Собранието на Македонија воопшто не ја почитува процедурата за носење закони особено во изминатите неколку денови, реагираат од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
-Само на 64-та седница на Собранието на Република Македонија одржана на 25 август и продолженијата одржани на 26 и 27 август на дневниот ред се најдоа 65 предлог-закони по скратена постапка од кои само пет се објавени на Единствениот електронски регистар на прописи (ЕНЕР), стои во реакцијата на МЦМС.
Од Центарот велат дека за ниту еден од објавените закони не е испочитуван минималниот рок од десет дена за консултации со јавноста.
Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 64 седница без расправа ги донесе измените и дополнувањата на Законот за личната карта, дополнувањето на Законот за личното име, измените и дополнувањата на Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија и на Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, сите по скратена постапка.