Текстот е објавен на 6-ти јуни 2014 година во неделникот Фокус во бројот 974.
Приведувањето на довчерашниот бугарски премиер Бојко Борисов го потврди феноменот дека кривичната одговорност за премиерите, претседателите и другите носители на највисоки државни функции започнува откако ќе паднат од власт. Впрочем, така беше и во земјава, ако се земе во предвид дека истражните постапки, обвиненијата и судските процеси за двајца македонски премиери, Владо Бучковски и Никола Груевски, дојдоа по нивното заминување во опозиција. Но, дека тоа е случај и во цела Европа и пошироко, покажува долгиот список на „прогонувани“ ПОРАНЕШНИ шефови на влади и држави.
Пишувала Јадранка КОСТОВА
Дузина шефови на држави и премиери од Европа, во изминативе две децении, беа обвинети и осудени за корупција. Речиси сите овие досиеја се темелеа на нелегално финансирање на нивните партии или изборни кампањи.
Кеш пари на рака, швајцарски тајни партиски сметки, дубари преку државни тендери, провизии на црно, рекет преку маркетинг-агенции се разните креативни формули преку кои партиите низ европските држави ги полнеле на црно партиските чекмеџиња!
Главните актери на овие мегаскандали главно биваа обвинети откако ја губеа власта. Понекогаш корупциските афери го забрзуваа нивниот пад. Идеолошките определби на обвинетите поранешни највисоки државни функционери не даваа доминантен белег. Ги имаше и од левицата и од десницата.
Што друго е заедничко за судските процеси против премиерите и претседателите? Судските истраги обично траат со години. Понекогаш обвинувањата се мултиплицираа откако ќе се прочешлаа темелно партиските финансиски тефтери. Дел финишираа само со условни осуди за лидерите, кои по правило се прогласуваат за политички жртви. Некаде имаше и ефективен затвор. Најмногу заглавуваа благајниците, ама и партиските секретари.
Црните партиски финансии ги обелоденуваа медиумите, ама во демократиите со традиција и истражните судии се прославија со упорноста и со професионалноста.
Каде е Република Македонија во оваа крими-приказна? Иако сите премиери ги следеа обвинувања за корупција, засега судски процес веќе неколку години се води само против Владо Бучковски за случајот „резервни тенковски делови“, од периодот кога бил министер за одбрана.
За нелегално финансирање, пак, спектакуларно беше уапсен и правосилно осуден Љубе Бошкоски, лидер на Обединети за Македонија, партија која не доби ниту еден пратеник на изборите, кои биле на „црно платени“.
Сепак, последниве месеци, опозицискиот СДСМ пласираше неколку скандали поврзани со владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Покренаа и кривична пријава против премиерот Никола Груевски, кој, пак, возврати со тужба за клевета против Зоран Заев. Знаејќи ги „капацитетите“ на нашето правосудство, тешко дека еден актуелен премиер може да добие каква било пресуда што нема да биде по негов вкус.
Тоа, сепак, не го менува фактот дека ВМРО-ДПМНЕ во низата изборни циклуси на кои ниже победи има драстично поскапа кампања од сите други. Финансиската изборна дупка од 2011 година, од околу 3 милиони евра, остана енигма како ја затворија.
Во досието „европски корупциски скандали“ ви ги пренесуваме искуствата од Франција, Италија, Германија, Словенија, Белгија, Хрватска, Шпанија, Грузија, Израел, Романија, Чешка, Украина…
ЖАК ШИРАК, бивш претседател – ФРАНЦИЈА
СО ПЛАТА ОД ПАРИЗ, А РАБОТЕЛЕ ЗА ПАРТИЈАТА
Жак Ширак е првиот поранешен француски претседател осуден за политичка корупција. Кон крајот на 2011 година, веќе на 77-годишна возраст доби две години условна казна затвор за скандалот со лажни фиктивни вработувања. Аферата се однесува на случувања од 1990-тите, кога Ширак бил градоначалник на Париз и претседател на партијата РПР (сега преточена во УМП), кога лица на платна сметка на градот работеле всушност за партијата РПР.
Во судскиот процес беа осудени уште деветмина, меѓу кои и внукот на генералот Шарл де Гол, но и братот на претседателот на Уставниот совет на Франција. И тие добија условни казни за злоупотреба на доверба и злоупотреба на општествени средства.
