Љуан Кадриу (21) од липковското село Слупчане е осуден на условна казна од 2 години, поради тоа што го симна македонското знаме и крена албанско знаме на јарболот во центарот на Куманово.
Во Основниот суд Куманово, како што пишува Kumanovo news, на Кадриу му се судеше за две кривични дела, напад на службено лице при вршење на работа од јавна безбедност и предизвикување на национална, верска и расна омраза, раздор и нетрпеливост. Кривичниот совет за двете кривични дела му утврди единствена казна од 2 години, по изречена условна осуда во периодот од 4 години да не стори било кое друго кривично дело.
Кадриу пред судот ги признал двете кривични дела за кои е обвинет.
Инцидентот се случи на 31 март годинава во 15.55 часот, кога четворица тинејџери го извадиле државното знаме и поставиле знаме на друга држава на улицата Гоце Делчев, пред хотелот „Кристал“ во Куманово. Додека го подигале знамето на јарболот, ги забележале полицајците во цивилка кои се обиделе да ги легитимираат, но тие ги нападнале. Во обидот да ги совладаат полицајците се здобиле со повреди по телото. Двајца од четворицата насилници побегнале, додека Л.С. (16) и Љ.К. (21) од Слупчане се приведени во полициската станица на СВР Куманово.
На Кадриу му беше изречен куќен притвор.
Судењето на малолетникот Л.С. се уште не е завршено, но тој не го признал делото и тврдел дека случајно се нашол на местото на инцидентот, пишува Kumanovo news.