Дури 135 пати кобниот автобус успеал да излезе од државата со погрешна лиценца

by fokus 13:16
13:16

Опожарениот автобус на „Беса Транс“, кој немал извод од лиценца, изминатите две години дури 135 пати излегол од државата.

– Во однос на прашањето за бројот на преминување на државната граница на предметниот автобус, евидентирано е дека во 2020 година истиот во 22 случаи има остварено влез – излез од државата, додека во 2021 година има остварено 113 преминувања на државната граница, одговорија за „Фокус“ од МВР.

Оттаму појаснуваат дека Одделот за гранични работи и миграции при БЈБ во МВР не е надлежно да ги проверува лиценците за превоз на автобусите на граничните премини.

-Тоа е во надлежност на Царинската управа и Државниот инспекторат за транспорт, децидни се од МВР.

Денеска од Министерството за транспорт и врски пак појаснија дека автобусот ја поминувал граница со лиценца од друг автобус на Беса Транс.

-За да појасниме, бројот 007017 е број на лиценца на превозникот Беса Транс БТБ за вршење на меѓународен превоз на патници. Бројот 22679, со кој што шпекулираат одредени медиуми, а кој бил користен од опожарениот автобус при излез од земјата, е број на извод од лиценца на друго возило, со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот Беса Транс.

Тоа подразбира дека превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило и лиценца од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Потенцираме дека за опожарениот автобус превозникот немал извадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и овој автобус не е евидентиран во електронската база на Министерството за транспорт и врски, велат од министерството.

Од МВР денеска ни одговорија и дека автобусот за прв пат бил регистриран во октомври 2020 година, а произведен во 2007 година.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости