Денес се навршуваат дваесет години од смртта на легендата на македонската народна песна, Петранка Костадинова. Една од најпознатите естрадани уметнички, го загуби животот на 54 години, во сообраќајна несреќа, а веста за нејзината смрт ја потресе јавноста.
Како што тогаш информираше МВР, во неа удрил црвен автомобил ,,пежо 206″ со скопски регистарски таблички, додека ја минувала улицата на пешачки премин. Несреќата се случила во 18.50 часот на пешачкиот премин на крстосницата на булеварот ,,Крсте Мисирков” и булеварот ,,Гоце Делчев”, во близина на Судската палата.
Костадинова претходно во студиото го завршила снимањето на песната со која требаше да настапи на претстојниот ,,Гоце-фест”. Додека ја минувала улицата во неа удрило ,,пежото”, кое се движело со голема брзина, а кое Горан Т. (28) го купил дента.
Од ударот Петранка починала на самото место на несреќата. Полициска екипа и истражен судија веднаш извршиле увид на местото на несреќата, а телото на почината било однесено во Институтот за судска медицина.
Според очевидци, возачот на пежото минал на зелено светло и не ја забележал Костадинова, која во моментот ја минувала улицата на пешачкиот премин.
Таа беше погребана на гробиштата во Ѓорче Петров во присуство на најблиските, но и на голем број на колеги од естрадата.
Костадинова, која раното детство го минала во Демир Капија, а потоа се преселила во Неготино, и на крај во Скопје, каде што формираше семејство, останува запаметена како доајен на македонската народна музика.
Вики Клинчарова