Партијата на Јанко Бачев, Единствена Македонија преку соопштение обвинува дека власта за една година владеење уништуила се што е македонско.
-Промена на името и идентитетот на македонскиот народ, јазичната федерализација како преодна етапа до територијална федерализација, рушење на споменици на македонски револуционери, гниење на уставобранителите во занданите на Шутка, масовно ослободување со политички одлуки на албански терористи и криминалци. Економска пропаст, неказнивост, партизирани институции, заробено судство, криминал и корупција, јавен долг со преку 5 милијарди евра, а марионетската власт во Скопје го замајува народот со некакви палијативни мерки со укинувањето на радиодифузната такса, ефтина струја два часа секој ден, укинување на екстерното тестирање, зголемување на минималната плата од 10.000 на 12.000 денари иако не е јасно како може да се преживее со овие средства, велат од партијата.
Од Единствена Македонија додаваат дека кога тие ќе дојдат на власт ќе расчистат со национални предавници и ќе спроведат вистински промени.
„Единствена Македонија ќе победи и ќе расчисти со националните предавници и ќе спроведе вистински промени, како на пример, укинувањето на приватното извршителство и негово враќање во судовите и враќање на парите од присилната наплата за сметки стари и по 10 години, враќање во мнозинска државна сопственост врз Телеком, Топлификација и Електродистрибуцијата чие работење има и социјална димензија за граѓаните, ревизија на лихварскиот банкарски систем кој немилосрдно го краде народот, минимална казна од 10 години затвор за кражба на буџетски пари и враќање на смртната казна за тешки дела на кражба на народниот имот, одземање на украденото во криминалната и посткриминалната приватизација во кои е извршен грабеж на повеќе од 10 милијарди евра во изминатите 27 години“, соопштуваат од партијата на Бачев.