Дали Груевски ќе биде првоосомничен за криминалот во Скопје 2014?

by fokus

arhiva

Текстот е објавен во Фокус број 1081 од 24 јуни 2016

НАСПРОТИ СУДСКИТЕ ОПСТРУКЦИИ СЈО ПРОДОЛЖУВА СО ИСТРАГИТЕ

Снимките за Скопје 2014 откриваат како однапред се договарале цените, и оние за материјалите користени при изведување на проектот, и оние за уметниците, но секако и за провизиите. Изворите на Фокус откриваат дека има снимки од кои станува јасно како споменик што вреди 100-тина илјади евра стигнувал до два милиона, па дури има и докази како се пренесувале парите. Она што е нишка на поврзување во повеќето прислушувани разговори, велат нашите извори, е дека во сите нив се јавува името на поранешниот премиер, што во овој момент го прави кандидат за првоосомничен во мега случајот Скопје 2014.

Пишува: Љубиша АРСИЌ

Никола Груевски не се плаши од опозицијата толку колку што стравува од Специјалното јавно обвинителство. Колку и Зоран Заев да му изгледа на лесен плен и слаб противник на изборите, оти и натаму има некаква предност во анкетите, Катица Јанева му ги предизвикува несониците. Првите кошмари ги почуствува со досието ТНТ, за објектот „Космос“ на Фијат Цановски. За прв пат Груевски се појави пред судија на претходна постапка, но сигурно однапред знаел дека нема да му биде одредена некоја мерка, пред се притвор, оти судот и натаму не сака да изрекува мерки за претпазливост за претставниците на власта, иако тоа многу едноставно и секогаш го применува во кривичните процеси на Јавното обвинителство.

Груевски во настапите, вклучително и во оној по испрашувањето кај судија на претходна постапка, несомнено дека се обидува да го престави СЈО како политички орган поврзан со опозицијата и дека главна мета на специјалните обвинители се само функционерите на власта, без да признае дека тоа обвинителство се формираше токму за да го лови нивниот криминал оти редовното обвинителство е толку исполитизирано што не смее да помисли, а камо ли да отвори некаква истрага против Груевистите.

Значи имаме ситуација во која обвинителството на Марко Зврлевски со месеци, а за некои случаи и со години, молчи за криминалот на власта и демонстрира наклонетост кон ВМРО ДПМНЕ, а тоа се преставува како професионализам и независност, а токму оние кои се обидуваат на законски и транаспарентен начин да го гонат криминалот, како што е СЈО, се етикетираат како платеници на опозицијата и на странците.

Но, ТНТ е само почетна експлозија за тоа што му претстои на Груевски. Ако се следи логиката на Ѓорге Иванов со тотално погрешната аболиција, тогаш јасно е дека експремиерот, кој нема да изненади ако одново се избере на таа позиција, има учествувано во најмалку пет кривични дела, а со оглед дека СЈО е се уште на стартот од делувањето очекувано е таа бројка да биде поголема.

СПОМЕНИЦИТЕ И ТЕНДЕРИТЕ ЗА СКОПЈЕ 2014 ДОПИРААТ ДО ГРУЕВСКИ

Ако во некои предмети, како ТНТ, Груевски се појавува како спореден актер, сепак, СЈО истражува случаи во кои тој се јавува како главен протагонист на сомнителни дејствија. Предистрага е веќе отворена за проектот Скопје 2014, кој за многумина е пералница на пари. Во овој проект според досега направените новинарски истражувања се потрошија околу  600 милиони евра. Иако содржината на аудио снимките не ни е позната, оти аудијата се во СЈО на преслушување, сепак првичните докази, велат нашите извори упатуваат на неколку слојна одговорност кај лидерот на ВМРО ДПМНЕ.

