Дваесет невладини бараат да запре политичкиот прогон врз нив

by fokus

Дваесет граѓански организации кои во последните пет месеци беа изложени на екстремни притисоци, денеска ги алармираа институциите за политичкиот прогон врз нив, за кој велат дека сѐ уште го трпат.

Тие уште во декември станаа предмет на како што велат „организирани контроли од страна на повеќе институции“.

„Во истиот период тогашната владеачка партија ВМРО ДПМНЕ јавно повика на прогон врз граѓанските организации, што дава причина да веруваме дека овие контроли не се рутински туку наменски и со цел да наштетат на нашите организации. Иако институциите имаат право да вршат контроли, начинот на кој течат наведува дека ова не се редовни професионални проверки туку станува збор за користење на институциите за политички притисок.

Неколку примери за ова: во налозите за контролите нема објаснување што и зошто се контролира; ние сме приморани да даваме информации без да знаеме во кое својство го правиме тоа; налозите се издаваат од институциите во исти денови за различни организации. Шест различни институции вршат неоснована контрола: Управата за јавни приходи, Финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи на барање на Јавното обвинителство, а имаме информации дека Агенцијата за финансиско разузнавање и Државната комисија за спречување корупција имаат преземено акции.

Одговорно кажуваме дека како организации својата работа ја вршиме професинално и немаме проблем да дадеме отчет пред институциите како што тоа секојдневно и го правиме пред нив и нашите членови, донаторите и граѓаните. Веќе петти месец инспектори речиси секој ден се присутни во канцелариите на дваесетина организации, вработените одговараат бројни прашања и постојано копираме купишта документи. Институциите треба да имаат поважна работа наместо со месеци да ангажираат десетици инспектори за да вршат контроли врз невладини организации кои професионално си ја работат својата работа“, велат организациите.

Тие информираа дека веќе се јавиле и првите случаи на неправедни и конструирани казни врз организации кои со години наназад работат и помагаат на најранливите и најсиромашните граѓани.

Организација која поделила 550 бебешки и 280 прехранбени пакети на сиромашни семејства во три градови е сега принудена да доплаќа даноци и казни затоа што институциите решиле помошта да ја третираат како приход за семејствата злоупотребувајќи правна недореченост. Организација која што донира зимска и пролетна гардероба за ромските деца, донира книги и сликовници, помага на луѓето да најдат работа и обезбедува здравствени прегледи – место пофалба од државата добива неправедна казна.

„Со овие неправедни постапки институциите ризикуваат да се изгуби она што организациите им го даваат на граѓаните – хумантираните донации, правната помош, реновирањето на јавните простори, бесплатни обуки за работа и друга помош. Со овие акции се ризикува и Македонија да ја загуби и меѓународна финансиска помош со која се потпомагаат институциите и граѓаните.

Затоа бараме од новата власт и институциите овој притисок на коj неправедно и намерно се изложени нашите организации да запре веднаш. Бараме да се провери основаноста на контролите и да се истражи злоупотреба на службена должност за политички притисок и дискриминација. Бараме изречените казни и записниците од овие случаи да бидат поништени.

Во оваа прилика сакаме да истакнеме дека сме загрижени од новата информација дека актуелната Влада доделила 800.000 евра за граѓански организации и бараме поништување на таа одлука. Техничката влада во заминување нема морално право и мандат да носи вакви одлуки. Намерата е очигледна, затоа што повикот беше отворен среде политички прогон врз невладините, а истовремено истата влада сака да додели фонд повисок од било кој што го одвојувала за невладини организации. Додека минатата година се потпишувале договори до 5.000 евра сега се покачени до 50.000 евра. Поради сите овие причини бараме оваа одлука за доделување на јавните средства да биде ревидирана во најбрз можен рок“, велат организациите.

Тие информираа дека и покрај секојдневните притисоци на кои биле изложени овие месеци не престанале да ја работат нивната работа и ќе продолжат да работат за враќање на демократијата, слободите на граѓаните и владеењето на правото во Македонија.

Поврзани новости