Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештајот посочува дека програмите за рана детекција на малигни заболувања во земјава не ги даваат очекуваните резултати.
Ревизијата за периодот од 2021 до 2024 година покажува дека опфатот на скринингот е далеку под европските стандарди, што резултира со доцно откривање на болеста кај најголем дел од жените.
Според податоците од ДЗР, во анализираниот период направени се вкупно 20.946 скрининг-мамографии кај жени на возраст од 40 до 69 години.
Што се однесува до ракот на грлото на матката, од 2022 до 2024 година, земени се 130.093 ПАП-тестови од жени на возраст од 21 до 59 години.
„Со постојниот опфат не може да се очекува доволен ефект во раното откривање на болеста, бидејќи тој е значително под европските препорачани нивоа за организиран популациски скрининг“, велат ревизорите.
Најстрашниот податок во извештајот е фактот дека поради неефикасниот скрининг, дури 80 отсто од пациентките со рак почнуваат со лекување во подоцнежни стадиуми на болеста.