното производство на млеко по молзна крава, кое во 2006 година во однос на 2005 година пораснало за 10,78%, а во 2007 година во однос на 2006 година пораснало за 15,34%, за да во следниот период, со евидентни осцилации, се задржи скоро на истото ниво.
Зошто, беа потребни претходните пресметки. Едноставно, бидејќи драстичното зголемување на производството на кравјо млеко во 2007 во однос на 2006 година не може, а ниту е резултат на аграрната политика на реформаторите. Имено, не постои начин, освен со увоз на нови грла, што не е случај, за една година да се постигнат вакви резултати. Оттука, слободно може да се каже дека зголеменото производство на кравјо млеко исклучително се должи на промената на квалитетот на добитокот кој се случувал до 1999-2006 година, период во кој годишниот просек на стелни јуници бил 74273.
Годишниот просечен број на стелни јуници всушност и ја објаснува стагнацијата во производството на кравјо млеко, која е евидентна по 2007 година. Имено, во периодот кога по природата на нештата се ефектуираат мерките кои во аграрот ги превземаат реформаторите имаме просечно годишно производство на млеко од 360789 илјади литри млеко, што е за 3,46% помалку во споредба со 2007 година. Ако кон ова се додаде е фактот дека во периодот од 2007-2013 година е нарушен континуитетот на обновување на молзните крави, што може да се види од нетипичното варирање на бројот на стелните јуници, тогаш природно е да се очекува дека следните години производството на кравјо млеко ќе бележи стагнација, а можеби и намалување. Во прилог на оваа констатација е и фактот дека во периодот од 2007-2013 година просечниот број на стелни јуници изнесувал 22697, што бележи намалување во споредба со периодот од 1999-2006 година кога овој број изнесувал 74282 стелни јуници, што значи дека откако државата ја заплисна реформаторскиот бран просечниот број на стелни јуници се намалил за неверојатни 69,44%.
Претходните разгледувања недвосмислено укажуваат на фактот дека, во случајот со производството на кравјо млеко политиките кои изминативе години ги реализираат реформаторите не само што не го зголемиле производството, туку истото бележи и благо намалување, споредено со состојбата која реформаторската елита ја наследила во 2007 година. Оттука, настапите на дел од реформаторската елита, во кои како по обичај сами себе се фалат, не може да се толкува поинаку освен како безобзирно присвојување на туѓи резултати или како што нашиот народ би рекол китење со туѓи пердуви.
Манипулација со податокот за вкупното произведено количество млеко
Во претходните разгледувања видовме како реформаторите едноставно туѓите резултатите ги прикажуваат како свое дело, при што за ефектот на лагата да биде поголем во континуитет ги окупираат средствата за информирање. Меѓутоа, дали ова е единствената манипулација во врска со производството на млеко. Па, така реформаторите во секоја можна прилика потенцираат дека од 2007 година па наваму просечното производство на млеко, во споредба со 2006 година е зголемено за над 42%. Но, да видиме што велат официјалните податоци кои се публикувани од ДЗС и кои се презентирани во табела 2
Во претходните разгледувања се осврнавме на производството на кравјо млеко и ги објаснивме причините за зголемувањето на истото. Сепак, доколку се погледнат податоците од табела 2 се добива впечаток дека навистина имаме сериозно зголемување на производството на млеко. Меѓутоа, тоа е само првичен впечаток, бидејќи почнувајќи од 2007 година, па наваму во податокот за вкупното производство на млеко е вклучено и козјото млеко, за што до оваа година не се бележеле податоци. Но, ако се земат предвид податоците од 2007 и 2008 година, тогаш лесно се гледа дека во овие години се произведувало околу 32000 илјади литри козјо млеко, па затоа може да се претпостави дека вкупното производство на млеко во 2006 година изнесувало околу 323000 илјади литри. Според тоа, многу пологично е дека зголемувањето на производството на млеко е околу 28%, што е многу помалку од процентот кој се настојува да се прикаже. Што ова значи, не треба посебно да се говори, но доволно е да споменеме дека заедно со обидот за безобзирно присвојување на заслугите за зголемување на производството на кравјо млеко, ова претставува манипулација која и тоа како и е својствена на реформаторската елита.
