ДУП-ови

by Фокус

Откако лани удрија во Аеродром и во Ново Лисиче со огромни станбени блокови, сега, ДПМНЕ напаѓа на другата страна на градот, во Ѓорче Петров. И тоа замислете, со згради од над 60 метри и илјадници нови жители и исто толку нови возила.

Пишува: Стефан БОГОЕВ

Во изминативе 7-8 години, можеби една од главните секојдневни, јавни, но и честопати политички теми се деталните урбанистички планови, таканаречени ДУП-ови. ДУП-овите до скоро беа нешто сосема нормално, планови кои имаат за цел да го организираат и планираат живеењето во населбите.

За оние понеупатените, во деталните урбанистички планови се предвидува каде, со кои максимални висини и катности, со колку максимални квадратни метри може да се гради куќа, зграда, трговски центар, градинка или училиште.

Може да се предвиди каде и каква улица ќе има, каков парк или детско или, пак, спортско игралиште да се изгради.

ЏИНОВСКИ ЗГРАДИ

ДУП-овите имаат предвидени и вкупен број жители во населбата, податок што го влечат од ГУП (Генерален урбанистички план), кој е план од повисок ранг од ДУП-от.

Практично, во урбанизмот, ДУП е закон, ГУП е Устав. Урбанистичките планови се она што нѐ прави да живееме организирано и цивилизирано.

Основната дејност на архитектите, кои се од областа на урбанистичкото планирање, е изработката на овие планови.

Деталните урбанистички планови се можност за хумано живеење и економски развој на општината, компаниите и граѓаните.

И сето ова вака кажано личи многу здодевно, едноставно и прилично бирократски, сѐ додека не се вмеша бизнисот и политиката во урбанистичкото планирање.

Првите сериозни јавни бранувања на оваа тема се поврзани со проектот „Скопје 2014“. Се сеќавате дека режимот на ДПМНЕ во доцните ноќни часови со специјалци тепаше граѓани кај Бристол за насилно на местото на парк да изгради зграда!?

Ги гледате секојдневно оние чудовишни бетонски зданија на падините на Водно, кои како да чекаме, не дај боже, секој момент да паднат врз градот!?

Го гледате урбанистичкиот хаос што му се случува сега на Аеродром!?

Сето тоа доведе до степен граѓаните буквално да се ежат кога ќе слушнат за ДУП-ови. ДПМНЕ од нешто што треба да обезбеди хумано и урбано живеење, направи милионски бизнис и хаос.

И сега повторно, слушаме деновиве нови скандали за нови ДУП-ови, повторно донесени на итни седници, во попладневни часови, па дури и за викенди.

ДПМНЕ повторно се враќа на она што најдобро знае да го работи, да гради нови џиновски станбени згради, во кои токму нивни функционери за џабе ќе добиваат станови. На сметка на зеленило, на штета на воздухот што го дишеме.

Откако лани удрија во Аеродром и во Ново Лисиче со огромни станбени блокови, сега, ДПМНЕ напаѓа на другата страна на градот, во Ѓорче Петров. И тоа замислете, со згради од над 60 метри и илјадници нови жители и исто толку нови возила.

Деца што ќе немаат каде да играат бидејќи нема паркови, родители што ќе нема каде да паркираат бидејќи нема паркинзи, затната канализација и слаб притисок на вода, кои во иднина се неминовни поради оптоварувањето.

ДИВОГРАДБА

И ако мислите дека тоа е сѐ, се лажете. ДУП-от во Ѓорче, кој се донесе за викенд, далеку од очите на јавноста, предвидува и нови хемиски фабрики. Замислете, сред град, град во кој и онака воздухот е загаден, предвидувате нови хемиски фабрики.

Значи покрај тоа што ќе загадуваат, па и од новите шеесетметарски згради ветре нема да може да направи провев и да го исчисти воздухот! И зошто го нагласувам ова?

Затоа што во Скопје има административни граници меѓу општините, но граници во воздухот нема! Еден ветер да дувне и загадениот воздух од фабриките во Ѓорче ќе го донесе во Карпош, Центар, Аеродром, Кисела Вода…

Ако ние во нашите мандати како градоначалници садевме дрвја, подигавме нови паркови, чистевме депонии и носевме ДУП-ови за развој на неразвиените делови на градот (Злокуќани, Касарна Илинден…), овие градоначалници на ДПМНЕ повторно ја тераат истата мафијашка песна.

Историјата се повторува! Секогаш кога е ДПМНЕ на власт во општините, зеленилото и воздухот се жртва на нивните интереси измерени во квадратни метри. Лани настрадаа Аеродром и Лисиче, сега страда Ѓорче, а по она што го слушам, следна жртва ќе биде Кисела Вода.

Какво ќе биде ДПМНЕ на власт во државава, можете да процените по тоа какво е по општините.

Во Штип, секретар на општина гради дивоградба, во Битола го згрешија кружниот тек, во Прилеп градоначалник не постои, а во Скопје, на сцена се враќа урбаната мафија.

Доаѓаат претседателски и парламентарни избори. Да бидеме мудри и паметни во одлуките!

П.С. Почнаа и партиските обезбедувачи на ДПМНЕ да делат правда со тупаници низ Скопје. Баш како во времето на Мијалков и Груевски!

(Авторот е потпретседател на СДСМ)

Поврзани новости