Голем број мислења, тези, коментари и анализи го опфатија последниот договор меѓу партиите што се темели на веќе договореното во Пржино.
Некому не му се допаѓа, некој е задоволен, а трети мислат дека воопшто не треба да постои договор меѓу партиите. Скоро секој од нас се осеќа повикан и релевантен да каже збор два и да има удел во договорот. Само во овој момент на оние што не се замараат со политика им е најлесно. Него во саркастичен израз, она што е битно е дека лидерите на средбата се договорија да се договорат за да го почитуваат договореното од пред една година. Веќе звучи како добар познат метод при договарање на партиите.
Да се договара е една фаза, за да се имплементира е сосема различна и независна фаза од претходната па затоа што како што треба воља за првата фаза, треба многу повеќе за втората. Не знам зошто сите коментираат каков бил и што содржел договорот кога јасно е дека во преговори нема задоволна страна, и двете се назадоволни оти ако биле согласни воопшто не требало да имало потреба да се преговара или да има било какво потпишување на договор.
Затоа јас ниту би ги анализирал точките од договорот, ниту пак би одел во негова детална и целосна анализа. Тој колку и да е добар или не, секогаш ќе постои скептицизам околу овие договори. Колку и тие да се брилијантни и кристално чисти за нас, или колку и да се неконкретни или двосмислени за јавноста, се појавува еден сомнеж што се раѓа од искуство на претходните случувања и договори во изминатава година и пол, а тоа е: Власта не стои на договореното и Власта не го спроведува она за кое потпишале и потврдиле дека ќе го почитуваат. Да не редам примери од Пржино еден затоа што се она за кое беше тогаш договорено, да беше спроведено ќе немаше потреба да биде овој втор договор.
Според мене и моето сиромашно толкување, најдобра и најточна оценка за договорот може да се даде откако тој ќе почне да се спроведува и да се надеваме дека и целосно ќе се почитува. Без негово спроведување, договорот на лист хартија може да ветува планини и брда, но на крај во пракса да остане само пустина. Затоа да почекаме до 31 август и потоа јавно да го оцениме спроведувањето, а дотогаш цврсто треба да го држиме гардот, затоа што сум сигурен дека Власта ќе има многу незгодни удари под појас.