Ширак секогаш ги негираше обвиненијата тврдејќи дека не направил „никаква кривична или морална грешка“. Градот Париз не се појави како тужител во постапката бидејќи партијата на Ширак ја исплатила сумата што била злоупотребена за времето кога тој беше негов градоначалник.
Инаку, политичката кариера на десничарот Ширак одела од државен секретар за финансии, министер за земјоделие, градоначалник на Париз до претседател на Франција.
ЈАНЕЗ ЈАНША, бивш премиер – СЛОВЕНИЈА
ТУЖЕШЕ ЗА КЛЕВЕТА, АМА НЕ СЕ СПАСИ ОД ЗАТВОР!
Кон крајот на април, Вишиот суд во Љубљана ја потврди казната од две години затвор за некогашниот премиер, а сега лидер на Словенечката демократска партија, Јанез Јанша. Станува збор за корупцискиот скандал „Патриа“ – купување блиндирани возила од истоимената финска компанија.
Според пресудата, Јанша во 2006 година, кога е премиер, од посредници на „Патриа“ прифатил ветување за парична награда од 2 милиони евра ако финската фирма ја снабди словенечката војска со оклопни возила, договор вреден 278 милиони евра. И за Јанша, како и за сите негови европски колеги обвинети за корупција, случајот е политичка конструкција.
Но, во март годинава, Јавното обвинителство побара истрага и за друг случај. Јанша е осомничен дека во 2005 година склучил сомнителни зделки со имоти за време на неговиот прв мандат. Се истражува дали продал земја за 130.000 евра, 10 пати над нејзината пазарна вредност и на градежните претприемачи им дозволил приватно да го финансираат купувањето на неговиот дом за 100.000 евра.
Се истражува и вредниот имот на Јанша и на потесното семејство во недвижности и автомобили, како и неговата работа од 2000 година. Во истрагата е вклучен и имотот на некогаш истакнатиот член на партијата на Јанша, Јоже Загожена, кој беше обвинет и во аферата „Патриа“, но во меѓувреме почина. Според некои медиуми, на негово име во една австриска банка биле пронајдени 271.000 евра.
Интересно е дека во 2008 година, финската национална телевизија емитуваше истражувачка сторија „Вистината за Патриа“ со експлозивно објаснување за корупција. Финските новинари, повикувајќи се на документи, заклучиле дека митото било дури 21 милион евра. Јанша ја смести оваа емисија во „предизборен арсенал“ и најави тужби за клевета. Со протестна нота до финската амбасада реагираше и владата… на премиерот Јанша.
Всушност, токму извештајот на антикорупциската комисија за овие зделки од пред година и пол доведоа до крај на неговиот втор премиерски мандат, само една година откако победи. Тој одби да даде оставка, но неговите коалициски партнери формираа нова коалициска влада со левоцентристичката Позитивна Словенија.
Сепак, за 13 јули се закажани предвремени парламентарни избори.
ЕХУД ОЛМЕРТ, бивш премиер – ИЗРАЕЛ
КЕШ ВО ПЛИКО!
Израелецот Ехуд Олмерт ( 68 г.) неодамна е осуден на шест години затвор за корупција за скандал од 1990-тите. И тој, како и Ширак, одговара за работи од градоначалничката „кауза“. Судот утврдил дека примил мито додека бил градоначалник на Ерусалим. Во истиот случај им се суди и на десетина владини функционери и бизнисмени.
Интересно е дека Олмерт уште како премиер, во 2008 година имаше неколку информативни разговори со полициските инспектори во својот кабинет во Ерусалим. Срцевината на корупцискиот скандал беше дека примил мито од стотина илјади долари за изборна кампања од еден бизнисмен, но и дека во два наврата зел надомест за патните трошоци додека бил министер за трговија и градоначалник на Ерусалим.
Тој ги негираше сите обвиненија. Но, посочениот американски мултимилијардер и бизнисмен од еврејско потекло Морис Талански од Њујорк (кого печатот го споменуваше како „перач на пари“), призна дека на Олмерт пријателски му давал кеш во пликоа.
Олмерт потоа се вадеше дека „ништо од тоа не ставил во свој џеб“. Но, ете, доби казна затвор!
