И по една година од катастрофалните поплави кои го зафатија тетовскиот регион, последиците од невремето не се санирани. Ниту реализацијата на акциониот план за превенција од нови поплави, вреден 25 милиони евра, не е на повидок. Тетовци велат дека ниту едно ветување на властите во врска со справувањето со последици од невремето не е остварено.
Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, вели дека реализацијата на акциониот план за превенција од нови поплави, зависи од финансиите кои за него треба да ги одвои владата. Таа, денеска одржа говор во кругот на тетовската противпожарна единица, од каде уште еднаш апелираше владата да помогне финансиски што поскоро да се имплементира планот.
Жителите на Мала Речица, Голема Речица и Шипковица, села кои беа најпогодени од поплавите, велат дека регулацијата на речните корита во нивните села е најнеопходна мерка за превенција од нови поплави.
Во големото невреме што се случи на 3 август минатата година загинаа шест лица, многу семејства останаа без домови и голема земјоделска површина беше целосно поплавена.