Уништено производството на непрана волна, јајца и мед
Во едно од моите поранешни пишувања се осврнав на производството на месо, кое е во 2013 година е намалено за скоро 7200 тони, во споредба со 2006 година, или за неверојатни 25,68%. Ваквата состојба е непосредна последица на состојбите во сточарското производство, кои имаат непосредно влијание и на производството на волна и јајца, на кои ќе се осврнеме во натамошните разгледувања.
Во табела 3 се дадени податоците за производството на непрана волна во разгледуваниот период, види графикон 1. Како што можеме да видиме во 2013 година се произведени само 841 тон волна, што е за 1155 тони, односно 57,86% помалку во однос на 1999 година. Ваквата тенденција е очекувана со оглед на веќе констатираниот тренд на намалување на бројот на овците во периодот од 1999-2013 година. Иако од графиконот е јасна тенденцијата, сепак за да добиеме поцелосна слика за состојбите ќе ги разгледаме просечните производства на волна во разгледуваните подпериоди, кои се мерки на централните тенденции. Во периодот од 1999-2002 година просечно е произведено 1937 тони волна, во периодот од 2003-2006 година просечното производство на волна е еднакво на 2282 тони, а додека во периодот од 2007-2013 година тоа изнесува 974 тони волна. Што ова значи не треба посебно да се коментира, но ќе забележиме дека во периодот од 2007-2013 година во однос на периодите 1999-2002 и 2003-2006 година годишното просечно производство на волна во Македонија се намалило за 49,70% и 57,32%, соодветно.
Во претходните разгледувања констатиравме дека во изминативе години драстично е намален бројот на живината во нашата држава. Јасно, ова непосредно се одразува на производството на јајца, за кое се дадени податоци во табела 3 и истите се прикажани во графиконот 2. Како што може да се види производството на јаца во разгледуваниот период е во сериозен пад. Оттука и намалувањето на просечно оствареното годишно производство во разгледуваните подпериоди, па така во периодот од 1999-2002 година се просечно годишно се произведени 409250000 јајца, во подпериодот 2003-2006 година 323380000 јајца и во периодот од 2007-2013 година тоа производство е 279540000 јајца. Според тоа, во периодот од 2007-2013 година просечното годишно производство на јајца во однос на периодот 2003-2006 година се намалило за 13,56%, а додека во однос на периодот 1999-2002 година тоа се намалило за 31,69%. Овде уште ќе забележиме дека и покрај поголемиот пад на бројот на живината, сепак во разгледуваниот период имаме помало процентуално намалување на производството на јајца. Ова се должи на зголемувањето на бројот на јаца по кокошка кој во периодот од 2007-2013 година просечно годишно изнесувал 181 јајца, што е за 26 јајца повеќе во однос на периодот од 1999-2002 година, односно за 32 јајце поголем во однос на бројот на јајцата во периодот од 2003-2006 година, бројка која никако не може да сокрие фактот дека во 2013 година производството на јајца во однос на 1999 година е намалено за неверојатни 51,5%. Но, за да стане појасно што ова значи за граѓаните доволно е да се каже дека во 1999 година Македонија произведувала приближно 217 јајца по жител, а во 2013 година само 105 јајца по жител.
