Специјални единици на косовската полиција изведоа утрово обемна акција во северниот дел од земјата, при што уапсија две лица од српска националност кои се сомничат дека се поврзани со убиството на политичарот Оливер Ивановиќ во јануари минатата година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Извори од косовската полиција изјавија за медиумите дека еден од уапсените е Раде Басара, полициски истражител од северно Косово. Тој раководел со истрагата за убиството на Ивановиќ и се сомничи за прикривање докази.
Уште едно, засега неидентификувано лице, е уапсено поради поседување оружје и муниција, додека по трето лице и натаму се трага. Портпаролот на косовската полиција Баки Кељани изјави за медиумите дека станува збор за шефот на оперативата на пoлицијата во Северна Митровица, Жељко Бојиќ.
Во полициската акција, која почна утрово во 5 часот, учествуваа над 100 припадници на специјалните единици.
Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби, беше убиен на 16 јануари 2018 година во северна Митровица, недалеку од неговиот дом, пред седиштето на неговата партија – Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда.