Поднесена е кривична пријава против двајцата Албанци, С.С.(36) и А.Т.(24) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, предвидено и казниво по член 215 став 1 од КЗ на Република Македонија.
Според полицијата, двајцата пријавени откако набавиле опојна дрога марихуана, ја спакувале во вкупно 47 најлонски паковки, ја ставиле во две транспортни торби и од Албанија се упатиле преку Македонија со намера дрогата да ја транспортираат во Грција.
„Ноќта меѓу петок и сабота (19/20.01) околу 00,30 часот по претходно добиени оперативни сознанија за неовластено вршење на транспорт на поголема количина на опојна дрога марихуана, од страна на полициски службеници од ПС за ГП и ГН „Меџитлија“, преземени биле оперативно тактички мерки и во село Лажец, односно во близина на тамошната црква биле забележани двете лица како пеш се движат со две транспортни торби. По кусо време С.С. и А.Т. се фатени со две транспортни торби, и тоа: првопријавениот со патна торба во која што имало 17 најлонски паковки, а второпријавениот е затекнат со патна торба во чија внатрешноста биле спакувани 30 најлонски паковки со опојна дрога марихуана. Од извршената анализа утврдено е дека се работи за вкупно 33,423 килограми марихуана. Од страна на Судија за претходна постапка при Основен суд – Битола, на двајцата пријавени одредена им е мерка притвор во траење од по 30 дена“ – се наведува во соопштението од МВР.