„Македонија пат“ на терен ги повлекува сообраќајните табли со досегашниот назив на автопатот „Александар Велики“ на Коридорот 10, а кои согласно одлука на Владата треба да бидат заменети со нови што ќе го содржат името „Пријателство“.
Од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека веќе ги нарачале 19-те сообраќајни табли со новото име. Набавката на новите табли ќе ги чини 4.940.000 денари.
Со одлука на Владата, ново име доби и скопскиот аеродром, но се уште нема конкретни официјални информации за процедурата за замена на називот „Александар Велики“ во „Меѓународен аеродром Скопје“.
– Го следиме развојот на настаните. Кога ќе добиеме детални инструкции од Владата, за извршување на Одлуката, ќе постапиме согласно тие инструкции. Според инструкциите ќе тече и процедурата за промена на знакот со името на аеродромот, што е активност која ќе бара задоволување на соодветни технички процедури, пред да се случи самиот чин на промена – информираа неодамна од ТАВ, концесионер на македонските аеродроми.
Одлуката за преименување на автопатот и на аеродромот стапи во сила на 14.месецов, откако беше објавена во ЈП „Службен весник“.
Промената на имињата на автопатот и на аеродромот, како што објави премиерот Зоран Заев по средбата во Давос со неговиот грчки колега Алкесис Ципрас, е во знак на добра волја и затоплување на односите со Грција.
Сегашното име на автопатот „Александар Велики“ се користи од јули 2008 година, а тоа име беше определено со одлука на претходната Влада.
Од декември 2006 година, пак, исто така со одлука на претходната Влада, скопскиот аеродром доби име „Александар Велики“известува МИА.