АДРИЈАН НАСТАСЕ, бивш премиер – РОМАНИЈА
„ДОЛГАТА РАКА НА ДНА“
Повеќегодишниот лидер на моќната Социјалдемократска партија, Адријан Настасе е првиот романски премиер што е осуден за корупција. Доби две години затвор затоа што на нелегален начин внел околу 1,5 милион евра во партиската каса за изборите во 2004 година.
Според судот, Настасе ја финансирал својата претседателска кампања со пари добиени во рамки на симпозиумот „Трофеј за квалитетот“, кој го организирал Државниот градежен инспекторат. Парите биле дадени под форма на такса за учество во конкурсот, а завршиле на сметка на компанија блиска до Настасе. Оваа фирма била партнер на Државниот градежен инспекторат во организирање на конкурсот.
Откако казната му беше потврдена од Врховниот суд, Настасе се обиде да се самоубие пукајќи си во вратот. Сепак, се спаси, отслужи една третина од двегодишната затворска казна и во март 2013 беше ослободен. Имаше судска забрана да врши јавна функција за период од две години, но неговите социјалдемократи го примија назад во партијата.
Арно ама, по само 10 месеци, во јануари 2014 е осуден на 4 години затвор поради земање мито, за што претходно беше ослободен. Осуден е за зделки со кинески градежни материјали и мебел во вредност од 630.000 евра. Претприемачот за возврат бил назначен за шеф на Градежен инспекторат.
Настасе беше прогласен за виновен и за тоа што го уценувал поранешниот романски конзул во Шангај. Тој негира дека сторил нешто лошо оценувајќи дека случаите се политички мотивирани.
Неговата сопруга Дана беше обвинета дека наредила на официјални лица да се избегнат царинските прописи да донесе градежни материјали во земјата, да се достават во нивниот дом во Букурешт. Осудена е на 3 години условна казна поради соучесништво.
Всушност, маките на Настасе почнуваат од 2004 година, кога изгуби на изборите од Трајан Басеску, кој тогаш јавно порачал дека нема да се смири додека „корумпираниот Настасе не го види зад решетки”. Според некои коментари, Басеску сосема го потчинил Специјалното обвинителство за борба против корупцијата (ДНА), па им се заканувал јавно на своите противници дека ќе ги стигне „долгата рака на ДНА“!
ВИЛИ КЛАС, бивш генсек на НАТО
СКАНДАЛ „АГУСТА“
Вили Клас одговараше за корупција кога беше генерален секретар на НАТО, ама за зделки додека бил министер во белгиската влада. Аферата се тркалаше неколку години, а во неа имаше корупција на партиски шефови, милионски воени договори, оставка на високи функционери, таинствено самоубиство на пензиониран генерал, нарачано убиство.
Скандалот доби кодно име „Агуста“ поради набавките на хеликоптери од италијанската државна фирма со истиот назив – „Агуста“.
Сѐ почнува во јули 1991 година, во белгискиот град Лиеж кога е убиен поранешниот лидер на локалните социјалсити, Андре Кулс. Истрагата му е доверена на Вероник Ансиа, кој ќе открие дека убиството има врска со финансиското работење на СП во Лиеж.
По претресот на канцелариите, ќе најде документи за тајни сметки во швајцарски банки, поврзани со италијанската државна компанија Агуста. Следува апсење на претставникот на белгискиот огранок на Агуста.
Дефинитивно, истрагата открива дека документите се поврзани со владејачката Социјалистичка партија со владините набавки за белгиската армија на 46 хеликоптери. Истражниот судија заклучува дека убиството на Кулс и купувањето на хеликоптерите се поврзани, па ги анализира деталите од договорот – под какви околности е договорена цената од 272.100.000 долари.
Доаѓа до сознание дека претставниците на белгиските вооружени сили инсистирале нарачката да оди од германската фирма или барем француската, кои аплицирале на тендерот. Италијанската Агуста се сметала за аутсајдер.
Но, министерот за економија, социјалистот Вили Клас става потпис на документот со кој ја препорачува Агуста. Половина од цената наводно требало да се врати во Белгија, во вид на инвестиции, што ќе донело околу 4.000 работни места. Клас успева да обезбеди поддршка од лидерот на локалните социјалисти во Лиеж, Кулс.
Но, предностите на Агуста биле само на хартија. Од февруари 1993 година, фирмата имала изведено само 40 отсто од обврските.
