Под мотото „Едукација без дискриминација“ во Скопје денеска по 11. пат се одржа Марш на толеранција, оваа година посветен на образованието, односно против дискриминацијата во образованието.
– Нашите податоци говорат дека малолетниците се најчести сторители, но и жртви на кривични дела од омраза. Тоа говори за фактот дека тие немаат доволно свест за различностите, дека немаат толеранција за оние кои во нешто се разликуваат од нив. Во исто време заклучивме дека образованието како такво не им го дава она што им е потребно за да ги надминат тие предрасуди и стереотипи, бидејќи во самото образование, во содржините во учебниците од коишто учат се уште можеме да пронајдеме стереотипи, предрасуди за различни работи. Правиме напори, укажуваме дека наставните содржини треба да бидат соодветни на она што значи толеранција, односно прифаќање на сите различности, истакна извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска.
Таа упати апел образованието да биде насочено кон тоа да ја јакне свеста на младите за различностите со кои живеат во ова општество.
– Сметаме дека токму тоа може да придонесе да се намали бројот на инцидентите и делата од омраза во којшто најчесто се учениците и жртви и сторители, заклучи Пировска.
Драгана Дрндаревска од Коалиција „Маргини“ посочи дека отстранувањето на родовите норми во образованието е клучно за истото да се одвива под безбедни услови и учениците да бидат запознаени и да градат позитивни вредности, демократски вредности, поврзани со родовата еднаквост и почитувањето на различностите на повеќе основи.
– Дури 36 отсто од момчињата одговориле дека девојчињата би требало повеќе да се насочат да бидат добри мајки и сопруги отколку да тераат кариера. Истото го одговориле 21 отсто од девојчињата. Таткото треба да има поголем авторитет од мајката во семјеството – ова го одговориле 41 осто од момчињата и 24 отсто од девојчињата, посочи Дрндаровска, повикувајќи се на податоците добиени од истражувањето што го спроведе Коалицијата „Маргини“.
Во однос на насилството, повикувајќи се на наодите од истражувањето, таа посочи дека дури 23 отсто од момчињата ЛГБТ биле малтретирани во училиштето наспроти шест остсто од хетеросексуалните момчиња.
– Жртви на физичко насилство биле дури 21 отсто од ЛГБТ момчињата, наспроти девет отсто од хетеросексуланите момчиња. Дури 36 проценти од ЛГБТ момчињата одговориле дека сериозно размислувале за самоубиство наспроти шест отсто од хетеросексуланите момчиња. Овие податоци само укажуваат дека имаме една алармантна состојба. Нашиот образовен систем е комплетно трул, комплетно нерелевантен и не го гарантира правото на образование под еднакви услови за сите. Овие деца учат по застарени содржини, содржини кои не ги подготвуваат за живот во еднакво општество, заклучи Дрндаровска. МИА