Единствена Македонија: Масакрот кај Карпалак можел да биде спречен, имаме документи кои го покажуваат тоа

by fokus

Партијата „Единствена Македонија“ денес сподели документи од кои, како што велат, се гледа дека погибијата на македонските бранители кај Карпалак можела да се спречи.  На прес конференција Драган Угриновски член на Извршниот комитет на Единствена Македонија рече постојат докази кои докажуваат дека можело да се спречи загинувањето на бранителите доколку некој не пропуштил да преземе одредени дејствија, што бил должен да ги преземе во интерес на безбедноста на конвојот.

За еден од најкрвавите и најбрутални масакри во поновата македонска историја, рече тој, одговорност мора да има поради следното:

„На почетокот на јули 2001 година, четириесетина дена пред погибијата кај Карпалак, во Службата за државна безбедност има два службени документи со податоци дека на ридот од каде се пукаше врз конвојот се наоѓа вооружена група од десетина лица. Врз основа на овие оперативни податоци, Службата за аналитика во државната безбедност, изготви информација уште во јули 2001 година.  Од текстот на аналитичката информација може да се види дека аналитичарите во државната безбедност професионално си ја извршиле работата и дале прецизни анализи и насоки како да се запоседне просторот околу автопатот кај Карпалак заради безбедно минување на редовните конвои на бранителите накај Тетово. Да го имате ова 40 денови пред крвавиот настан и да ви загинат бранителите од испукана граната токму од кај Карпалак! Катастрофа. Сознанија имаше, а ништо не се презеде!?“, рече тој.

Според него трагедијата сигурно ќе беше избегната, доколку само со еден хеликоптерски прелет беше збришана, како што рече, оваа вооружена група.

„40 денови пред крвавиот настан прецизно се знаеше локацијата и бројноста на групата. До денешен ден се крие и кој дал наредба пред трагедијата да се отстрани и безбедносниот пункт на автопатот Скопје-Тетово во близина на Карпалак и зошто после трагичниот настан, бранителите се оставени сами на себе да горат во торпедираните возила, иако на армиските хеликоптери од аеродромот Скопје до Карпалак им било потребно само пет минути да пружат помош.17 години ниту еден државен орган не се обиде да направи истрага, за да утврди што точно се случи со сомнителното загинување на бранителите кај Карпалак. Седумнаесет години по крвавиот настан кај Карпалак, едно е сигурно, ниту кај СДСМ, ниту кај ВМРО ДПМНЕ кои се менуваат на власт по Татковинската војна во 2001 година, нема интерес за вистината за бранителите кои загинаа во одбраната на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата. Една од првите задачи на новата легална власт на Единствена Македонија ќе биде целосно расчистување на сомнителните загинувања на македонските бранители кои беа праќани во заседа и мораа да загинат!“, додаде тој.

 

 

Поврзани новости