Автобусот кој изгоре бил произведен во 2007 година

by fokus

Автобусот кој во понеделникот изгоре во Бугарија и однесе 45 животи, на компанијата „Беса Транс“, не е нов, односно од пред три години, како што се зборуваше во јавноста, туку е произведен во 2007 година.

По укажувањата на машински експерти дека не е можно нов автобус да изгори за толку краток период, „Фокус“ побара одговор од МВР кога бил произведен автобусот.

-Ве известуваме дека предметниот автобус со регистарска ознака SK 0284 BA за прв пат е регистриран во Скопје на 15.10.2020 година во сопственост на БЕСА ТРАНС БТБ ДООЕЛ. Важност на регистрацијата е до 13.10.2022. Возилото е произведено во 2007 година, ни одговорија од МВР.

Токму вчера и извршниот директор на Националната асоцијација на автобуски превозници во Бугарија, Ивајло Константинов, истакна дека изгорениот авботус бил постар од три години.

-Неговиот модел е најмногу од 2005-2008 година. Доколку сопственикот тврди дека има 3 години, можно е да постои таква практика кај македонските компании да се рециклираат стари автобуси во Турција, заменувајќи ги сите расипани делови со нови. Ова ја компромитира фабричката изолација која не гори лесно. Не се знае од какви материјали е изработена оваа изолација. Не е точно ако некој тврди дека автобусот е стар три години, рече Константинов.

И превозникот од Бугарија, Себахтин Исмаил, кој поседува нови автобуси од марката „мерцедес“, за бугарски портал појасни дека нов автобус не може да изгори за толку кратко време. Тој истакна дека новите автобуси поседувале противпожарен систем.

-Автобус произведен во 2018 година нема како да се запали. При инцидент, оваа инсталација го запира автобусот и се отвораат сите сигурносни излези. Автобусот преминува во екстремен режим. Нема начин автобусот да продолжи. Ова нe e тежок, ова е средно тежок инцидент и нема начин да се случи вакво нешто. Апсурдно е автобусот да изгори за толку кратко време , појаснуваше  Исмаил.

Валентина Вурмо

Поврзани новости