Полицијата ги сомничи охриѓаните Б.П (30) и Р.С. (30) за вчерашното двојно убиство во Охрид. Првиот е тој што пукал од свој нелегален пиштол, додека вториот со своето „бе-ем-ве“ го однел во летната бавча на ресторанот „Император“, а потоа и го одвезол од местото на настанот. Жртвите се Ромео Ѓ. (38), жител на селото Лескоец и Васил Р. (56) од Охрид.
Кога двајцата пристигнале со автомобилот, на летната тераса се случила жестока кавга и турканица помеѓу пиштолџијата и сега починатиот Р.Ѓ. Напаѓачот го удрил неколку пати со рака по лицето, по што извадил пиштол, испукал еден куршум и го погодил во рамото. Тешко повредениот се обидел да бега кон рецепцијата на хотелот „Император“, но притоа бил погоден со уште два куршуми.
Во близина на хотелската рецепција, Б.П. бил пресретнат од В.Р. (56) сопственик на „Император“ кон кого убиецот испукал еден куршум погодувајќи го во пределот на градниот кош.
Веднаш потоа, истрчал кон летната тераса каде го чекал неговиот пријател Р.С. и со истото возило избегале, а на пресекот на улиците „7 ноември“ и „Васил Главинов“ пиштолџијата излегол од возилото и избегал.
Од МВР велат дека пријавените се познати на службата против кои и досега биле поднесувани кривични пријави, односно пиштолџијата претходно бил и условно затворски осудуван.