Два дена пред лидерската средба на која треба да се утврди дали се исполнети условите за избори, ад-хок телото за медиуми се уште не е комплетирано.
Власта и опозицијата кршат копја за петтиот член во ад-хок телото, кое ќе ги следи медиумите во предизборното известување. Рокот за формирање на ад-хок телото е веќе истечен, а ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се уште не можат да се договорат за избор на последниот член кој ќе биде Албанец. Главни кандитати за последното место се Сефер Тахири и Даут Даути, но за ниту еден од нив четворицата други колеги не успеле да се договорат.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера изрази оптимизам за исполнување на условите за избори и смета оти проблемите со изборот на петтиот член на ад хок телото нема да го доведат во прашање одржувањето на изборите во декември. Со ист став денеска излезе и потпретседателката на партијата, Радмила Шекеринска.
Освен формирањето на ад хок телото, во однос на медиумските реформи останува и изборот на главниот и одговорен уредник на МТВ, чие име се очекува да биде соопштено во среда.
После тоа, лидерксата четворка на 31 август треба да седне на маса и да даде потврда за избори на 11 декември, по што ќе треба да се избере и новата преодна влада, со опозициските министри.