Двајца царински службеници кои биле на смена кога автобусот што се запали во Бугарија излегол од земјава, ќе бидат суспендирани од работното место, а санкциониран ќе биде и нивниот непосреден раководител, соопшти вечерва Царинската управа по спроведената контрола откако се обелодени дека автобусот во којшто изгореа 45 патници немал лиценца за меѓународен превоз.
-Првичните наоди од внатрешната контрола покажуваат дека на 18.11.2021 година, од страна на царинските службеници елелектронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК0284БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, извршена е само заверка на евидентентиот лист за превоз на патници, соопштуваат од Царина.
Согласно член 49 од Законот за превоз во патниот сообраќај, при вршењето на слободен превоз на патници во меѓународниот патен сообраќај, во зависност од видот на превозот, превозникот мора да има: извод од лиценца, патен налог во оригинал, евидентен лист за превоз на патници, договор склучен меѓу превозникот и нарачувачот на услугата и правилно и точно пополнет патен лист на пропишан образец, потпишан и заверен од превозникот и заверен од надлежните царински служби.
Врз основа на овие приложени документи, Царинската управа електронски го евидентира превозот и тоа на влез или излез при првото и при второто преминување на возилото преку граничниот премин на Република Северна Македонија, во зависност од релацијата на превозот.