Професорот бомбардер се извлече, малтретираното семејство треба да му плати над 70.000 денари

by fokus

Професорот Т.Т. (51) од Кавадарци, кој четири години фрлаше тегли со прегорено масло врз домот на семејството Димитриови,  а беше фатен на дело во јануари годинава, се извлече само со условна казна.

Пресудата му дошла на семејството како голем шок, бидејќи цели четири години поминале во агонија, во страв од непознатиот бомбардер, но претрпеле голема материјална штета.

Марина Димитриова, чиј дом беше буквално прекриен со црнило, вели дека е целосно разочарана во нашиот судски систем. Покрај тоа што професорот е само условно казнет, таа била принудена да плаќа и адвокатски трошоци, бидејќи Т.Т. поднесе тужба против нејзините синови, кои заедно со нејзиниот сопруг, ноќта кога последен пат им фрли тегли со масло, успеале да го фатат, и во обид да го задржат помеѓу нив дошло до туркање и влечење.

,,Професорот помина со условна казна од седум месеци, за кривичното дело оштетување на туѓи предмети му беше утврдена казна затвор од пет месеци, односно му беше изречена алтернативна мерка, затвор во траење од седум месеци, која нема да се изврши, ако обвинетиот во рок од една година од правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело.

Од друга страна, ние сме должни да му исплатиме 70.724 денари, во рок од 15 дена,  како надомест за трошоците во постапката, бидејќи тој ги обвини за телесен напад, во времето кога тие го фатија по неговото бомбардиирање. Моите синови, исто така се казнети со условна казна.

„Сакам да ги запрашам сите надлежни институции, со кое право ги ставаат моите деца во ист кош со овој човек, и ги третираат како крминалци? Што би сторил секој еден, да бил на наше место? Дали некој би гледал мирно како маскираниот бомбардер заминува од местото на злосторот, и не би се обидел да го фати и да го открие неговиот идентитет?” – потресено раскажува Димитриова.

Таа додава дека деновиве ќе оди на разговор со директорката на гимназијата во која што Т.Т. работи како професор и сака да ја запраша зошто тој сеуште работи со деца, и покрај тоа што е прогласен за виновен од страна на судот.

Вели дека кога го фатиле човекот што цели четири години им го зацрнувал животот, се надевале дека тој ќе биде суспендиран од работното место, но и дека ќе добие затворска казна. Неговата блага казна ја доживеале како голем удар.

,,Што да им кажам сега јас на синовите, докажани велосипедисти, примерни студенти? Дека професорот ќе си го продолжи животот по старо, дека ние не можеме да си ги платиме сметките за струја, бидејќи се изнадававме пари за судски трошоци, дека не можам да им пратам пари за издржување во Скопје, бидејќи треба да му исплатам на бомбардерот 70.724 денари? На какви вредности ги учиме младите? Ова е исто како крадец да ти влезе дома, а ако го фатиш, да те тужи зошто си се обидувал да го задржиш додека да дојде полиција” – раскажува кавадарчанката.

И после се, вели дека не и е јасно зошто професорот, човек кого што го знаеле само од видување, со години им приредуваше голгота. Неговите изговори дека му сметало   нивното куче, кое што го чувале затворено во двор, според неа не се вистинскиот мотив, туку смета дека се работи за лабилна личност, на која покрај се, и е дозволено да работи со деца.

,,Околу тоа, каква психичка штета ни е направена, излишно е да зборам. Дури и на денот на погребот на мајка ми, професорот не мируваше, и на враќање од гробишта ја најдов целата куќа полеана со нови молотови коктели. За материјалната штета, секој може да види и процени, затоа и инсистирав судијката да дојде пред да започне да суди, да види со што сме ние соочени, но таа одби. Ни останува само надежта дека нештата ќе се сменат, како во нашиот правосуден систем, така и во образованието. Дека новата влада нема да дозволи вакво прогледување низ прсти и неправди врз обичниот човек” – вели Марина.

Вики Клинчарова

Поврзани новости