Двајца пациенти од 40 и 43 години добија бубрези од починатиот донор Динева, едната трансплантација траела дури 8 саати

by Fokus

На двајца пациенти на 43 и 40 години им се донирани бубрези од Емилија Динева од Дојран, која го изгуби животот во сообраќајна несреќа, а чие семејство одлучи нејзиното срце и бубрези да бидат донирани со цел да се спасат три човечки животи.

Тоа е таа позната кадаверична трансплантација, односно трансплантирање на бубрег од починат дарител.

Сашо Дохчев, директор на скопската Клиника за Урологија и еден од лекарите кој ги изврши трансплантациите на бубрезите во изјава за „Фокус“ објасни како се одвивал целиот оперативен зафат.

„Пациентката има 43 години од Скопје и е десет години на дијализа. Трансплантацијата кај неа траеше 2 до 3 часа и помина одлично. Таа во моментот се чувствува добро. За разлика од неа, трансплантацијата кај 40-годишниот пациент од Куманово помина многу потешко, а кај него се извршува трансплантација по вторпат. Тој беше пет години на дијализа и имаше уништени крвни садови, па целиот оперативен зафат помина многу потешко, односно траеше 8 до 9 часа. И тој е добар во моментот, се надеваме дека така и ќе остане – истакна доктор Дохчев.

На Клиниката за урологија на трансплантациите на бубрезите работат лекарски тимови под раководство на д-р Сашо Дохчев, д-р Сотир Ставридис, д-р Александар Трифуновски и д-р Јосиф Јанчулев со тим лекари од клиниката.

Во моментот на листата се ставени околу 80 пациенти, кои чекаат да им биде дониран бубрег.

Според законот, во Северна Македонија секој е потенцијален донор, додека не потпише изјава дека не сака да се донираат органите по неговата смрт. Но, според досегашната пракса, ова е се уште табу тема.

Семејството на Динева е едно од ретките кое донесе таква одлука и спаси дури три човечки животи.

Ирена Мулачка

 

 

 

Поврзани новости