Одлуката за лустрација на Јадранка е слика и прилика на политичкиот прогон во Македонија

by Фокус

Се менуваше текстот на Законот за лустрација, и како тој се спроведуваше стана јасно дека тој не се користи за спречување на можноста соработници на тајните служби да не можат да вршат јавни функции. Стана јасно дека сосема други приоритети форсира комисијата и дека таа веќе прераснала во инструмент на политичка пресметка на власта со своите опоненти и дека на секоја одредба, дури и од темелно променетиот Закон, Комисијата ѝ приоѓа „флексибилно“ до таму што донесува одлуки што ѝ противречат на законската цел.

пишува Стојан Андов (извадок од колумна во неделеникот Фокус што ќе се објави на 3 март 2015)

Есента 2008 година престојувавме во вила на езерото Комо во Италија по покана на Фондацијата Конрад Аденауер. Бидејќи Комисијата уште не беше добро организирана, корисно беше што таму претседателот и потпретседателот на комисијата, заедно со другите присутни, имаа можност да слушаат од компетентни експерти, претставници на неколку институции од Германија надлежни за лустрацијата во таа земја. Со нас беше и директорот на Државниот архив на Македонија, сега покојниот Зоран Тодоровски. Мене ми е добро познато целото семејство на Зоран Тодоровски, ги познавав и татко му и мајка му, а сестра му Зорица беше блиска другарка со мојата сопруга Марија.

Го кажувам ова за да истакнам дека разговорите меѓу мене и Зоран секогаш беа во опуштена атмосфера и секогаш со голема меѓусебна доверба. Бидејќи тој, исто така, се залагаше за лустрација, ми рече дека оваа моја акција многу добро тргнала. Меѓу другото, ми рече дека е важно што Јадранка Костова, која го работеше моето интервју, е сосема чиста во тој поглед и нема никаква основа да подлежи на лустрација. Тоа добро го проверил лично Зоран, за да му стане јасна целата работа околу Законот за лустрација дека е чист од почеток.

Се менуваше текстот на Законот за лустрација, и како тој се спроведуваше стана јасно дека тој не се користи за спречување на можноста соработници на тајните служби да не можат да вршат јавни функции. Стана јасно дека сосема други приоритети форсира комисијата и дека таа веќе прераснала во инструмент на политичка пресметка на власта со своите опоненти и дека на секоја одредба, дури и од темелно променетиот Закон, Комисијата ѝ приоѓа „флексибилно“ до таму што донесува одлуки што ѝ противречат на законската цел.

Токму поради тоа, не ме изненади најновата одлука на Комисијата за лустрација, со која е лустрирана новинарката Јадранка Костова. Таа по критериумите што ги применува комисијата навистина заслужува да биде лустрирана. Како главен уредник на „Фокус“, таа, лично, и соработниците на кои им овозможува да пишуваат во „Фокус“, власта ја изложуваат на беспоштедна критика.

Згора на тоа, Јадранка некако се извлече од силниот бран на судско гонење и си остана на своите позиции и на крајот таа почна во спротивставувањето на власта да дејствува и надвор од функцијата на „Фокус“, во организирањето на некои „Пленуми на новинарите“ и на власта ѝ стана сомнително дека таа сака да се добере до некоја функција во општеството од која би ѝ задала големи неволји, токму на власта.

Според тоа, одлуката за лустрација на Јадранка е слика и прилика на политичкиот прогон, кој во Македонија постои. Верувам дека, сепак, донекаде се променети состојбите во земјата. Се надевам дека во судството веќе дуваат малку поинакви ветришта и дека ќе се најдат судии во Управниот суд што дефинитивно ќе ја поништат оваа одлука. Меѓутоа, Јадранка, покрај сѐ, ќе преживее уште и уште непреспани ноќи и потреси.

Поврзани новости