Истрагата се проширува и во Италија, каде што се води антикорупциската акција „Чисти раце“. Полицијата таму го апси претседателот на Агуста, Роберто ди Алесандро. Се доаѓа до податоци за тајните средби со белгиските социјалисти, министри. Набрзо истрагата доаѓа до Вили Клас, кој во меѓувреме стана министер за надворешни работи. Тој негира дека знаел за тајните сметки на партијата.
Клас набргу напредува до функцијата генерален секретар на НАТО, но истрагата не запира. Во 1995 година, во просториите на фламанските социјалисти најдени се нови тајни швајцарски сметки. Уапсени се партискиот секретар, адвокатот и благајникот.
Патем, откриено е дека 1.700.000 долари биле префрлени од италијанската фирма во знак на благодарност преку лажна панамска компанија во Белгија. Иако Клас демантира, сепак, благајникот дава изјава дека знаел за сите детали. Уапсен е ексшефот на кабинет на Клас.
Потоа државниот обвинителот бара од парламентот на Белгија да се симне имунитетот на Клас за да се појави на суд. Парламентарната комисија заклучува дека обвиненијата против Клас за корупција, фалсификување документи и измама се толку сериозни што тој треба да се појави пред судот.
Препораката е поддржана од парламентарното мнозинство. Иако продолжува да инсистира на невиност, Клас си даде оставка. Беше само 13 месеци генсек на НАТО. Беше условно казнет за „пасивно мито“ во 1998 година.
ХЕЛМУТ КОЛ, бивш канцелар – ГЕРМАНИЈА
„САМО“ ДВА МИЛИОНИ МАРКИ!!!
Хелмут Кол е историска фигура, со заслуги за обединувањето на двете Германии. Дваесет и пет години е лидер на десничарската ЦДУ. Во 1982 година станува германски канцелар, функција на која ќе остане дури 16 години. Во 1998 година ги загуби изборите препуштајќи му го канцеларското место на социјалдемократот Герхард Шредер.
Една година откако стана бивш канцелар, Кол го стасаа обвинувања дека преку тајни канали, во партиската каса внел 42 милиони марки. ЦДУ затоа мораше да плати висока казна, а Кол, кој од тие пари немал никаква лична корист, мораше да го отстапи местото на почесен претседател на партијата. Тоа се смета за најтешкиот момент во неговата политичка кариера.
Во судскиот процес, Кол признава дека за тајниот партиски фонд примил само околу 2 милиони марки, а не 42 милиони, како што се тврди. Но, одби да каже кој е дародавачот. Демантира и дека донаторот барал од германската влада какви било противуслуги.
Според весникот „Гардијан“, пак, францускиот претседател Франсоа Митеран, наводно, преку државната нафтена компанија му префрлил на колегата Кол, односно на неговата партија ЦДУ, околу 30 милиони марки. Ваквата француска „донација“, наводно, била со цел за да се дојде до интегрирана Европа! Во секој случај, и Кол куртули од затвор со нагодба со судот.
Силвио БЕРЛУСКОНИ, бивш премиер – ИТАЛИЈА
КАНОНАДА ОД СУДСКИ ПРОЦЕСИ
Неодамна, и експремиерот на Италија Силвио Берлускони беше прогласен за виновен за случај од деведесеттите години на минатиот век, а во врска со купување на телевизиските права на неговата медиумска империја. Казната беше 4 години затвор, но три му се простени поради возраста – 77 години. Доби и забрана да се кандидира на изборите во следните шест години!
Сепак, судот му одреди казна – една година да извршува „општествено корисна работа“. Ќе работи како волонтер во центар за пациенти што боледуваат од Алцхајмерова болест.
Инаку, уште во 1990-тите се водеа низа судски процеси против медиумскиот магнат и премиер. Беше обвинет за незаконско финансирање на неговата партија Форца Италија, но некако успеа да се извлече од казната – 2 години и 4 месеци. Имаше постапки и за лажно водење книговодство, како и за подмитување даночни инспектори.
Патем, некогашниот италијански премиер Бетино Кракси умре пред неколку години во Тунис, во егзил. Немаше храброст да се врати во Италија каде што беше обвинет дека од разни бизнисмени примал куфери пари за својата политичка партија.
Иво САНАДЕР, бивш премиер – ХРВАТСКА
КОРУПЦИСКИОТ ОКТОПОД НА ХДЗ!
