Две жени на возраст од 44 и 35 години се здобиле со повреди при пукање од огнено оружје на свадбена веселба во гостиварското село Чајле. Жените се хоспитализирани во гостиварската болница, а домаќинот на свадбената веселба е приведен во полициска станица под сомнение дека тој пукал со огненото оружје.
„Половина час по полноќ во дворот на семјената куќа на Б.Х. (53), додека траела свадбена свеченост, имало пукање од огнено оружје. Во се уште до крај нерасветлени околности дошло до повредување на две жени кои присуствувале на веселбата. Повредените Х.И. (44) и М.М. (35) биле пренесени во гостиварската општа болница „Ферид Мурад“ и медицински згрижени. Утрово, на местото на настанот, увидна екипа и јавен обвинител извршиле увид и се работи на расветлување на случајот“, соопштија од СВР Тетово.
По пријавата, во околу 1:30 часот, полициски службеници го лишиле од слобода Б.Х. домаќинот на веселбата, под сомнение дека тој пукал со пиштол.
Пред четири дена во тетовска Мала Речица при пукање со огнено оружје беа ранети две помлади лица, од кои еден е син на пратеникот Џевад Адеми. Тој беше сериозно повреден и опериран на скопските клиники.