ДЗС добила европски пари за сензори, но купила камери од фирма стара неколку дена

by fokus

Иако не беше многу одамна кога пожарите пеплосаа 450.000 кубни метри шуми, пред неколку месеци ревизорите констатираа дека стратегија за борба со пожари нема. Единствено што се споменува е каков европски проект е земен за инсталирање современи системи за рана детекција на пожарите. Со европски пари од речиси милион евра, ваков систем набавила и Дирекцијата за заштита и спасување, но, според документацијата што ја обезбеди „Фокус“, избраниот конзорциум гравитирал околу фирма формирана 5 дена по објавувањето на тендерот додека партнерските општини побарале поништување на постапката

 Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Владата во 2018 година донела Уредба за знаците за тревожење и постапките на населението, преку инсталирани сирени од системите за тревожење.

Но, оваа уредба не е применлива, бидејќи овој систем датира од 1980 година и не е функционален, констатирал Државниот завод за ревизија во најновиот извештај за функционирањето на системот за управување со пожари.

Во минатото низ целата територија на државата и преку акустична студија било предвидено да се покријат сите населени места. Но, последните набавки на сирени биле во 1990-тите и преку нив по далечински пат можело да се пренесе говор.

Сега, при пожар на отворено или шумски пожар, треба веднаш да се известат надлежните служби на бесплатните телефонски броеви за итни повици 193 (Бригадата за противпожарна заштита) или 195 (ЦУК).

Од февруари 2022 година, во рамките на ЦУК е воспоставен единствен комуникациско-информативен систем со единствен број на повик-јавување во случај на ризици, опасности и други несреќи на целата територија на Републиката – 112, која работи 24 часа, секој ден во неделата.

Но, денес во земјите низ светот, операторите не чекаат повици и пријави за пожари, туку сѐ им е пред очите во видеособата, од каде што гледаат каде има чад или оган, односно каде гори.

И додека ревизорите во февруари објавија дека системот за управување со пожари не функционира и дека не се обезбедени целосни услови за превенција и рано предупредување во случај на пожар на отворен простор, навремено оперативно дејствување при нивно гаснење, ДЗС спровела меѓународен тендер за инсталација на систем за рано предупредување од пожари.

Во јавноста воопшто не се знае дека е спроведен ваков тендер и немало никаква информација за овој систем за превенција.

На барање од „Фокус“, Дирекцијата за заштита и спасување објаснува дека на 3 декември 2021 година потпишале договор со Европската комисија претставувана од Амбасадата на ЕУ во Скопје за имплементација на проектот „Development and implementation of a smart and sustainable integrated forest fire management system in the cross-border area (DISSIWMS)“.

За овој проект, аплицирала Дирекцијата, а нејзини партнери се општината Струга и Либражд. Вредноста на проектот е 946.285 евра.

Најголем дел од парите ги дава ЕУ, речиси 85 проценти, а остатокот го покриваат институциите што го имплементираат проектот, кој треба да се спроведе од 1 јануари 2022 година до крајот на 2024 година.

На 15 април минатата година, Дирекцијата објавила меѓународна постапка за избор на најповолен понудувач за набавка и инсталација на потребниот систем, односно „Систем за рано предупредување од шумски пожари“.

Според информациите на „Фокус“, на јавниот повик учествувале две фирми, едната што нуди германски систем со сензори и камери и другата што нуди полски систем со камери.

 ТЕНДЕР ЗА НОВА ФИРМА

Тендерот го добива конзорциум групиран околу фирмата „Смарт Д систем“ од Кавадарци, која, според податоците од Централниот регистар, е формирана 5 дена откако е распишан тендерот.

На прашањето на „Фокус“ зошто е избрана оваа фирма, од Дирекцијата објаснуваат дека таа е дел од македонско-полски конзорциум заедно со фирмите „Манта мониторинг“ и „СомкеД“, кои, како што велат, се еминентни производители на ваков тип опрема и софтвер со повеќе од 10 години искуство и добиени меѓународни признанија.

Оттука, за нив не е ништо спорно тоа што договорот го добива наменска фирма отворена 5 дена по тендерот, бидејќи законски тоа било дозволено.

Фирмата очигледно е отворена по добиените информации од ТЕД Европа дека има објавено повик за набавка на опрема и е од логистичка потреба за спроведување на проектот.

Конзорциум е дозволен инструмент во која било набавка со цел да се обезбедат сите услови што се побаруваат во тендерското досие“, велат од ДЗС.

Другата фирма што нудела поскап систем за превенција била компанијата Велком ДООЕЛ“ Скопје. Според информациите од Дирекцијата, оваа компанија не го добила тендерот затоа што немала писмен документ дека е официјално во конзорциум со германската компанија  IQ„Firewatch“.

Компанијата имала поскапа понуда, но нудела сензори.

„Фокус“ дојде до документи, според кои општините Струга и Либражд, кои се копартнери во проектот, имале низа забелешки за тендерот и барале дури и негово поништување.

СЕ АПЛИЦИРАЛО ЗА СЕНЗОРИ, СЕ НАБАВИЛЕ КАМЕРИ

Според забелешките што ги имале општините, направени биле битни пропусти при изготвувањето на тендерската документација, конкретно при дефинирањето на параметрите, односно карактеристиките на предметот на набавка во техничката спецификација.

Според нив, техничката спецификација била сменета, со што се сменила основната идеја на проектот, односно апликацијата со која е добиен овој проект.

Тендерската документација во оваа јавна набавка се базира на „Камери“, а не на сензори, сензорски единици, сензорски софтвер за откривање пожари на долг дострел во погранична зона. Зборот сензор не е евидентиран во техничката документација.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости