По 23 години независност, некако како да се уморивме од читање и дебата во и за политиката. Наместо за предизвиците и пораките од Брисел, Берлин, Вашингтон и од околината на Кардиф, некако сите на мајтап си ја фатија работата. И едните и другите. Нема разлика.
Така вртејќи по каналите додека гледам спортски натпревари и откако се навежбав брза географија, северниот сосед го тепал јужниот сосед, западниот сосед победил на Западот од Европа, сите се спремаат за посета на фудбал кај источниот сосед, префрлувам на Собранискиот канал. И таму често има спорт. И тоа директен.
Таму нормално сѐ доцни, во кадар Амди им покажува на две пратенички кое е копчето за молчење, службите трупаат куп празни листови на местата за опозицијата, демек нешто се работи. Во галеријата присутни Каракамишева и Боцевски, спремни со микрофон на појас ако треба да се нападне СДСМ уште за нешто односно за сѐ што треба.
Трајко ја отвора седмата, осмата, деветтата и колку што треба седници. Пред да го прочита дневниот ред, чита обраќање кон Никовски: еден, два, три, до 24, со што јасно и недвосмислено му покажува дека знае да брои. Дневниот ред е флексибилен, по потреба, поточно по „погрујо“, се нафрлуваат уставните измени, промената на името, професори на замена, финансирањето на соросоидите. Павле прв се јавува и бара сериозен пристап за точката за промената на името и тоа да биде прва точка и неговата стратегија да биде составен дел од предлогот. Силвана рипа и го смирува, седи Павле промената на името е за болеста „син јазик“ кај говедата. Силвана и Авировиќ предлагаат името на болеста да се промени во портокалов јазик. Тазе колешките со лила марами околу вратот први гласаат, тие и така немаат врска со сината боја.
Трајко нервозно гледа во Илија, Илија врти телефони, очигледно Влатко пак доцни, џабе од 13 часот беше закажана седницата. Влатко задишан улетува од задната врата, нормално нема картица, картиците се кај Жарко, што е сигурно сигурно, да не улета опозицијата ненајавена. Влатко од внатрешниот џеб на сакото вади хрватска путовница (не се знае дали е негова), ја кине, зборува за легализирањето на истополни бракови во една земја-членка на Европа. Не зборува што ќе направи со земјиштето во Хрватска, а и овој негов предлог е само за домашна употреба. Предлага легализација на бејзбол-палки во рацете на Миленко и Јанко со можност за упаѓање во станови каде што живеат партнери од ист пол.
Во расправата се бара тие од МАНУ да се мафнат од Ѓорчевиoт предлог за еден на еден, а Жаре да го промени името на емисијата во еден маж на една жена.
За Законот за замена на штрајкувачи присутни се и министерот и заменикот, двајцата трчаат накај говорница, се борат кој повеќе ќе го поддржи премиерот во ова решение. Кај се чуло и видело во 21 век да се штрајкува? Зошто имаат компјутер за секој учител? Нека ги стават во хибернирачки режим и така нека се бунат. Се предлага професорите што предаваат етика, а штрајкуваат, да се заменат со вработени од редакцијата на неделникот „Република“. Професорите по историја да се заменат со екипата предводена од Божиновски, Станковски и од Чаушевски. Во новоотворената паралелка за внатрешна пловидба нема проблем зошто единствен професор е Коце. Останува непознаница за замените за физичко зошто еден е Урко, а него по еден џогинг (спринт) го снема.
Покрај законските измени за казни за непослушните професори, кои се дрзнале да размислуваат да штрајкуваат, се предлагаат и други измени.На пример, Славе Гошев предлага изучување на социјалните мрежи, а Амди бара укинување на матурскиот испит за градоначалници. По прекинот на штрајкот, се предлага за сите штрајкувачи да се организира кинопроекција на која ќе се емитуваат поучните филмови: „Има кој да мисли“ и „Кембриџ не познава штрајкови“.
Усвоени измените за замена на професорите и наставниците и тамам да се премине на следната точка, Трајко ја прекинува за момент седницата, во салата влегува Хорхе со сопругата и синот, веднаш го потпишува Законот, се поклонува кон празното столче на премиерот и молчешкум заминува во непознат правец.
Во меѓувреме завршија 73 седници на комисиите и законите од истите кои се дел од пленарната расправа. Покрај извештаите од дебатата на пратениците им се делат и лекарските наоди од размената на ударните аргументи на пратениците.
Се преоѓа на информацијата, поднесена од група пратеници: Како се станува соросоид? Стоиљковиќ интервенира дека во насловот фали неговиот предлог: „А где су паре?“. Да не го удреше гром и Милетиќ ќе кажеше нешто. Неочекувано еден господин со тазе афро-фризура што личи на Милошоски бара сите корисници на такви пари да ги вратат истите, и ги набројува: Илија, Паско, Донев, Хорхе… Илија нервозен ѕвони кај директорот на центарот за комуникации, но му ѕвони неговиот втор телефон, Трајко ја прекинува седницата и прогласува пауза од еден час за ручек и еден час за билдинг.
Попладневната сесија почнува со процедурални пискотници и со лелеци од Лиле, која бара да зборува за измината тема зошто била на сеча на дрва во Општина Центар и не можела да го брани амандманот, болеста кај говедата да се преименува во зелен јазик, како последно место каде што би се гледала зелената боја во Македонија.
Тука Трајко ги прекинува 23-те седници, ги повикува пратениците надвор да се качат на чамците кои ќе ги пребацат до новиот театар и апелира без да заглават на пуканки на плоштад, да се вратат назад и да ги дискутираат, пардон, да ги допритискаат преостанатите закони по најскратена процедура у свет.
Инаку на другите канали и програми сѐ е супер и розово…