„Виновни се и тие што молчеле, ја вртеле главата, го одобрувале начинот на финансирање на партијата“, ќе каже меѓу другото судијката, кога во март оваа година ги објави казните за Иво Санадер, неколкумина други бивши функционери, ама, како куриозитет, и за ХДЗ.
Експремиерот заработи 9 години затвор, а ќе треба да врати и 15 милиони куни. Како отежителна околност за Санадер, судот го ценел и „количеството криминална волја и количеството некритичност“. Заработувал повеќе од доволно, ама бил ненаситен!
Партијата, пак, во буџетот ќе мора да врати 17 милиони куни, што инаку е разлика од 24 милиони, колку што е проценета противправната имотна корист за ХДЗ.
Во судскиот процес на столетието за политичко-корупцискиот октопод, во Хрватска, на обвинителна клупа, покрај експремиерот, се бројни поранешни министри и директори на јавни претпријатија. Обвинителството тврди дека оваа партија нелегално се финансирала од 2003 до 2009 година.
Дел од парите завршувале во црните партиски фондови, а дел кај лидерот Санадер. Политичко-финансискиот рекет, пак, се спроведувал преку маркетинг-агенцијата „Фими медиа”.
Иако Санадер ја негираше вината, сепак, неколкумина, меѓу кои и сопственичката на „Фими медиа“, ја признаа вината. Благајничката на ХДЗ, пред судот посведочи дека секој месец Санадер ѝ доставувал список на луѓе, на кои требало да им се исплати „апанажа“, со точни износи. Се издвојувале пари и за некои медиуми. Се разбира, тоа не одело преку жиро-сметка.
Инаку, откако помина неколку месеци во притвор, Санадер се бранеше од слобода.
Јулија ТИМОШЕНКО, премиерка – УКРАИНА
ИЗЛЕЗЕ ОД ЗАТВОР, АМА ЗАГУБИ НА ИЗБОРИ!
Експремиерката на Украина, откако на претседателските избори во 2010 година загуби од Виктор Јанукович, се соочи со канонада од тужби и судски процеси. Во 2011 година, Јулија Тимошенко веќе беше осудена на 7 години затвор за злоупотреба на овластувањата при склучување договори за набавка на гас со Русија во 2009 година.
И се закануваа и со нови обвиненија за корупција: за избегнување плаќање данок, измама и обид за кражба во 1990-тите, кога била главна на украинската компанија за трговија со гас. Даночната полиција дури обнови истраги за уште 4 кривични предмети против неа. Ја товареа и за купување амбулантни возила по повисоки цени. Се обидуваа да ѝ накалемат дури и убиство на еден пратеник и бизнисмен!
Битката против неа се водеше и со други средства. На Јутјуб се извадија снимки од затворот, на кои таа наводно разменува нежности со својот адвокат!
Тимошенко го коментираше тоа како дел од репресивната кампања на Јанукович против опозицијата. И европските лидери ги сметаа како политички мотивирани процесите против експремиерката.
По уривањето на Јанукович преку уличните демонстрации, Тимошенко излезе на слобода по 2,5 години поминати в затвор. На изборите што се одржаа неодамна, сепак катастрофално загуби од Петро Порошенко, од партијата на Кличко.
ФРАНСОА МИТЕРАН, бивш претседател – ФРАНЦИЈА
МАТНИ ПРИСЛУШУВАЊА!
Се чини дека само смртта го спаси социјалистот Франсоа Митеран од судска казна. Беше претседател на Франција од 1981 до 1995 година. Во текот на една истрага за корупција, во 1990-тите, кога се најдоа врски меѓу партијата и избрани функционери, се дојде и до документи со името на Митеран.
И тука се закочи! Тој како претседател даде аболиција на дел од веќе обвинетите. Сепак, една година откако почина Митеран, во 1997 година, благајникот на Социјалистичката партија доби две години условна казна за корупција.
Најмногу и најдолго, пак, јавноста се скандализираше со антитерористичката ќелија на Елисејската палата, која Митеран ја формира веднаш откако станува шеф на Франција. Оваа единица ќе функционира три години, но наместо против тероризмот, главно ќе се бори против скандалите кои можеле да го загрозат владеењето на штотуку избраниот претседател.
Биле прислушувани дузина јавни личности, или имало околу 3.000 телефонски прислушувања на познати француски новинари, политичари и деловни луѓе под различни мотиви.
