Пратениците Сашо Василевски и Љубен Арнаудов кои од собраниските камери беа снимени како со уште неколкумина колеги на крвавиот четврток ги отвараат вратите на законодавниот дом и ги насочуваат насилниците, наводно им се заканувале и на обвинителките од СЈО, кога во Охрид испрашуваа сведоци истражувајќи го незаконското финансирање на ВМРО-ДМНЕ, неофицијално дознава Фокус.
И обвинителката Ленче Ристоска неодамна ја информираше јавноста дека во Охрид се соочиле со притисоци и закани, за што го известиле и министерот за внатрешни работи. Тогаш од партијата ВМРО-ДПМНЕ беше организиран протест, против работата на СЈО.
-Кога бевме во Охрид беше побаран состанок со организаторите на протестот од партијата. Од тие лица кои дојдоа, во присуство на началникот на СВР Охрид ни беа упатени закани по што го известивме министерот за внатрешни работи, истакна неодамна Ристоска.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов, кој на снимката од безбедносните камери објавена во медиумите, се гледа како ги пречекува демонстрантите со кренати раце и ги насочува во која насока да се движат, демантираше дека им се заканувал на обвинителките.
-Бевме на состанокот, бидејќи тоа од нас, како пратеници, го побараа граѓаните. Но, не е точно дека сум се заканувал на обвинителките, напротив имавме добра комуникација. Какви закани, па ние, пред се сме интелектуалици, изјави пратеникот Арнаудов за „Фокус“.
Неговиот колега Василевски, пак, не одговараше на нашите телефонски повици, а не одговори ниту на смс пораката во која го прашавме дали им се заканувал на обвинителките од СЈО.
В.В.