Двојно намалување на даночните казни и професионални царинци, бараат бинисмените

by fokus

Поефикасна и побрза администрација, избегнување на честото менување на даночната регулатива, двојно намалување на казните, се само дел од барањата што бизнис заедницата денеска ги упати до првите луѓе на Управата за јавни приходи и Царинската управа како институции чие функционирање најмногу влијае врз работењето на компаниите.

Анкетата на Стопанската комора на Македонија направена меѓу компаниите покажува дека 90 проценти од анкетираните побарале намалување на даночните казни, 45 проценти дека е потребна зголемена обученост на даночната администрација, 70 проценти сметаат дека Царината е ефикасна, но бараат попрофесионален однос на цариниците на граничните премини Табановце и Блаце, олеснување на царинските процедури, кратење на времето за царинење, брз и слободен проток на стоките и услугите.

Според резултатите стопанствениците оценуваат дека е пристуна селективност на даночната администрација кон компаниите во спроведување на даночните формалности. – Само 20 отсто од компаиите остаруваат директен контакт лице в лице со УЈП во поглед на појаснувања за обврските кои произлегуваат од даночните прописи, покажуваат резултатите од анкетата во која учествувале 153 компании, а прашалници биле доставени до 270 компании.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески истакна дека најзначајни партнери на компаниите се Царината и Управата за јавни приходи и дека треба меѓу компаниите и овие две институции да се гради партнерски однос.

– Брзината е значајна работа кај бизнисот, а кај администрацијата е спороста во работењето. Она на што треба да работиме во иднина е тие во својата работа да се приближат, рече Азески.

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски најави дека голем број од дозволите кои досега биле потребни на компаниите нема да им требаат и дека со цел олеснување на движењето на стоките на граничните премини ќе почне заедничкото царинење со Србија, а се работи и за заедничко царинење со Албанија и со Косово.

Според него, големо олеснување ќе биде и воведувањето на овластен економски оператор на компаниите. Најави дека се подготвува и нов закон за акцизи кој ќе предвидува нов начин на пресметка на акцизите при увозот на енергенсите.

Поврзани новости