Овде ќе се осврнеме и на производството на мед, за кое податоците се дадени во табела 3 и истите се прикажани на графиконот 3. Лесно се пресметува дека во периодот од 1999-2002 година остварено е просечно годишно производство од 1120 тони мед, при што просечното производство по пчелно семејство изнесувало 15 kg, во периодот од 2003-2006 година просечното годишно производство на мед било 963 тони со просечно производство по пчелно семејство од 13,75 kg, а во перидот од 2007 до 2013 година просечното производство е 797 тони и просечното производство по пчелно семејство е 13 kg. Како што можеме да видиме во периодот од 2007-2013 година имаме најмало просечно годишно производство и тоа е помало за 17,18% во однос на периодот од 2003-2006 година и за 28,8% во однос на периодот 1999-2002 година, а исто така во овој период е помало и освареното количество мед по пчелно семејство и тоа за 5,46% и 13,33% во однос на периодите 2003-2006 и 1999-2002 година. Што ова значи, не треба посебно да се говори, но едноставно може да се каже дека и покрај самофалењата и делењето субвенции за се и сешто, реформаторите едноставно систематски го уништуваат и производството на мед.
Успешна аграрна политика или бескрупулозна манипулација
Општо познато е дека субвенциите во земјоделското производство од година во година се во постојан пораст, што во крајна линија значи и трошок за граѓаните. Природно е политиката на субвенционирање да доведе до пораст на земјоделското производство, но како што видовме во претходните написи, но и во погорните разгледувања тоа бележи пад на скоро сите полиња, при што кај некои производи состојбите се алармантни. Меѓутоа, тоа како да не ги загрижува реформаторите, па тие во секоја прилика се фалат со зголемениот извоз на земјоделските и прехранбените производи. Јасно, притоа свесно ги премолчуваат податоците за увозот на овие производи, кои се повеќе од катастрофални. Во претходните мои пишувања тоа беше покажано за месото, житариците, добиточната храна, индустриските култури и шеќерот и преработките од шеќер и мед, па затоа овде ќе се осврнеме само на податоците за извозот и увозот на млечните производи и јајца, кои се дадени во 4 и 5.
Презентираните податоци во табелите 4 и 5 нема посебно да ги анализираме, но само ќе забележиме дека во целиот период кај овој трговски сектор имаме раст на трговскиот дефицит, па така, ана пример, истиот во 1999 година изнесувал 12809000 САД долари, во 2003 година изнесувал 14327 САД долари, во 2006 година бил 23380000 САД долари, за да во 2007 година порасне на 29981000 САД долари и понатаму постојано да расте, при што во 2013 година достигнал неверојатни 49258000 САД долари. Што ова значи, не треба посебно да се говори, но овде уште ќе споменеме дека во периодот од 1999-2002 година просечниот трговски дефицит во овој сектор изнесувал 11090500 САД долари, во периодот од 2003-2006 година тој бил 18544250 САД долари, за да во периодот од 2007-2013 година изнесува 39149430 САД долари.
Од презентираните податоци лесно се гледа дека во споредба со периодот од 1999-2002 година во периодот од 2003-2006 година имаме раст на просечниот трговски дефицит во разгледуваниот сектор за 67,21%, а додека во перидот од 2007-2013 година порастот е вртоглави 253%. Понатаму, во периодот од 2007-2013 година во споредба со периодот од 2003-2006 година трговскиот дефицит пораснал за 111,11%.
На овие податоци не е потребен дополнителен коментар, но сепак може да се каже дека, во обидот да ја прикријат својата неспособност за водење на државата, реформаторите во континуитет прибегнуваат кон една страотна пропаганда. Јасно, оваа пропаганда има за цел катаклизмата во аграрот и финансиските ефекти од овој сектор да ги прикаже како домаќинско работење, а во некои моменти тоа знае добро да го миксира со квазипатриотизам. Се разбира, ова е далеку од сите морални начела, бидејќи едноставно станува збор за селективно соопштување на податоци, кое не само што има за цел дезинформирање на јавноста, туку може да се каже дека претставува и груб фалсификат. Но, кому е тоа важно? Важно е само дека неколкукратно повторените лаги, кои реформаторите ги пласираат во медиумите, веќе години наназад стануваат “вистина”, која вистина на оваа неспособна гарнитура и овозможува да се одржи на власт. До кога, ќе видиме!