Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на надоместоците за експлоатација на минерални суровини во вториот квартал од 2025 година достигна рекордни 260.379.123,00 денари или околу 4,2 милиони евра. Ова претставува значително зголемување во однос на истиот период во 2024 година, кога беа наплатени 133 576 534 денари или 2,2 милиони евра.
Збирно, за првите шест месеци од 2025 година, Министерството оствари наплата од над 500.000.000 денари, што е историски успех во управувањето со природните ресурси на Република Македонија. Министерството очекува оваа бројка да расте со оглед на фактот дека се испратени опомени до концесионерите што се ште не ја регулирале обврската да го сторат тоа во рокот.
Според министерството овие резултати се директна последица на засилените инспекциски контроли, писмени опомени и санкции со предупредување за едностран раскин на договорите, на новиот тарифник од 1 јануари 2025 со кој се зголеми висината на надоместоците до 100%, обезбедувајќи правична вредност за користење на природните ресурси.
Клучните измени вклучуваат: зголемување на надоместокот за користење простор за експлоатација за околу 30%, надоместок за експлоатација на мермер: 5% од приходот од продадената суровина, зголемување на надоместокот за метални минерални суровини од 2% на 4%, просечно зголемување над 100% за неметални минерални суровини.
„Фокус“ пишуваше за концесионерите кои на големо ископуваа минерални суровини од почвата, а државата им наплаќаше ситно. На некои локации и воопшто не го наплаќа поради малверзациите на фирмите концесионери.
За концесиски надоместок за експлоатација на минералните суровини, државата наплатила само 8 милиони евра годишно, односно 45 милиони евра во периодот од 2018 година до 2022 година, од кои околу 4,6 милиони евра надоместок за користење простор и околу 40,2 милиони евра надоместок за експлоатирано количество на минерална суровина.
За експлоатација на минерални суровини, заклучно со 2022 година, се доделени вкупно 348 концесии на 257 концесионери, на вкупна површина од 333,73 квадратни километри, што претставува 1,3 отсто од вкупната територија на државата, од кои за експлoатација на мермер се доделени 29 концесии.
Вкупно се експлоатираат 50 видови на минерални суровини, а најмногу концесии се издадени за експлоатирање на варовник, вода, песок и мермер.
Последниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија покажа дека државата добила само 1,7 милиони евра од 29 концесионери на мермер, кои најмногу експлоатираат во прилепскиот регион, а тоа е само еден отсто од приходите што ги остварува концесионерот по продажбата на минералната суровина.
НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ДОЗВОЛАТА
Во ревизорскиот извештај „Ефикасност на постапките за доделување на правото за вршење експлоатација на минерални суровини и реализација на склучените договори, со посебен осврт на мермерот“, се наведува дека овој начин на пресметка на надоместоците за експлоатација на минералните суровини не ги одразува реалните продажни цени што ги остваруваат концесионерите и не придонесува за правично и рамноправно оптоварување на концесионерите, односно ревизорите со овој извештај потврдија дека државата наплаќа премалку од издавањето на концесии.
Koнцесионери доцнеле со уплата на надоместоците, а дел од нив и самоиницијативно ги прошириле границите на површините за ископ, односно експлоатирале минерални суровини надвор од дозволата за експлоатација што ја поседуваат концесионерите на вкупен простор од 9.989 квадратни метри.
РЕВИЗИЈА НА РАБОТЕЊЕТО
Министерката Сања Божиновска, која го предводи штотуку формираното Министерство за енергетика и минерални суровини, за „Фокус“ истакна дека состојбата во овој сектор не е средена со нецелосна законска регулатива и недоволна контрола на експлоатацијата.
– Ревизорскиот извештај укажува на бројни аномалии во Секторот експлоатација на минерални суровини. Свесни сме дека она што години наназад се уништувало, не може веднаш да се среди. Најпрво, ќе направиме ревизија на работењето на Секторот за минерални суровини, како и на Сектор за инспекциски надзор над експлоатација на минерални суровини и геолошки истражувања.
Како што знаете, ревизорскиот извештај нотира недостиг од човечки ресурси, што значи дека ќе мора да направиме зајакнување на овие капацитети со свежи и нови кадри, секако потпирајќи се и на искуството на постоечките. Потоа, ќе се ревидира моделот на наплаќање на концесискиот надоместок. Ќе го искористиме искуството и од соседните земји со цел да одбереме најдобар модел за наплата на концесискиот надоместок.
Исто така, при инспекцискиот надзор ќе воведеме новина со која ќе се врши ревносна контрола на наплатата на овој надоместок кај концесионерите. За да се средат работите во целост во овој сектор, неминовна е проверка и ревизија на веќе доделените концесии од страна на Министерството за економија, но имајте на ум дека за сето ова треба време и енергија, а верувајте време немаме многу, но енергија и елан за работа секако имаме – рече Божиновска за „Фокус“.
Минералните суровини се уредени со Законот за минерални суровини и согласно истиот може да се вршат проспекциски, основни и детални геолошки истражувања на минерални суровини, а правото за вршење на истражувања на сите видови минерални суровини се стекнува со добивање концесија.
Орце Костов