Прво, постојат докази како фирмите изведувачи конкурирале и како се местеле тендерите за нив, за изградба на некоја институција или споменик. Дури има снимки и материјали кои докажуваат како конкурентите кои не смееле да добијат тендер биле исфрлани од игра со цел парите да завршат кај некоја партиска фирма, партиски пријател или некој кој потоа ќе и се оддолжи на партијата.

Многу од снимките за Скопје 2014 го отвораат криминалот со спомениците, како тие се договорале, како се избирале кои „јунаци“ од историјата ќе завршат на коњ, а кои само на постамент, како со нив ќе се „купува“ патриотскиот глас на граѓаните. Интересно е што на некои снимки многумина од партиското раководство, па дури и првите соработници на Груевски, коментираат како нивниот лидер „забегал“ со спомениците. На една снимка, наводно, се слуша глас на партиски соработник на Груевски, во неможност цел ден да стапи во контакт со премиерот, како нервозно коментира, најверојатно на секретарката, дека наместо со државнички работи шефот се занимавал со споменици кои според соговорникот ги имало на секој чекор и веќе граѓаните се сопнувале на нив?!

Многу од снимките откриваат како однапред се договарале цените, и оние за материјалите користени при изведување на проектот, и оние за уметниците, но секако и за провизиите. Изворите на Фокус откриваат дека има снимки од кои станува јасно како споменик што вреди 100-тина илјади евра стигнувал до два милиона, па дури има и докази како се пренесувале парите?

СЈО објави дека има отворено предистрага за проектот и официјално ништо не соопштува додека не отвори истрага и не предложи мерки притвор. Освен Груевски, кој нашите извори во СЈО неофицијално го најавуваат како првоосомничен, на одговорност ќе бидат повикани уште многумина функционери на ВМРО ДПМНЕ, сопственици на фирми кои учествувале на тендерите, а не се исклучува да настрада и некој од „уметничките“ творци на проектот. Од снимките станува јасно дека целта била да се украдат пари и да се поделат провизии, а не да се направи Скопје модерен и функционален град како што го прикажува ВМРО ДПМНЕ.

ДАЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПАНЧЕВСКИ ЈАВА НА ВМРОВСКАТА АПОКАЛИПСА?

Јасно е одамна дека Груевски може да победи на изборите со уценета администрација, поткупени пензионери, исплашени граѓани кои нема да го гласаат затоа што тој знае и умее да ја води државата, туку затоа што едноставно не смеат да заокружат некој друг на гласачкото ливче, оти тоа може скапо да ги чини. Но, никако неговите гласови не смее да значат амнестија за криминалот. Дури и да победи Груевски на избори, постапките на СЈО не смее да запрат. Неговата политичка доминација преку недозволени методи не смее да биде посилна од правната аргументација на СЈО околу криминалот на власта.

Особено не ако има докази, како што се тврди дека има во случајот Скопје 2014. Поттикнати од аудио снимките специјалните обвинители веќе имаат извршено претреси и одземено значајна документација за проектот, иако се стравува дека голем дел од материјалите не постојат, затоа што се уништени или сокриени, но и за тоа ќе дојде време кога некој ќе одговара кривично.

Со оглед дека е јасно оти ВМРО ДПМНЕ не може да ја укине опозицијата и ќе мора да се соочи со неа на избори, откако ќе се обезбедат услови за фер и демократски, партијата ќе удри против специјалните обвинители за да се спречи Скопје 2104 и воопшто да се отвори.

Првите удари ги задава преку Кривичниот суд на Владимир Панчевски, претседателот кој наеднаш покажал голема заинтересираност за предметите на СЈО, па многумина коментираат дека се појавува во судот за време на распитите со цел да има контрола какви одлуки ќе се донесат за притворите, иако тоа немал пракса да го прави во сите предмети на Јавното обвинителство. Секако дека Панчевски ќе го понуди логичниот одговор дека секој судија постапува индивидуално и одлуките ги носи самостојно, но затоа бројките се тука да го демантираат.

