(АРХИВА) Дури две години некој дебело заработува со „замрзнатите“ камиони на Кочан!

by Fokus

Текстот е објавен на 29 јули 2022 година на сајтот на ,,Фокус”.

Додека обвинителството истражува кој е виновен за неуспешната конфискација на имотот на „Трансмет“, со што државата остана без 17 милиони евра, дел од подвижниот имот на бизнисменот си има нов газда. Две години вредно заработува со камионите што требаше да бидат „замрзнати“.  И тоа не е веќе тајна, туку широко позната информација. Затоа прашањето е зошто оваа глетка не е интересна за истражните органи?

 Пишувала: Валентина ВУРМО

За околу година и пол се очекува бизнисменот Сеад Кочан „целосно“ да излезе на слобода. По одлежани три години зад решетки, тој веќе неколку месеци деновите ги поминува надвор од затворот, односно оди на работа, а во ќелијата се враќа навечер, за спиење.

Иако според надлежните тој казната ја издржува во затворот „Идризово“, сепак реално Кочан преспива во Велес, каде што е позиционирано отвореното одделение на најголемиот скопски затвор.

Е сега, не е исто како во популарниот туристички затвор во Струга, со поглед кон Охридско Езеро, но и глетката кон Велешко Езеро – Младост е далеку подобра отколку онаа на скопско Идризово.

И додека Кочан ги брои месеците до слобода, државата сѐ уште не најде начин, веќе три години, како да го одземе неговиот имот, односно да се офајди со 17 милиони евра, кои требаше да ѝ припаднат по правосилната пресуда за „Трансмет“.

Најчесто се вели дека никој не ѝ останал должен на државата, или не ќарил од неа, но изгледа дека на бизнисменот Кочан му тргна од рака. И додека надлежните го бараат виновникот за неуспешната конфискација, камионите на бизнисменот веќе две години работат со полна пареа.

Речиси никој не го интересира зошто, наместо да се конфискувани, односно паркирани на некој од плацовите за одземен имот, тие се по патиштата и градежните зони.

„Фокус“, пред речиси една година алармираше за оваа состојба, а сликата и денес е идентична. На оваа глетка очигледно замижува МВР, обвинителството и Агенцијата за управување со одземен имот.

НАМЕСТО ДА БИДАТ ОДЗЕМЕНИ, ВОЗИЛАТА СИ РАБОТАТ

 Дека десетина камиони на Кочан секојдневно минуваат низ улиците, постои и доказ, што би се рекло црно на бело. Во изминатите две години се поднесени десетината прекршочни пријави и донесени пресуди против стечајниот управител на „Трансмет“, Богољуб Макрески. Тој, ниту ги вози камионите, ниту располага со нив, но полицијата во него го бара виновникот.

Овие возила се „фатени“ на терен, каде што се изведуваат градежни работи. Па така, биле затекнати кај клучката Кочани – Штип, каде што се прави пат, па на патот Штип – Радовиш и Крива Паланка, исто така во близина на градежна офанзива. Последните, пак, пред неколку недели биле уловени на пат кон индустриската зона во Илинден.

Сообраќајната патрола ги запрела, утврдила прекршок и поднела пријава против возачот и стечајниот управител. Но, она што е нејасно, е зошто возилата веднаш не биле отстранети од сообраќај при сообраќајните контроли, како што налага законот, туку им е дозволено да продолжат да се движат?

Според информациите на „Фокус“, овие камиони не се регистрирани од 2017 година, кога и беа замрзнати со првостепената пресуда, што значи дека низ патиштата се движат без технички преглед и регистрација.

Токму затоа прашавме во МВР, зошто при сообраќајната контрола овие возила не се одземаат на самото место, туку се оставаат по патиштата? Како и тоа што преземале по дописот кој до нив го испратил стечајниот Макрески, испратен уште минатата година, со кој ги известува дека дури 85 возила на „Трансмет“ се активни учесници во сообраќајот, иако требало да бидат конфискувани во корист на државата!

Видно од записниците на сообраќајната полиција и инспекцијата за транспорт, контролираните возила на биле регистрирани, без патни налози, а некои од нив и технички неисправни. Барам возилата да бидат лоцирани и истите да бидат исклучени од сообраќај“, навел стечајниот во дописот до МВР.

Од МВР, пак, велат сообраќајната полиција не наишла на нерегистрирани возила на „Трансмет“.

          -Ве известуваме дека со податоците со кои располага Секторот за сообраќајни работи во Одделот за униформирана полиција при Бирото за јавна безбедност, не се евидентирани возила на компанијата Трансмет кои учествувале во јавен сообраќај нерегистрирани, односно со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола, ни одговорија од МВР.

Оттаму додаваат дека тие на територијата на целата држава постојано и во континуитет презема мерки со цел санкционирање возачи што управуваат возила во јавниот сообраќај кои се со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола, а доколку постојат и законски основи, тие се одземаат согласно законските регулативи.

Според документацијата со која располага „Фокус“, јасно се гледа дека спорните камиони биле запирани од сообраќајната полиција, поради што и се поднесени прекршочни пријави против стечајниот управител.

Од Агенцијата за одземен имот, пак, се правдаа дека за овие возила одговорен е стечајниот управител, но Макрески ги побива со документ, кој самите му го испратиле во 2020 година. Во дописот  наведуваат дека Агенцијата е надлежна за сиот имот.

Појаснуваат дека во неколку наврати имале состаноци со стечајниот Макрески и негови вработени и првично било договорено од нивна страна да се лоцираат возилата за да може да ги преземе Агенцијата за, како што се вели, да управуваат и владеат со нив како единствени сопственици.

