Во Македонија се случи уште нешто без преседан: има двајца премиери. Толку различни физички и психички, а толку слични во целта кон која се стремат. Да бидат премиер. Македонија има двајца премиери. Вториов не е алтер его на првиот, далеку од тоа. Не е ни обратно. Зашто овој првиов што си депонираше оставка, како и со сѐ друго, и тоа го глумеше. Неговата болест е во термална фаза: што сакам, ви правам. Поголема беља има овој што е официјален премиер и мора да глуми дека тоа е вистина. Зборува, никој не го слуша, постои, никој не го есапи. Нивното паралелно постоење ја направи Македонија паралелен свет. Едниот држи говори, мирен, заоблен, чиновниче со чиновнички јазик, не знае кому се обраќа, ниту тие што го слушаат знаат за што служи и кој е човекот што го нарекуваат премиер. Не знаат ни што е овој другиов што фрла лопати, промовира проекти, цинично се смее, како последица на болеста во последен стадиум. Каде и да е, на друго место со него ќе се занимаваа психолози, психијатри, социолози и, на крајот на краиштата, судии и чувари на затвори. Но, ние одамна не спаѓаме во нормална земја.
Затоа премиерот број еден, или официјалниот, со својот благ глас ни се обраќа како на некои со психо-физичка мана, а премиерот број два се изживува со народните пари, формира, распушта, поставува, разрешува, жари и пали, суди и пресудува, со една рака руши, со другата гради. Го гледа народот в очи и му се смее; има да возам што сакам, има да седам на дрвен стол во барокен стил, со памучна навлака и со свилен тапацир, колку и да чини, спречете ме ако можете и ако сакате, има да фрлам пари колку што сакам, на што сакам и можете само под прозорец да ми плукнете. Да, ова е простачки и вулгарно кажано, но имало ли повулгарен политички момент во поновата македонска историја.
Вистина е, кога сѐ друго е можно и прифатливо за народот, зошто не би биле и двајца премиери. За првпат нема изговор. Овој народ не е тој за кој политичарите мораат да кажат „народот е секогаш во право“, овој народ не е ни во право, ни во криво, ниту знае за што е, ниту за кого е, ниту зошто. А што има двајца премиери, па веројатно ни за тоа не е свесен. Еден, овој предвреме остарениов, официјален, си го прифатија како нужно зло, а другиов е веќе како домашен човек, роднина, не се може без него, на телевизија, во соба, на улица, па дури ни во кревет. Во домот на секој човек е како вазна, иако грда и неупотреблива, станала дел од мебелот.
Се разбира, секое лудило мора да ја доживее својата кулминација. На секој лудак, пред да се прикаже во целиот свој лудачки сјај, му треба време за конечно да му ги врзат рацете на грб и да го фрлат во лудница засекогаш. Не само народот да го спасат од него, туку и него да го спасат од самиот себе. Инаку, ако ја консултираме историјата, или народот ќе го убие, или тој самиот ќе си пресуди. А Емил? Никој не го ни праша за да го израдува како е да се биде премиер наместо премиерот со најлуциферската насмевка на светот. Емил мора да продолжи да ги декламира оние глупости пред верните членови. Заедно се сите во котелот со слатко, во кој не се гладни, но лепливо е.
Па, драги гледачи, ја имате единствената шанса од двајца премиери да направите еден. Од едниот косата, од другиот веѓите, и така сѐ до крај, од еден челото, од друг очите, па одењето и карактерот. Со едно само ќе имате проблем, чиј мозок ќе го земете.
За срцето не мора да се грижите, срце немаат, имаат орган за пумпање на крвта низ вените, па чие и да го земете, нема да згрешите.
Се ближиме кон катарза, финиш, нешто слично по значење на оние слики кога Нерон го пали Рим.
Ќе бидеме и ние наскоро нормална држава со еден премиер. Ниту еден од овие двајцата од кои еден цел премиер може да се состави, ама човек не. Зашто рака на срце, само глуп човек му се приклонува на тиранинот оддалечувајќи се од слободата и прифаќајќи го слугувањето. Кога ќе престане тоа, тој што личи на голем колос, на кој му го тргнале постаментот, паѓа под сопствената тежина и се крши во парампарче.