Пред формирањето на СЈО буквално во секој предмет на Зврлевски судот одредуваше притвор и тоа без многу мислење и аргументирање. Сега, кога Катица ја гони власта притворот стана недостижна мерка. Зошто? Зарем специјалните обвинители кои претходно биле во тимот на Зврлевски и успевале да го убедат судот да одреди мерка притвор во други процеси, сега од новата позиција не знаат да напишат барање за притвор? Не знаат да водат истрага? Како наеднаш тие обвинители станаа неподобни и непрофесионални, па уште и политички определени?

Не, туку кога нивните истраги биле насочени кон политичките неистомисленици на власта, тогаш тие обвинители биле професионални, сега кога од петни жили се обидуваат да ги неутрализираат криминалците во власта, наеднаш станале платеници на опозицијата, а за судот се претвориле во нестручни обвинители. Но, за тоа заслужен бил Панчевски? Јасно дека судијката на претходна постапка Александра Поп Стефанија како да е намерно избрана во одделот за организиран криминал во Кривичниот суд. Таа, пред само неколку месеци, откако стануваат актуелни процесите на СЈО против власта, од Судот за прекршоци,  кој работи под капата на Кривичниот суд, а била назначена од Судскиот совет, е преместена со намера да го прогласи СЈО за ненадлежно да постапува во досието „Тврдина“ за уништување на опремата за прислушување, онаа со која власта со години прислушувала и снимала. Таму главни протагонисти се Горан Грујевски од Петта управа и ексминистерката Гордана Јанкуловска. Тие, според СЈО, ја уништиле опремата преку сосема незаконска процедура за да ги сокријат трагите од прислушувањето и да ги спасат од одговорност претпоставените- Мијалков и Груевски.

Сосема е нелогично судијата на претходна постапка да побара како доказ да му се достави прислушувана снимка во врска со предметот „Тврдина“ за да може да постапува. Имено, не може Панчевски преку своите судии да го прогласува СЈО за ненадлежно затоа што примарната цел на специјалните обвинители е токму тоа- да утврдат кој прислушувал, а потоа според содржината на снимките да детектираат кривични дела. Ова во судот им е многу јасно, особено на Панчевски кој остава впечаток дека ја знае правната материја и сака да се наметне како неутрален судија.

Имено, јасно е според Законот за специјално обвиниелство дека се издвоени две категории на процесна надлежност, исклучиво на ова јавно обвинителство. Едната е кривичните дела да бидат поврзани со неовластено следење на комуникациите и втората е кривичните дела да произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите. Затоа и законот носи назив Закон за обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Значи примарна цел се делата поврзани со нелегалното прислушување, каков што е случајот „Тврдина“ или како што е на пример „Пуч“. Како може за идентични случаи, кои се поврзани со прислушувањето, судот да постапува различно? Зошто и во случајот „Пуч“ судот не го прогласи СЈО за ненадлежно?

Наспроти примарната цел на СЈО, секундарна се кривичните дела кои произлегуваат од содржината на прислушуваните материјали. Поврзаноста на двата сегмента има многу поширок спектар и ги опфаќа сите криминални дејствија извршени во насока на злоупотреба на системите на следење на комуникациите, нивно уништување заради попречување на откривање на лицата кои го злоупотребиле системот.

За сите овие дејствија во „Тврдина“, па и во „Пуч“ судот не може да очекува дека  постои снимена комуникација. Напротив, тоа се дејствија со кои е овозможено незаконското следење на комуникациите и спречување на докажување за злоупотреба на таквите средства. Од тука, за СЈО е апсурдно тврдењето на судот дека е потребно кумулативно да постои и поврзаност со неовластено следење на комуникации и кривични дела кои што директно произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите.

