Премиерот Зоран Заев во интервју за ТВ Клан изјави дека еден од руските пранкери му пишал порака откако тој имаше прес-конференција во врска со разговорот со него и уште еден руски комичар, верувајќи дека зборува со поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
– Горко е чувството кај граѓаните затоа што нивниот премиер е вака насанкан, веројатно тоа е. Јас многу жалам заради тоа. И кај мене е горко чувството. Но, секако учиме да бидеме повнимателни и да не се повтори. Знаете дека вчера ми пишуваше истиот тој лажен човек, една порака дека храбро сум се борел против моите непријатели на вчерашната прес-конференција. Јас возвратив со порака, реков дека јас сум чесен човек, немојте да го правите тоа така какви и да се шегувате со чесни луѓе кои сакаат чесно да им служат на своите држави и својот народ. Некој можеби живее од тоа, јас знам дека тие луѓе заработуваат пари од тоа, на Јутуб пуштаат и тоа се наплаќа, мене ми е јасно, но истовремено и ние имаме чест и углед и не е коректно да си играме со честа и угледот на некој – рече Заев.