Е докторе, докторе…

by Fokus

Се сретнав со еден познат лекар кого не сум го видел одамна. Муабет од нога, прашува како сум и кога му се пожалив дека многу кашлам, ми закажа преглед за утре во 10. Е, докторе, докторе, што да правиш, ти си „само“ лекар, хирург, кој ти е крив што не си доучил уште две-три години за плочкар или автолакер да станеш, живот да му видиш

 Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Како и секоја година, ненадејно дојде есента, исто онака како што ненадејно во јануари паѓа снег, кој ги изненадува надлежните служби за чистење на патиштата. Изненадени од студените утра и ноќи, кусите ракави ги заменуваат јакните, сè почесто ги вклучуваме грејните тела и сè повеќе мислиме на традиционалната зимница, на ајварот, пред сè.

Понудата на ајварот во супермаркетите е никаква, ако некогаш сте пробале домашно направен ајвар. Двор немам, ниту ќумбе, па единствено нешто што ми паѓа на памет е да му се јавам на пријателот, кој минатата година имаше многу добар ајвар што му го направила некоја жена се занимава со тоа.

Речено-сторено и веќе следната минута вртам на бројот што ми го даде пријателот. Додека ѕвони телефонот, се преслушувам колку тегли да порачам лут ајвар, колку благ и лутеница да не заборавам, калкулирајќи ги во количеството и децата, кои се големи и го фатиле својот пат, ама, сепак, деца се.

(НЕ) СЕ МОЖЕ БЕЗ АЈВАР

Значи олку лут и олку благ по 280 денари тегла, толку платил пријателот, ауу и тегли да купам, плус лутеница олку, телефонот ѕвони и понатаму, да не се малку тегли, пак математика во главата, се јавува секретарка, оставете порака. Не можам да верувам дека не се јавува, таман го стокмив количеството, ама добро, ќе ја барам подоцна. До вечерта не се јави, и покрај тоа што ја барав трипати.

Вртев и утредента, ама безуспешно, па решив да дигнам раце. Се може и без ајвар. Арно ама се сретнав со едни пријатели, муабет од нога, ајвар актуелен и дознавам дека некоја друга жена што тие ја познаваат, правела многу добар ајвар.

Ми го дадоа нејзиниот телефон и само што заминаа, вртам на бројот и вистинско чудо веднаш се јави. Добар ден, добар ден, ми го дадоа бројот и ми рекоа дека правите ајвар и го продавате. Да, ми одговара гласот од другата страна, малку воздржано, и веднаш следи прашање, а кој ве препорачува?

Ѝ го кажувам името на пријателот, ама веднаш следи прашање, а сопругата како му се вика? Како од пушка одговарам, ама на ред е презимето нивно, па моето, се исплашив дека и лозинка ќе ми бара како дрога или оружје да купувам, ама, за среќа, тука завршија прашањата.

Но, веднаш потоа следува листа на нејзини клиенти и тоа наброени по функција или бизнисот на нивните мажи од повисоката кон пониската, најверојатно да си знам колку сум привилегиран.

Следува прашањето со што се занимавам јас, најверојатно за да ме процени кое место да ми го даде на листата, ако воопшто успеам да се изборам да дојдам на листата, а кога ѝ одговорив дека сум адвокат, помалку разочарано ме смести на листа на чекање со релативно добри шанси да добијам ајвар како да порачувам од Америка со шипинг, само овде најверојатно се вика шипинк(и).

ТЕГЛИ САМО ПО ПРЕПОРАКА

Уште кога слушна дека сум задоволен и со по десет тегли лут и благ ајвар, некако од високо, без да ми каже дека сум ненормален, ама така звучеше, триумфално ми соопшти дека сопругата на тој и тој политичар порачува 150 тегли секоја година, а мајка му на оној бизнисмен по 100 тегли, ама ајварот го сакала со модар патлиџан. На крај, не помалку од високо, ми соопшти дека нејзиниот ајвар е 400 денари тегла. Сакав да ја прашам кавијар да не продава, ама дигнав раце.

Продолжив кај што сум тргнал, заборавајќи на ајварот, на пазарче, ама ѓаволот не седи мирен, па на една од тезгите слушнав дека две тезги лево, жената прави ајвар по нарачка.

Две тезги полево, добар ден слушнав правите ајвар по нарачка. Ме одмери жената со еден строг поглед и ме праша за количество. Ѝ кажувам, а таа го вади тефтерот под тезга и замислено го листа повлекувајќи со показалецот по листовите,  кои постојано ги врти и туфка, како да бара термин за судење, наликувајќи многу на судиите кога одлагаат и закажуваат нов термин.

Додека така замислено вртеше по тефтерот барајќи место да ме уфрли, ми текна, среќа, да ја прашам за цена. Мрзеливо и незадоволно ми рече 450 денари. Благодарам многу и пријатно, ѝ реков, прашувајќи се да не ставаат злато во ајварот.

Сево ова ме потсети на закажувањата кај педикир, масер, но и приказните што сум ги слушнал од пријателите за фризерки, козметичарки, шнајдери… Ништо поинаку нема да поминете ни со плочкар, паркетар, тишлер, електричар, водоводџија, автомеханичар…

Заминувајќи од пазарчето се сретнав со еден познат лекар, кого не сум го  видел одамна. Муабет од нога, прашува како сум и кога му се пожалив дека многу кашлам, ми закажа преглед за утре во 10.

Е, докторе, докторе, што да правиш ти си „само“ лекар, хирург, кој ти е крив што не си доучил уште две-три години за плочкар или автолакер да станеш, живот да му видиш.

 

 

 

 

 

Поврзани новости