ЕДНИ СУДИИ ВО АУТ, ДРУГИ НА СЦЕНАТА

Поп Стефанија пак најверојатно, во обид да го заштити Грујевски, оти ако падне тој, тогаш може целата вмровска кула да се сруши, одлуката дека СЈО е ненадлежно сака да ја поврзе со повреда на одредбите од кривичната постапка. Теоријата на Панчевски и на Поп Стефанија дека специјалниот обвинител е ненадлежен го поврзува со членот 415 од Законот за кривична постапка во кој се набројани повредите на постапката- па таму е наведено дека една од причините за тоа е дали постои обвинение од овластен тужител. Но, и СЈО смета дека судијката прекршила одредби од истиот член со што ја повредила постапката, пред се со нејасната и противречната одлука, како и со кршење на членови од Законот за кривична постапка.

Едноставно, Поп Стефанија се впуштила во оценка на надлежноста на СЈО, кое е јасно дека е целосно надлежно за случајот „Тврдина“, а при тоа ги игнорирала директните докази кои потврдуваат дека Грујевски влијае врз сведоци. Барем овој случај е кристално чист– опремата за прислушување е уништена, документацијата потврдува дека постапката била изведена незаконски, а сведоците учесници во криминалот потврдиле што навистина се случило. Сето ова не е доволно за судот, туку поважно беше да ја оспорува надлежноста, само за да купи време за владините функционери.

Дека судот нема интерес за процесите на СЈО, односно дека ќе настојува и во иднина да прави опструкции, се додека Груевски и Мијалков имаат контрола врз Панчевски, а тој врз две судијки кои последниот период си ги донесе во организиран криминал, покажува и однесувањето на Поп Стефанија. Откако се излета со надлежноста на СЈО, Советот на судот и го врати предметот на ново одлучување, таа два дена, до затворањето на текстот, немаше абер да закаже нов распит на Грујевски и да ги повика преставниците на СЈО и одново да се аргументира за притворот во „Тврдина“.

Дали Поп Стефанија ќе молчи цела седмица се додека Панчевски не се врати од одмор за да и „помогне“ во одлуката или ќе се соочи со реалноста дека предметот со оглед на барањето за притвор налага итност, но и со фактите кои недвосмилесно укажуваат дека Грујевски постојано влијае врз сведоци, а тоа е доволна основа за притвор.

Уште една судијка која работела на кривична материја, а сега е поставена за судија на претходна постапка со намера да го следи примерот на Поп Стефанија и да ја штити партијата е Елена Јосифовиќ, за која велат дека преку сопругот и деверот е блиска со Фамилијата.

Наспроти нивното позиционирање со цел да се спротивставуваат на предлог мерките на СЈО, од местото судија на претходна постапка од организиран во обичен криминал беше преместена судијката Весна Димишкова. Најверојатно Панчевски соочен со опасноста дека не може да има контрола врз искусните судии, за кои се зборува дека полека престануваат да изиграваат послушници, прави прераспределби. Иако тој има ингеренции врз годишните распореди за работа, сепак судии коментираат дека на ваквите интервенции на Панчевски им е очигледна намерата. Дури се споменува дека Димишкова се пожалила во Врховен суд за деградирањето по што било наложено да се врати на старата позиција, на која пак сега не и се доверуваат предмети од Специјалното јавно обвинителство.  Извори пренесуваат дека Димишкова ги потпишала налозите за претрес кај Грујевски дома и во просториите на УБК, па можеби затоа нема место за неа. Инаку, според наши информации тие два претреса практично ги потврдиле сомнежите на СЈО околу прислушувањето. Дополнително, откриле многу важни податоци за операцијата со опремата за прислушување и самиот процес на следење на комуникациите.

КОГА СЕ ПОЈАВИЛ СТРАВОТ КАЈ ПАНЧЕВСКИ И КАЈ ГРУЕВСКИ?

Сите непромислени потези се поврзуваат и со аболицијата на Иванов. Имено, извори од судот пренесуваат дека аболицијата следувала откако власта сфатила дека не може да има контрола врз сите судии, па така некој од нив ќе заврши во притвор. Во тој период е искористена и шансата да се назначат нови судии да одлучуваат за притворите, како Поп Стефанија и Јосифовиќ.

