ДЗР: За малите хидроцентрали не се уплатени 23 милиони денари во буџетот

Елаборатите за заштита на животната средина се врши без соодветно утврдување на можното влијание врз животната средина, констатираат ревизорите.

by Фокус

Стратешките документи поврзани со процесот на планирање и доделување концесии, издавање дозволи за водно право, комуникација и размена на информации, како и наплатата на концесиските надоместоци и надоместоците за користење на вода, се донесени без направена стратегиска оцена на влијанието врз животната средина и не се исполнети утврдените цели за изградба на големи хидроелектрани.

Ова го утврди Државниот завод за ревизија во ревизијата на усогласеност на тема „Експлоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија“, за периодот 2012-2021 година. Како што се наведува во ревизорскиот извештај, како резултат на ваквите детектирани состојби од малите хидроелектрани, кои се повластени производители, не се уплатени 22,8 милиони денари во Буџетот, што претставува 41 отсто од вкупно пресметаниот надоместок.

Во него уште се наведува дека одобрувањето на елаборатите за заштита на животната средина се врши без соодветно утврдување на можното влијание врз животната средина, што, според ДЗР, доведува до ризик изградбата на мали хидроелектрани да има одредени негативни влијанија врз речните екосистеми и природната биолошка разновидност.

„Постапките за доделување концесии за изградба на мали хидроелектрани за користење на вода за производство на електрична енергија се спроведени без направена оцена на влијанието врз животната средина, врз основа на застарени хидролошки податоци. Притоа, поради слабости при планирањето и изборот на локации, не се склучени договори за концесија за околу 65 отсто од објавените локации од надлежните министерства“, велат од ДЗР.

Од таму додаваат дека слабостите при издавањето на дозволите и неефикасната контрола од страна на надлежните институции овозможиле во одредени периоди користење на вода и без обезбедена дозвола за водно право. Надлежното министерство, истакнуваат од Заводот, не располага со комплетни податоци за примените барања и издадените дозволи за водно право и не е обезбедена достапност на истите за инспекциските служби.

„Несоодветното планирање, сложената постапка во повеќе институции и непочитувањето на роковите за постапување од истите придонеле потребната документација за дел од малите хидроелектрани да не биде обезбедена во предвидениот рок и да се пролонгира почетокот со работа или да се раскинат договорите, а со тоа дел од концесионерите да бидат ставени во нееднаква положба“, се наведува во извештајот.

Оттука, ревизорите препорачуваат реализација на планираните проекти за изградба на големи хидроелектрани, разгледување на можноста за пазарно прилагодување на повластените тарифи, донесување методологија за определување минимум прифатлив проток на водите, воспоставување регистри на издадените дозволи и доделените концесии и целосна наплата на надоместоците.

Поврзани новости