„Нема никаков договор, ни доставен правен акт со стечајниот управник Макрески да има добиено одобрение од наша страна да управува со имотот. Се оградуваме ние како институција и воедно доколку видиме дека ќе трпиме штетни последици, ќе поведеме соодветна постапка пред надлежните институции“, се наведува во дописот.

 ЌЕРКАТА ГО ПРОДОЛЖИ БИЗНИСОТ НА ТАТКОТО

 И додека надлежните си ја префрлаат топката, повеќе од јасно е дека механизацијата на „Трансмет“ вредно работи и заработува. Она што надлежните, пак, упорно не сакаат да го видат е каде завршува оваа заработка?

Засега само судот утврдува дека стечајниот управител не е надлежен за камионите и го ослободува од вина по поднесените прекршочни пријави од МВР.

„Конкретниот прекршок е сторен откако возилото со правосилна пресуда е конфискувано во корист на државата и во сопственост, владение и управување на Агенцијата за управување со одземен имот“, се наведува во пресудата, поради што управителот се ослободува од одговорност.

Но, со водењето на овие бесмислени постапки, државата влегува во уште поголем зијан поради судските и адвокатските трошоци што мора да ги подмири.

Во тој случај, не е тешко да се претпостави дека некој дебело заработува, искористувајќи ги возилата на бизнисменот Кочан додека надлежните синхронизирано замижуваат пред оваа глетка.

„Агенцијата, подвижниот имот, опрема и транспортни средства формално ги одзела, но фактички не ги презела и ги оставила трети лица неосновано да стопанисуваат со нив, потенцирал Макрески во дописот до МВР.

Во меѓувреме, пак, ќерката на Кочан, Тима Кочан, одлучи да го продолжи семејниот бизнис, односно во февруари минатата година основа компанија со приоритетна дејност – изградба на патишта и автопати.

Според податоците во Централниот регистар, фирмата се вика „Аваз Холдинг“, друштво за градежништво, транспорт, производство и трговија.

За управител првично беше назначен Осман Муртеза, поранешен инженер на „Трансмет“ за автопати и патишта, а сега е направена промена, па на негово место е Хасредин Ризвановиќ.

Инаку компанијата на ќерката на Кочан, заедно со уште едно физичко лице се јавуваат и како сопственик на компанијата „Технопат“, основана еден месец подоцна, а управител и во оваа компанија се јавува Муртеза.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГО БАРА ВИНОВНИКОТ

 Пресудата за „Трансмет“ стана правосилна уште пред четири години, а конфискацијата заглави попат. Во државната каса не се влева ниту евро, а прстот на вина е вперен во многумина.

Според државниот правобранител Фехми Стафа, пропусти направиле обвинителите што го воделе предметот, Гаврил Бубевски и Артан Ајро, за кои поднесе кривична пријава, а, од друга страна, пак, се истражува и неговото постапување во случајот поради сомнежи за можни пропусти од страна на Државното правобранителство.

Во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција побаравме одговор до каде се постапките за неуспешната конфискација. Оттаму, без да откријат детали, велат дека се прибира и проучува документацијата за случајот.

Во врска со постапката за конфискација за која покажувате интерес, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција активно постапува во предметот во насока на обезбедување на документацијата и проверка на сите досегашни постапувања поврзани со истата, велат од Обвинителството.

Имено, Стафа ги пријави обвинителите дека, наводно, со меѓусебен договор не презеле навремени дејствија поради кои подоцна се оневозможила конфискацијата. Обвинителите, пак, ги отфрлија обвинувањата и прстот на вина го вперија во Стафа.

Постапката за заштита на имотните интереси на државата надвор од кривичниот прогон е во надлежност на Државното правобранителство.

Тоа впрочем е истакнато и во решението на стечајниот судија, кој во текот на постапката му предочил на државниот правобранител дека дел од имотот што е предмет на стечајно побарување е предмет на конфискација со правосилна пресуда. Но, и покрај укажувањето, државниот правобранител не ги заштитил имотните интереси на државата, велат обвинителите.

Поточно, обвинителите зборуваат за улогата на правобранителството, враќајќи се кон крајот на 2019 година, во рамките на стечајната постапка, поточно на испитното рочиште одржано во Основниот суд Скопје 2.

Тогаш, наводно, државниот правобранител требало да го оспори побарувањето на „Пуцко Петрол“ што го имало кон „Трансмет“, во вредност од 1,3 милиони евра. Но, бидејќи тоа не било оспорено, дел од средствата што требало да се одлеат во државниот буџет, завршиле во „Пуцко Петрол“.

Заклучокот дека Државното правобранителство можело да го запре извршувањето, но не го сторило тоа, го наметнува и Судскиот совет.

Видно од списите приложени кон предметот, Државниот правобранител не оспорил ниту едно побарување на различен доверител иако имал законска можност за тоа “, констатирал Киро Здравев, член на Судскиот совет.

Стафа, пак, на овие обвинувања возврати дека Државното правобранителство реагирало навремено.

-Заштитник  на конфискуваниот имот е Агенцијата за управување со одземен имот. Заштитник пак на имотот на стечајниот должник во случајот „Трансмет“ е стечајниот управител. Тој истовремено ги има сите документи на сите доверители и истиот ги прифаќа или оспорува. Сите овие факти укажуваат дека државниот правобранител немал сознанија и не можел да знае и пријави стечајно побарување прво без поднесено посебно барање со пријава и докази, реплицираше Стафа.

И додека двајца се караат, третиот користи! Веќе две години заработува со возилата на Кочан, пред очите на сите.

Или, пак, можеби камионите не се развозуваат поради лукративни причини, туку едноставно да се држат во форма. Не дај боже, да хаварисаат додека дојде редот да ги земе државата!

Поврзани новости