Сите овие несмасни и чудни одлуки на судот се причина опозицијата и странците, кои неколку пати го посетиле Панчевски за да проверат како делува судот, се причина СДСМ да го отвори прашањето за специјален оддел во судот кој ќе суди предмети од СЈО. Иако Груевски нема да попушта, сепак крајната цел на притисокот за специјален оддел може да биде смена на Панчевски. Свесни дека тешко ќе помине специјалниот суд, опозицијата и меѓународната заедница ќе играат на картата да се смени врвот на судот, да се постави неутрален искусен судија, а тој да избере судии кои ќе можат објективно и неутрално да одлучуваат и за приворите, а утре и за пресудите против власта.

УСТАВЕН НА ТРЕТИ АВГУСТ ЌЕ ГО УКИНЕ СЈО?

Во услови на намалена контрола врз судии во Кривичниот суд, Фокус од партиски извори во владејачката партија има информации дека во тимот на Груевски сериозно се крои стратегија како да се уништи тимот на Јанева. Се прави план како на 3-ти август, сред лето, во празнични денови, да се натераат судиите послушници во Уставен суд да го укинат Јавното обвинителство. Со оглед дека се покажа оти добар дел од судот е инструмент на режимот, Шарената револуција и опозицијата инсистираат судот итно да ја отстрани дилемата дали СЈО е уставно или не, за да не може во иднина власта да ја користи оваа опција како закана и да преземе дејствија во одреден момент кога ќе процени дека дошло време.

Факт е дека СЈО не преставува институционален паралелизам, туку само реорганизација на постоечкиот систем или начин да се отстранат силните политички влијанија на невидливата рака врз редовното јавно обвинителство. Аргументи кои може да ги користат судиите во правец на тоа дека СЈО е уставно се неговото времетраење и специфичноста на постапките што ги води. Со оглед дека на СЈО му е определен рок од 18 месеци за покренување обвинителни акти или запирање на постапката, но и дека се занимава исклучиво со кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните снимки, што значи дејноста му се конкретизира, тоа не може да биде противуставно.

Неофицијално, петтемина уставни судии кои делуваат според политиката, а не според правото, при обидот да го дискредитираат СЈО ќе го користат зборот единствен кој се однесува на Јавното обвинителство. Имено, Уставот го дефинира Јавното обвинителство како единствен и самостоен орган кој ги гони сторители на кривични дела. “Специјалното обвинителство е самостоен орган, но не може да ја наруши единственоста на Јавното обвинителство“, токму овој џокер уставните судии би го искористиле, ако падне наредба СЈО да се прогласи за неуставно.

Ако ова се случи, ќе дојдеме до апсурд, од една страна судиите ќе толкуваат дека се напушта единственоста која со Устав ја има Јавното обвинителство, наспроти аргументите дека СЈО е формирано токму заради слабото функционирање на Јавното обвинителство.

Ако Уставен суд се реши да ја оценува уставноста на СЈО има три опции. Едната е да се отфрли иницијативата која е поднесена до судот и која стои во фиока и да не покрене постапка.

Втората можност е да се покрене постапка и да се укине законот. Тоа значи дека се што презело како активност СЈО ќе премине во основните обвинителства или во Обвинителството против организиран криминал и корупција. Сите преземени мерки на специјалните обвинители ќе бидат важечки, како испрашаните сведоци и обезбедените писмени докази така и направените вештачења, само ќе недостасува волјата на тие обвинители да продолжат да постапуваат против криминалот на власта, или нема да смеат тоа да го прават ако се знае под чија команда делува Марко Зврлевски?

И третата, најопасната варијанта е Уставен суд да го поништи законот и да се смета како тој воопшто да не постоел. Ова е најпосакуваната варијанта за Груевски и режимот затоа што така сите активности на СЈО потонуваат и се оди назад во првобитна состојба- кривичните постапки за криминалот на власта како никогаш да не биле отворени.

Поврзани новости