За илустрација, како голема опасност бил третиран еден писател, кој му се заканувал на Митеран дека ќе го открие постоењето на неговата вонбрачна ќерка. Таа, пак, со нејзината мајка живеела заштитена токму од антитерористичката ќелија на сметка на државата.
Скандалот го откри весникот „Либерасион“ во 1993 година, а влезе во суд дури во 2004 година, наводно поради податоци од безбедносен ризик. Во 2006 година, за овие телефонски прислушувања одговараа 12 високи функционери на елисејската ќелија, ама поради „непочитување на интимноста“ на прислушуваните.
Седуммина беа осудени со условни казни, а Митеран беше назначен како „инспиратор и контролор на операцијата“. Почина уште во 1996 година, без да каже ниту еден збор за оваа афера.
Дел од прислушуваните новинари добија тапија и од Европскиот суд за човекови права, кој оцени дека правата на слободно изразување им биле нарушени.
ПОСТАПКИТЕ СЕ ВО ТЕК:
Марјано РАХОЈ, премиер – ШПАНИЈА
БЛАГАЈНИКОТ ПРОПЕА ЗА КЕШОТ
Пред една година, на антикорупцискиот тапет се најде и актуелниот шпански премиер Марјано Рахој. Скандалот пукна откако благајникот на неговата Народна партија (НП), чиј лидер е од 2004 година, беше уапсен под обвиненија за поткуп, перење пари и за даночни измами.
Истрагата откри дека префрлил околу 47 милиони евра на швајцарски сметки. Во судската истрага тој посведочил дека владејачката партија веќе две децении води двојно книговодство, незаконски се финансира преку поткуп, од што личен ќар имале неколкумина, меѓу кои и премиерот.
Лично, наводно, им предавал коверти со кеш. Во скандалот биле инволвирани и големи градежни компании, кои во замена за големи договори, давале донации во кеш на партиските челници.
Интересно е дека уште во 2009 година била покрената судска истрага за незаконски плаќања на функционерите на НС. И којзнае уште колку случајот ќе бил во фиока да не биле медиумските откритија. Биле објавени фотокопии од исплатените суми од нотесот на долгогодишниот благајник на НП, но и смс-пораките со кои премиерот му дава поддршка и охрабрувања на благајникот, како на пример „Правиме сѐ што можеме. Остани силен!“, демек да не подлегнува на притисокот од судот.
Шпанскиот премиер ги негира наводите. Демантира дека кога било земал пари на ваков начин истакнувајќи дека згрешил што му верувал на благајникот.
Новинарската истрага откри и дека Рахој, кон крајот на 1990-тите, кога бил министер примил околу 40 илјади евра во кеш од нелегални донации со кои се финансирала конзервативната партија.
Сепак, Рахој одби да даде оставка, на што повикуваше опозицијата. Но, судскиот процес веројатно ќе потрае!
Петр НЕЧЕС бивш премиер – ЧЕШКА
ПОТПЛАЌАЛ ПРАТЕНИЦИ!!!
Поради корупциски скандал, чешкиот премиер Петр Нечас пред една година си поднесе оставка од премиерската функција, но и од лидерската во Граѓанско-демократската партија.
Повод беше аферата во која беше вмешана неговата најблиска соработничка и љубовница Јана Наѓова, обвинета за примање мито и злоупотреба на функцијата. Патем обвинети беа седуммина бивши пратеници и високи државни функционери, меѓу кој и офицер на воената тајна служба.
Се шпекулираше дека обвинителството може да открие уште корупциски скандали во врвовите на веќе бившата власт. Веќе во февруари годинава, полицијата го обвини Нечас за потплаќање тројца поранешни пратеници од неговата партија.
Според обвинението, експратениците од партијата на Нечас се откажале од своите функции кога требало да се донесат пакет-закони за рестрикции на буџетските трошоци, со кои тие не се согласувале, а во замена добиле високи функции во државни фирми. Зделката за стекнување противправна корист на пратениците, според обвинението, ја направил токму експремиерот.
НИКОЛА САРКОЗИ, бивш претседател – ФРАНЦИЈА
50 МИЛИОНИ ЕВРА КЕШ ОД ГАДАФИ!?
И Никола Саркози, откако стана бивш претседател на Франција, е постојано цел на истраги за финансирањето на неговата десничарска партија. Особено за неговата претседателска кампања од 2007 година. Запленетите дневниците на Саркози покажале дека неговата партија незаконски била финансирана од најбогатата жена во Франција, сопственичката на „Лореал“, Лилијан Бетанкур.
