Дури 8 писмени ургенции испратил судот за да се убрза супервештачењето за ,,Ласкарци”

by fokus

Дури осум писмени ургенции и неколку усни, испратил претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, до вештаците кои го прават супервештачењето за случајот “Ласкарци”. Ваквите ургенции биле потребни бидејќи веќе десет месеци се чека ова вештачење.

Поточно, за автобуската несреќа кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, Судот издаде наредба за супервештачење на 11 ноември 2021 година.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело. Судскиот процес за несреќата започна во септември 2019 година.

Супервештачењето кое го нарача Судот во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, а Техничкиот факултет во Битола своевремено дополнително извести и дека го вратиле предметот бидејќи нивните лиценцирани вештачи за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила. Од Кривичен потоа информираа дека контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што биле известени дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои не учествувале во претходните вештачења. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.

В.В.

Поврзани новости