Општина Крива Паланка има долг од 55 милиони денари, со тенденција на секојдневно доспевање на нови и нови долгови, информираше денеска новиот градоначалник на оваа општина, Борјанчо Мицевски.
Според новиот татко на општината во оваа сума не се опфатени долговите на Јавното претпријатие „Комуналец“ и останатите институции во надлежност на општината.
-Од вкупната сума која општината ја долгува, 41,2 милиони денари се кредитно задолжување од Светска банка, со период на отплата до 2025 година. Останатите средства се доспеани долгови и неподмирени обврски со висина од околу 10,7 милиони денари. Покрај гореспоменатите суми, кон општината има побарувања од 1,9 милиони денари – изјави Мицевски.
Тој најави дека ќе биде ангажирана независна ревизорска куќа со цел да се испита работењето на општината во последната година, за да се истражат сериозните индиции кои постојат за незаконско и сомнително работење
-Доколку ревизијата за работењето во општината ги потврди индициите и сомнежите и покаже неправилности во работењето во изминатата година, истата ќе се прошири и за претходните години – дополни Мицевски.
Претходниот градоначалник на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски раководеше со општината осум години, а при преземањето на функцијата во 2009 година општината имаше долг од околу 24 милиони денари. Алексовски се најде меѓу десетте најбогати градоначалници во Македонија на неофицијалните листи, според анкетните листови до Антикорупциска комисија.