Два протести се споија пред Влада: „Оди си Никола“

by Фокус

Група граѓани во 18 часот се собраа пред Владата на Македонија за да го искажат своето незадоволство од настаните кои се случуваат во изминатиов период. Демонстраните се организираа преку социјалните мрежи преку два протести. Едниот беше организиран од левичарското движење Солидарност и е под мотото „Доста е“. Причините кои тие ги наведоа се „сериските убиства“ по болниците и во сообраќајот.

-Овие ги поминаа сите линии, ужаснат сум од тоа што се случува во македонското здравство, изјави еден од присутните на протестот.

Другиот протест беше именуван како „Граѓани на нозе“ и се бара одговорност од Владата, пред се од премиерот Никола Груевски и министерот за здравство, Никола Тодоров, бидејќи, како што е наведено, истекува времето за преговори, а и времето за Македонија.

Двете групи кои протестираа се споија и извикуваа „Оставка за Тодоров“, „Доста беше молк“ и „Убијци“, како и „Стоп за убиствата во собраќајот“ и „Оди си Никола“. Демонстрантите од Владата ќе се упатат и кон Клубот на пратеници.

 

Поврзани новости