Инаку, сомнежите за црните пари во претседателската кампања почнаа сосема банално, со една семејна расправија меѓу госпоѓата Бетенкур и нејзината ќерка, но аферата потоа прерасна во политички скандал за финансиите на Унијата за народно движење (УНД), уште додека Саркози беше претседател.
Судијата што ја истражувал аферата „Бетенкур“ ги следел трансферите од Швајцарија. Од документите чија содржина, сепак, протече во јавноста, првата исплата била извршена во февруари 2007 година, а парите му била предадени на благајникот на Саркози, Ерик Воерт, во еден бар во Париз.
Се истражуваше и втората исплата од 400.000 евра, за која истрагата се сомневаше дека парите му биле лично дадени на Саркози. Иако формалното обвинение против Саркози беше отфрлено лани, во октомври, беа обвинети други 10 лица.
Сепак, почната е истрага и за обвиненијата дека Саркози прифатил 50 милиони евра во кеш од Гадафи за нелегално финансирање на неговата изборна кампања во 2007 година. Судот за овој предмет дозволил да се прислушува телефонот на Саркози.
Потоа на еден портал беа објавени делови од прислушувани разговори меѓу Саркози и неговиот адвокат, преку кои се доаѓа до заклучок дека Саркози имал крт на висока позиција во судството, кој му давал информации за истрагата против него.
Тешко е да се прогнозира како ќе финишираат овие истраги!
Виктор ЈАНУКОВИЧ, претседател – УКРАИНА
„ОРГАНИЗИРАНА КРИМИНАЛНА ГРУПА“!
Новите украински власти го товарат Виктор Јанукович за убиствата и употребата на снајпери на киевскиот плоштад Мајдан. Издаден е налог за негово апсење, но се смета дека е во Русија каде што може да добие и политички азил.
Веќе се калкулира и со украдените пари. Обвинителството идентификувало најмалку 3 милиони долари украден имот. Но, се очекува вкупната сума да достигне десетина милијарди долари!!! Неговиот режим веќе го карактеризираат како „организирана криминална група“, чии пипци биле распространети насекаде во администрацијата.
Јанукович беше урнат оваа година, по двомесечни протести во Киев, кои почнаа откако не го потпиша договорот со ЕУ во полза на блиските односи со Русија.
Интересно е како се испреплетуваат политичките, ама и корупциските кариери на Јанукович и на Тимошенко. Во 2004 година, на претседателските избори кога е избран Јанукович, Портокаловата револуција не му дозволи да седне на претседателската фотелја поради изборни измами.
Тимошенко беше симбол на тој Отпор, кој Јанукович никогаш не ѝ го простил. По неговата тесна победа на изборите во 2010 година, веднаш почнаа судските голготи на Тимошенко. Кога Тимошенко излезе на слобода, по превратот, Јанукович е под сомнеж за голема корупција!
Михаил СААКАШВИЛИ, претседател – ГРУЗИЈА
ПОЛИТИЧКА ОДМАЗДА ИЛИ…
Некогашниот грузиски лидер Михаил Саакашвили, една година откако стана бивш претседател, се сомничи за разни злоупотреби, корупција, лажни обвинувања, дури и за убиства. Засега Обвинителството смета дека е неопходно да го испраша како сведок во многу случаи.
Имено, откако ја загуби власта, многу некогашни соработници на Саакашвили се обвинети, па и осудени за корупција. На пет и пол години е осуден за проневера и експремиерот Мирабишвили.
Сепак, Саакашвили изјави дека нема да учествува во „валкани интриги“, алудирајќи за неговото сведочење. Но, ако го игнорира судот, може да биде ставен на меѓународна потерница.
„Никој не е над законот, но почнувањето неколку истраги за експретседателот покренува сомнеж дека станува збор за политичка одмазда, особено кога институциите се кревки“, реагираше Стејт департментот. Откако му заврши мандатот во 2013 година, живее во САД и предава на Универзитетот во Бостон. Ги поддржа протестите во Украина против Јанукович.
Во 2000 година дојде на власт во Грузија преку „револуција на розите“, со имиџ на храбар реформатор, замина од власта со имиџ на автократ. На изборите во 2012 година изгуби од здружената опозиција иако анкетите му даваа огромна предност.