Преку апликацијата за самопопишување досега се евидентирани 11.149 лица, објави Државниот завод за статистика на својата веб страница.
Податоците се однесуваат за состојбата на 2 март 2021 во 10:00 часот.
Со пријавувањето на Апликацијата, корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, е-маил адреса, која се верификува со праќање на е-маил за верификација, и телефонски број на корисникот. При регистрација на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП адреса се внесени податоците.
Предвидено е собраните податоци преку Апликацијата за самопопишување да се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку Апликацијата за самопопишување, како што велат од ДЗС, не значи по автоматизам број на резидентно население на Република Северна Македонија.
Претходно, ДЗС објави дека до апликацијата за попишување наменета за дијаспората, може да се пристапи само со ИП адреса од странство, а секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис.