Од Обвинителството информираат дека е откриен идентитетот на двајцата разбојници кои беа убиени неодамна, од сопственик на менувачница, во моментот кога го нападнале и се обиделе да го ограбат. Едниот разбојник во март излегол на слободен викенд од затвор и не се вратил назад, а другиот е српски државјанин, со дебело досие.
-Идентитетот на едниот од починатите беше утврден. Во соработка со Министерството за внатрешни работи, утврден е идентитетот и на второто починато лице преку вршење споредба на папиларните линии од прстите на рацете. Станува збор за граѓанин на Република Србија по кого поради претходно сторени кривични дела била распишана потерница. Идентификацијата е потврдена и од страна на надлежните органи од Република Србија.
Според првичните сознанија на јавното обвинителство, македонскиот државјанин кој вршејќи разбојништво настрада во менувачницата, бил осуденик кој од користење на слободен викенд во март годинава не се вратил во затвор. Тој летово бил сторител на петнаесетина разбојништва на банки, менувачници и обложувалници. Разбојништвата претежно ги вршел сам, но последниот пат се здружил со познатиот разбојник од Република Србија, велат од обвинителството.
Оттаму додаваат дека првично се утврдени потребните факти и докази што ја откриваат вистината и одговорноста за тоа што се случило.
-За да се потврди дали навистина сопственикот на менувачницата делувал во нужна одбрана, потребно е целосно прибирање на сите докази во предметот, по што ќе следи донесување на јавно обвинителска одлука, информираат од обвинителството.