Единствениот градоначалник на Тачи премина кај Села

by Фокус

Новоизбраниот градоначалник во Студеничани, Азем Садику, кој до победата дојде како кадар на ДПА, денеска изјави дека преминува во Алијанса за Албанците. Како што појасни Садику, ваква одлука донел бидејќи лидерот на ДПА Мендух Тачи тргувал со ДУИ за, како што рече, партијата на Али Ахмети да ја добие општината.

-Бев член на ДПА, бев кандидат на таа партија и до крај бев лојален и победив. Но за жал, кога го добив првиот изборен круг со убедливо водство пред противкандидатот од ДУИ, лидерот на ДПА ме продаде многу евтино, ја знам таа цена. Заедно со ДУИ беа подготвени да ја сменат волјата на граѓаните на Студеничани. Но наидоа на клинец – рече Садику.

Садику посочи дека последниот контакт со Тачи го имал по првиот круг кога, како што вели, Тачи му посакал да победи. Но, според Садику, Тачи повеќе не му се јавил и не се виделе, по што решил да премине кај Зијадин Села.

Од друга страна, пак, Тачи возврати дека доколку сакал Садику да загуби, тоа ќе се случело. Единствено што е важно, додаде лидерот на ДПА, е што Садику победил.

-Се прашувавме што ќе се случи ако Садику не победи и колку тогаш ќе имаше обвинувања на моја сметка. Но јас да не сакав тој да победи, немаше да победи – нагласи Тачи и додаде дека на сите во Студеничани им е јасно дека без поддршката од ДПА немаше да се дојде до победа.

Инаку, Садику беше единствениот градоначалник од редовите на ДПА, кој оваа функција ја извршува неколку мандати.

Поврзани новости